Хрватската медицинска и воопшто научната јавност, деновиве со особено внимание го следат развојот на настаните за откривањето универзална вакцина за сите мутации на коронавирусот. Не само поради актуелноста на ова научно откритие во период на сериозно соочување со последиците од пандемијата туку, пред сѐ, поради фактот дека и хрватските медицински работници дадоа свој удел во него
Уделот на хрватските медицински работници во голема меѓународна научна студија за ковид-19
Научниците и медицинските работници од западниот свет се на прагот на дефинитивно откривање успешна вакцина против пандемијата на 21 век. Упатените укажуваат дека развојот на нова вакцина во нормални услови би траел околу десет години, но бидејќи пандемијата на коронавирусот ја парализира целата економија и предизвика многубројни медицински проблеми, светот започнаа со забрзан развој на вакцина. Западните експерти предвидуваат дека ефикасна вакцина против ковид-19 ќе биде достапна на почетокот од следната година или можеби веќе на крајот на оваа година.
Моментално има 30 вакцини што се во клиничка фаза на истражување и 139 во претклиничка фаза. Од тие триесетина вакцини во клиничката фаза, седум се многу понапредни и се тестираат на стотици илјади луѓе низ светот.
Но брзото ширење на вирусот САРС-КоВ-2, кој ја предизвикува болеста ковид-19, честопати предизвикува дилеми дали научниците ќе успеат да создадат универзална вакцина што ќе биде ефективна за сите мутации на вирусот. Како што е досега веќе добро познато, вирусот може да мутира кај одредена личност и овие варијанти се шират низ популацијата и времето, отворајќи им дополнителни проблеми на здравствените работници.
Соочувајќи се со таквата ситуација, истражувачи од целиот свет повторно се обединија околу големиот проект на научниците од американскиот институт за истражување „Волтер рид арми“ (ВРАИР). Конечниот резултат на ова големо истражување е тврдењето на водачите на проектот дека коронавирусот во светот не мутирал значително при што сугерираат дека иста вакцина може да биде ефикасна за сите заразени.
Она што е особено интересно за хрватската јавност, но се разбира и за пошироката, пред сѐ, балканска јавност, е фактот дека Хрватска активно учествуваше во овој проект, меѓу другото и со давање примероци за анализа од заразени лица од ковид-19 во текот на март годинава.
Имено, домашната хрватска јавност со особено интересирање ја прими информацијата дека во студијата, предводена од научниците д-р Морган Роланд и д-р Кајвон Модјарад, беа анализирани примероци на повеќе од 27.000 лица што биле заразени со коронавирус низ светот, вклучувајќи ги и оние земени од Хрватска во март 2020 година.
За да ја утврдат мутацијата на вирусот САРС-КоВ-2 од избувнувањето на пандемијата, истражувачите споредиле дури 18.514 независни геномски секвенци на вирусот собрани од 84 земји низ светот. Сите овие примероци биле проучени и во нив се бараат варијации индикативни за мутацијата. Нивната анализа откри ниска процена на генетската диференцијација кај коронавирусите од првичната епидемија на пандемијата до денес.
Вирусот САРС-КоВ-2, според оваа студија, која веќе е публикувана во еминентни светски научни списанија, повеќе мутирал, и тоа како резултат на случајна постапка, а не со адаптација кон човечките домаќини што ги напаѓа.
Претходно, истражувачите од лабораториите во Лос Аламос во Мексико и универзитетот „Дјук“ во Северна Каролина тврдеа дека генетската верзија на вирусот САРС-КоВ-2 е поспособна да ги инфицира човечките клетки отколку оригиналната форма што се појави во Кина. Таа единствена значајна мутација, наречена „Д614Г“, која е сместена протеинот што го создава врвот на вирусот и го користи за пробивање во нашите клетки, се појави по почетокот на епидемијата во Вухан, веројатно во Италија. Сега се забележува дури во 97 отсто од примероците во целиот свет.
– Како и во другите студии, забележавме дека мутацијата „Д614Г“ во С-шилестите протеини нагло е зголемена од почетокот на пандемијата, но не можеме да ја поврземе оваа мутација со специфичните адаптивни сили на вирусот. Кога вирусите се размножуваат и се шират меѓу луѓето, очекуваме мутации, а некои може да се санираат многу брзо – изјави Морган Роланд.
Научниот тим сугерира дека со оглед на ниското ниво на генетска варијација, потенцијалниот кандидат за вакцина, најверојатно, ќе биде еднакво ефикасен и против сите тековно циркулирачки видови коронавируси.
– Примероците покажуваат дека вирусот САРС-КоВ-2 е помалку разновиден од вирусите на ХИВ и грипот. Затоа може да бидеме претпазливи оптимисти и да кажеме дека вирусната разновидност нема да биде пречка во развојот на вакцината со широк спектар против инфекција со ковид-19 – истакнаа од истражувачкиот тим.
Ангел Митревски дописник на „Нова Македонија“ од Хрватска