Атинскиот весник „Катимерини“ неодамна објави информација, која вели дека Атина и Вашингтон разгледуваат можности за развој на билатерална соработка во сферата на одбраната, што би вклучувала и засилено американско воено присуство во земјата. Тоа засилено присуство би вклучувало распоредување американски ракетни системи во Грција и стационирање беспилотни летала и т.н. авиони-танкери на Военото воздухопловство на САД, во базата близу Лариса

Најмоќната воена држава на Балканот и македонскиот непосреден јужен сосед, иако и двете се членки на НАТО, изминатиов период личеа на Америка и на Русија од времето на Студената војна бидејќи влегуваат во трка за вооружување со супермодерни ракети.
Првата, Турција, се стреми да инсталира руски ракетни системи „с-400“ вредни над 2,5 милијарди долари, а втората, Грција, на своја почва сака да ги монтира американските ракети „патриот“, кои исто така се вредни неколку милијарди долари.
Хронолошки гледано наназад, посвежиот пример за развој на овие случувања доаѓа од Грција. Атинскиот весник „Катимерини“ неодамна објави информација, која вели дека Атина и Вашингтон разгледуваат можности за развој на билатерална соработка во сферата на одбраната, што би вклучувала и засилено американско воено присуство во земјата.

Според весникот, тоа засилено присуство би вклучувало распоредување американски ракетни системи во Грција и стационирање беспилотни летала и т.н. авиони-танкери на Военото воздухопловство на САД, во базата близу Лариса.

– Покрај ова, се разгледува можноста и за поголемо учество на американски војници во вежби на грчката армија, вклучувајќи и зголемување на обемот на заедничките воени маневри „Иниохос“ – пишува „Катимерини“.

Во рамките на ваквата соработка, Атина се надева и на зголемено присуство на американски воени бродови во грчките пристаништа во Егејско Море.
– Дека работите се развиваат во тој правец е доказ и пристигнувањето на американскиот брод разурнувач од класата „арли брук“ на 13 април во пристаништето Пиреа, кој е своевидна демонстрација за интензивирање на грчко-американската воена соработка – пишува „Катимерини“.

Во меѓувреме, месецов во Конгресот на САД беше најавено усвојување на закон за партнерство за безбедност и енергетика во Источниот Медитеран, чија идеја е обезбедување американска воена и дипломатска поддршка за Грција и Кипар.
Од друга страна, американскиот магазин „Нешнл хералд“ во своја анализа на оваа тема информира дека релациите меѓу Турција и САД одат во надолна линија особено по одлуката на Анкара во 2017 година да набави руски ракетни системи „с-400“.
Според магазинот, Вашингтон во овие моменти сака да ја убеди Турција да го купи американскиот ракетен систем наместо рускиот „с-400“.

„Нешнл хералд“, аргументите на Америка за спречување на турската набавка на оружје ги поддржува со изјавите на Кети Вилбагер, која е заменик-помошник државна секретарка за одбрана и интернационална безбедност и која за медиумот објаснила дека руските ракетни системи „с-400“ што Анкара сака да ги набави се компјутер што едноставно не може да се приклучи на компјутерскиот систем на противникот бидејќи тоа не функционира така.

Во контекст на овие актуелни случувања, од македонска перспектива за забележување се и пишувањата на телевизијата Еуроактив, која цитирајќи изјава на бизнисменот Константинос Михалос, кој е претседател на Стопанската комора на Атина, стигнува до заклучок што вели дека со договорот за името на Северна Македонија се оттргнува турското влијание и со истиот чин се зголемува улогата на Атина во поширокиот Балкан.

– Со Преспанскиот договор имам чувство дека го уништивме турското влијание, кое изминатите години растеше. Тоа исто така ни даде можност нашата држава да игра подоминантна улога на Балканот – изјавил Михалос.

Во прилогот на Еуроактив се потсетува дека бизнисменот Михалос бил дел од 143 бизнис-делегации, кои во последната посета на Скопје го придружувале премиерот на Грција Алексис Ципрас.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски смета дека иако последните случувања директно не ја погодуваат Македонија, тие сепак индиректно влијаат врз нашата и регионална безбедност.

– Со последната епизода на тешко вооружување со ракетни системи на двете балкански држави се потврдува тезата дека нашиот регион, сакале ние или не, се наоѓа на линија на огнот меѓу САД и Русија – вели Стефаноски.

Аналитичарот се надева дека оваа ситуација нема да прерасне во посериозно безбедносно размрдување на регионот бидејќи и двете инволвирани страни се членки на НАТО и уживаат голем углед во меѓународната заедница.

– За нашата држава во овој момент е битно да не си ги нарушиме релациите ниту со Атина ниту со Анкара, туку преку нашата дипломатија да се обидеме да ги смириме страстите кај двата стратегиски балкански партнери – вели аналитичарот.


Ракетното ривалство – стара приказна на Балканот

За потсетување, ова не е првиот случај на трка за вооружување со ракети што е регистриран на Балканот изминативе години. Пред две години, во слични случувања како сегашните меѓу Турција и Грција беа инволвирани Србија и Хрватска, но со многу послаби оружја. Тогаш, државниот врв во Белград најави дека за потребите на својата армија планира да купи руски ракети „с-300“, а Владата во Загреб, пак, се обиде преку американска донација да ги набави американските ракетни системи „М270-МЛР“. За среќа, по долгорочни политички расправии на адресата Белград – Загреб и интервенирање на меѓународната заедница, набавката на ракетните системи никогаш не се случи, а сето тоа остана само во доменот на најавите во медиумите.

[email protected]