Напредокот на Балканот кон ЕУ и НАТО е соочен со тројна закана – руското влијание, внатрешните слабости на демократија на Западен Балкан и актуелната американска политика кон  регионот, заклучија учесниците на конференцијата на Универзитетот „Џон Хопкинс” во Вашингтон.

На конференцијата посветена на овој регион беше истакнато дека ако договорот меѓу Грција и Македонија во врска со името и формално се реализира, членството на Македонија во НАТО и ЕУ може да биде забрзано, а што не и оди во корист на Русија, пренесува Гласот на Америка.

Професорот Едвард Џозеф смета дека таа вест „сигурно не ја израдувала Русија”, но, тој не мисли оти новиот развој на случувањата нужно ќе го зголеми притисок на Русија врз Србија, која останува воено неутрална. 
  
– Русија го гледа НАТО како непријател, но тоа е нејзин проблем и не треба да стане проблем на Србија, вели Џозеф. 

Според него, Србија ќе одлучи што ќе прави и не мора да стане земја-членка, но, додаде Џозеф, факт е дека нејзините соседи Хрватска и Црна Гора се веќе во НАТО, а Македонија е на тој пат.

– Затоа, Русија може да изврши притисок врз Србија, но, исто така, може да признае дека изгубила- вели Џозеф.

Професорот на Универзитетот „Џон Хопкинс” и експерт за Балканот, Даниел Сервер изјави дека го разбира флертувањето на Белград со Москва, но,  треба јасно да се утврди што е навистина во интерес на Србија.

– Моето мислење е дека интересот е на Запад. Слушнавме  тука од амбасадорот на Србија дека 99 проценти Срби, кога би  имале избор, би студирале и работеле на Запад, а не во Москва. И зошто е тоа така? Западот едноставно има повеќе да понуди- заклучи Сервер.

Американскиот дипломат Томас Кантримен смета дека  не е проблемот само во натпревар меѓу  Вашингтон, Москва и Брисел, туку во тоа што во земјите од Западен Балкан се уште има корупција, а нема владеење на правото и слобода на медиуми.

Поранешниот функционер на црногорската влада Небојша Тодоровиќ, кој на Универзитетот „Џон  Хопкинс“ прави  истражување за руската политика во регионот рече дека Балканот за Русија е само едно од многуте боиштата ширум светот и дека меѓу нив не постои братска љубов, туку само интерес.

На конференцијата на Балканот беше и поранешниот заменик-помошник на државниот секретар на САД, а во моментов дипломат без ангажман, Хојт Брајан Ји, добитник на наградата „Медитеран Лидершип” за 2018 година, поради извонредните достигнувања за време на неговиот мандат.

 Хојт Ји, кој во текот на целата своја кариера се занимава со Балканот, шеговито опиша како тоа влијае врз американските дипломати. 

– За американски дипломат  занимавањето со  Балканот почнува како хоби, а потоа се претвора во зависност, а завршува како болест- изјави Хојт Ји, пренесува Гласот на Америка.