Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЗАВРШНИЦА НА СЕДМИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Со вчерашниот втор круг завршија седмите локални избори во Македонија. Генерално, оцените се дека изборите поминаа во фер и демократска атмосфера, со мали забелешки и нерегуларности. Официјално, ДИК има рок од 12 часа да ги објави официјалните резултати од гласањето, иако, според првичните сигнали од одработен значителен процент од избирачките места, впечатливо е дека опозицијата ја зголеми предноста на освоени градоначалнички места наспроти кандидатите од власта.
Според последните податоци објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, во градот Скопје убедливо води независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, пред Петре Шилегов од СДСМ.
Инаку, според процена од изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, нивните кандидати веќе победиле во Охрид, Брвеница, Радовиш, Гевгелија, Зелениково, Битола, Василево, Ресен, Ново Село, Чешиново и Лозово, Вевчани Демир Хисар, Конче, Кочани, Кратово, Македонска Каменица, Македонски Брод и Пехчево.
Теута Арифи од ДУИ е првиот политичар на овие избори што призна пораз и му упати честитка на противкандидатот Билал Касами од Беса. Стевчо Јакимовски, пак, прогласи победа во Карпош.


Мицкоски: Промените почнуваат од вечерва

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, некаде околу 22 часот излезе на прес-конференција во партиското седиште. Тој рече дека Македонија е преважна за мали соништа, дека стравот никогаш не ја гради иднината, но надежта да.
– Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Промените започнуваат од вечерава. Сите заедно за нова иднина. Заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој 30 години сонуваме, а никако да го оствариме. Ова е денот од кога почнуваат промените кон подобро, промени на имиџот на државата, промени за обединување за подобар живот и подобар стандард. Ова е убедлива победа, победа на народот на Македонија. Една е за сите нашата Македонија, сплотена и заедничка – посочи Мицкоски.
Тој посочи дека докажале дека широк опозициски фронт е можен.
– И покрај разликите, можеме да се обединиме околу заедничка цел. Македонија без корупција, за која ќе се трудиме да биде интегрирана во ЕУ. Опозициски блок е извесен, кој ќе донесе победа на следните парламентарни избори, кои веќе е сигурно дека ќе бидат предвремени – заклучи тој.
– Да ѝ ја честитам победата на независната кандидатка поддржана од коалицијата Данела Арсовска за градоначалник на Скопје – посочи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека докажале дека широк опозициски фронт е можен.
– И покрај разликите, можеме да се обединиме околу заедничка цел. Македонија без корупција, за која ќе се трудиме да биде интегрирана во ЕУ. Опозициски блок е извесен, кој ќе донесе победа на следните парламентарни избори, кои веќе е сигурно дека ќе бидат предвремени – заклучи тој.
– Да ѝ ја честитам победата на независната кандидатка поддржана од коалицијата Данела Арсовска за градоначалник на Скопје – посочи Мискоски.
Независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, некаде околу 22 часот излезе на прес-конференција и им се заблагодари на сите што ја поддржале нејзината визија да живеат во подобро и модерно Скопје.


Заев: Поднесувам оставка од премиер и од претседател на сдсм

Им ја честитам победата на опонентите. Ја преземам одговорноста за ваквиот резултат. Поднесувам оставка од позицијата премиер и претседател на СДСМ.
Ова, нешто по 22 часот, го соопшти премиерот Зоран Заев на прес-конференција.
– Изразувам почит до сите вас, прогресивен мој народе. За нас прогресивните дојде политичка казна. Без видливи многу пари на терен од опозицијата, дојдени од надвор. Има разочараност кај мене, мнозинството од народот ги избраа истите луѓе што пред четири години сакаа и тргнаа да убиваат. Некои од нив се избрани за градоначалници и за советници во општините и градот Скопје. Се здружија без каков било образ за власт и пари. Воопшто не е тешко заминувањето од политика, тешка е помислата на одлуката на нашиот народ. Сум донел слобода и демократија во нашата земја. А правилото е дека треба да има преземање одговорност. Со ова сакам да оставам печат за народот. Времето ќе покаже. Ред е граѓаните да поддржуваат политичари што имаат храброст да носат важни одлуки, без да се грижат за својата фотелја – посочи Заев.

Според него, не треба да има предвремени парламентарни избори.
– Ќе останам периодов да се реорганизира нова влада -заклучи тој.
Петре Шилегов ѝ честита на Арсовска за изборот за градоначалник и им се заблагодари на сите што учествувале во кампањата.
– Скопје го оставивме во позиција неговиот развој да мора да помине. Ќе бидеме тука за сите прогресивни сили, нема да дозволиме силувања на градот како и во минатото. На крајот од мандатот мислам дека Скопје успеавме да го свртиме во еден правец, од кој враќање ќе нема – посочи тој.