Речиси две децении во Македонија се практикува пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Во меѓувреме, со години се јавуваат сериозни и аргументирани предлози од различни субјекти за потребата од промена на изборниот модел, воведување една изборна единица и отворени листи, што би придонело за поголема изворна демократизација на државата. Последната ваква иницијатива беше пласирана неодамна од група пратеници од повеќе политички партии. Тргнувајќи од важноста и актуелноста на темата и за детално запознавање на јавноста со оваа проблематика, нашиот весник, потпирајќи се на научно фундирани докази, експертски анализи и искуствени практики, во неколку продолженија ќе ги претстави сите видови изборни системи и модели заедно со нивните карактеристики
Една од (не)популарните изјави во врска со изборите и изборната демократија е дека не е важно кој гласа, туку кој и како ги брои гласовите. Изјавата му се припишува на Сталин, но сепак неизбежен факт е дека изборните резултати, успешноста на изборите (особено на парламентарни) и, конечно, демократичноста на целиот изборен процес во голема мера зависат и од тоа со кој метод, односно со каква пресметка гласовите од избирачкото тело се претвораат во мандати. Според теоријата на изборните системи, постојат повеќе методи за пресметување на гласовите во мандати, но тие најчесто се применуваат во зависност од типот на изборниот систем (пропорционален, мнозински, мешан), како и од типот на изборни листи (отворена, затворена, комбинирана).
Од 2002 година, во Македонија, се применува пропорционалниот изборен систем, со затворени листи во шест изборни единици, а мандатите се пресметуваат со Донтовиот метод. При воведувањето на овој изборен систем и метод на пресметување на мандатите, се сметаше дека тие ќе ја одразат реалната слика на изборното расположение во земјата, односно реално ќе ги одразат гласовите. По 17 години, сѐ погласни и поактуелни се иницијативите за промени на изборниот модел, кои главно доаѓаат од помалите партии на македонската политичка сцена, кои, според овој начин на спроведување избори, за да добијат место во парламентот, реално треба да коалицираат со големите партии. Односно, претставниците од помалите партии треба предизборно да влезат на листите на поголемите партии. Главно сите аналитичари и познавачи на изборните системи се согласуваат дека сегашниот изборен пропорционален модел со шест изборни единици и Донтовиот метод на пресметување на гласовите не се поволни за малите партии.
Токму затоа и иницијативите за промена на Изборниот законик со промена на изборниот модел доаѓаат од претставници на помалите како парламентарни, така и вонпарламентарни партии. Во повеќето различни иницијативи, заеднички елемент е барањето шесте изборни единици да преминат во една изборна единица, додека за идејата за воведување отворени листи и методите на пресметување на гласовите во мандати е оставен простор за дискусија.
– На сите што партиципираат и настојуваат да се факторизираат во македонскиот политички живот јасно им е дека е потребна промена во начинот на спроведување на изборите, односно за поголем демократски и пореален одраз на волјата на гласачите. Веќе во голема мера се искристализирани барањата за една изборна единица и воведување отворени изборни листи. Сега е потребен договор за тоа со која промена првично да се започне, зашто со воведување две модификации во еден изборен циклус реално е да се очекува да се случат повеќе пропусти – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Во барањата за спроведување фер и подемократски избори, наведени во барањето што го објавија осум вонпарламентарни партии, меѓу другото (една изборна единица, без долен праг и отворени листи) се предлага и Донтовиот модел за претворање на гласовите во мандати да се замени со Сентлаговиот модел.
– Сентлаговиот модел дава мала предност на средните партии, за разлика од првиот (Донтовиот), кој исклучиво ги фаворизира големите партии. На овој начин ќе се овозможи да бидат претставени и повеќето од 100.000 граѓани, кои во сегашниве услови, иако гласаат, не добиваат ниту еден свој пратеник. Тоа ќе отвори простор за вистинска парламентарна демократија и ќе ги отстрани непринципиелните предизборни коалиции, кои во многу земји се укинати со закон – сметаат подносителите на иницијативата.
Политичката теорија, покрај Донтовиот и Сентлаговиот модел за факторизирање на освоените гласови на избори во мандати, ги наведува уште и моделите на Хер-Нимјер, како и Хагенбах-Бишоф, но аналитичарите велат дека изборот на моделот во најголема мера зависи од типот на изборните листи.
– Одлуката за воведување отворени изборни листи, отвора многу комбинации, односно пред се ги дава насоките кон оптимален избор на метод за пресметување на гласовите во мандати. Во принцип, Донтовиот метод е во голема мера прецизен и реално го одредува односот на мандатите спрема освоените гласови. Може да се каже дека промашува на мали количници, но и другите методи имаат можеби уште повеќе слабости, во различно поставени комбинации на изборни модели – вели аналитичарот Петар Арсовски.
Отворените изборни листи, кои во принцип му оставаат можност на гласачот самиот да го направи редоследот на својот избор, кој не мора да се совпаѓа со понудениот од партијата, од друга страна, пак, отвора простор и за многу комбинации што му даваат нови варијации на изборниот модел. Постојат варијанти на изборни листи каде што на гласачот му се остава самиот да ги подреди кандидатите, според своите согледувања.
Втора можност е гласачот на предложената изборна листа да означи кој од кандидатите му се допаѓа, а кој не му се допаѓа. Постои и варијантата на преференцијални гласови, а притоа со договорениот изборен модел е одредено за колку кандидати може да се заокружат, т.е. гласачот да ги преферира. Има и хибридни модели, во кои партијата може да одреди дека одреден број места на листата (на пример, носителот и кандидатите до петтото место) не се менуваат, а гласачот може да го менува распоредот на листата кај подолу рангираните кандидати… Сепак, и при отворените изборни листи, гласачот прво се одлучува за изборната листа на партијата, а потоа одлучува за прераспоредување на кандидатите. Во секој случај, одлуката за отворени изборни листи го условува и изборот на методите за факторизирање на гласовите во мандати.
(Продолжува)