Ова е историски момент за Македонија што гледа кон иднината. Се базира врз Преспанскиот договор потпишан со Грција и треба да се реши само последното прашање. Се наоѓаме пред фазата на клучниот референдум со кој ќе се реши најбитното нешто за Македонија, а тоа е иднината во евроатлантската заедница кон која македонскиот народ гледа со позитивен став, порача италијанската министерка за одбрана Елизабета Трента по денешната средба со нејзината колешка Радмила Шекеринска во Скопје.
Нагласи дека ова е нејзина прва посета на Македонија и на Балканот, со кого Италија одржува традиционално пријателски односи, и додаде дека сакала да ја почне токму од Македонија, бидејќи земјата се наоѓа во еден посебен, многу сериозен момент.
– Гледам навистина големи шанси за во иднина за Македонија и за нејзините граѓани на кои им посакувам се најубаво. Италија отсекогаш е убедена дека нашата иднина е заедничка во евроатлантската заедница, а тоа значи припаѓање кон заедничките вредности, принципи на демократија, право, владеење на правото и солидарен однос кон сите заеднички предизвици. Прогресите кои ги направивте се долги и несомнени пред се во областа на внатрешните реформи и односите со соседите. Италија се надева дека ќе може полека Македонија да напредува кон финалната цел за полно учество во евроатлантските институции, рече Трента.
Нагласи дека Италија е заинтересирана за зајакнување на воената соработка меѓу двете земји и додаде дека за тоа има солидна база.
– Вооружените сили на Македонија секогаш ќе можат да сметаат на италијанските вооружени сили како расположлив партнер кој секогаш сака да биде покрај вас во процесот на трансформација и модернизација. Би сакале да развиеме потесна соработка на оперативен план, на план на обука и вежби, како и соработка во зоните на криза, рече Трента и искажа задоволство од македонското учество во мисијата УНИФИЛД во Либан каде неодамна Италија ја презеде командата.
Министерката Шекеринска се заблагодари за постојаната, искрена и многу јасна поддршка која Италија и ја дава на Македонија, а особено, како што рече, во вакви моменти кои ја обликуваат нашата иднина, но и иднината на Балканот.
– Македонија на Самитот на НАТО во Брисел почувствува што значи најмоќните земји во светот и со дело и со збор да покажат дека навистина ги ценат сите наши напори и сета посветеност оваа земја да ја ослободиме од изолација, страв, бесперспективност и да поставиме нови стандарди за тоа што значи добрососедство, соработка, владеење на право, реформи, заеднички успех и напредок на целиот регион. Сега сме поблиску до Алијансата од било кога порано. Сега успеавме во напорите кои во 2008 година не вродија со плод. На потег се македонските граѓани кои ќе ја потврдат својата недвосмислена определба за ова моќно сојузништво, рече Шекеринска.
Посочи дека Македонија и Италија имаат одлична соработка која се надградува и додаде дека на крајот на годинава, земјава ќе го зголеми учеството во мисијата УНИФИЛД со двајца штабни офицери во рамките на италијанскиот контигент.
– Италија со обезбедувањето на овие две позиции за АРМ покажа дека е убедена во капацитетите и способностите на припадниците на АРМ и дека кога говориме за наша соработка, партнерство интероперабилност со земјите членки на НАТО тоа не се само зборови и флоскули, туку се реалност и се дело. Патот кон просперитетна држава треба да го потврдиме на 30 септември. Убедена сум дека граѓаните на овој клучен датум за иднината на земјата ќе одлучат да бидеме безбедна, сигурна и просперитетна држава интегрирана во двата најмоќни сојузии на денешнината, потенцира Шекеринска.