Доколку во најскоро време не се најде соодветен медицински кадар од лекари специјалисти, Службата за ургентна медицина во Клиничката болница во Битола, која е една од најоптоварените и која е секогаш прва на удар на пациентите, ќе мора по сила на законот да се затвори. Од шест лекари специјалисти, колку што работеа порано во споменатата служба, поради пензионирање е останат само уште еден. Но за да биде состојбата позагрижувачка, и тој за два месеци ќе мора по сила на законот да оди во пензија, па, така, Ургентна медицина ќе остане без лекар специјалист и само со еден општ лекар…
Хроничен недостиг од лекари специјалисти во Клиничката болница во Битола
Во Службата за ургентна медицина во Клиничката болница во Битола од шест лекари специјалисти, колку што работеа порано, поради пензионирање е останат само уште еден. Имено, тоа е актуелниот началник на оваа служба, Миле Наумовски. Тој во моментот е единствен лекар специјалист што работи во Службата за ургентна медицина. Но за да биде состојбата позагрижувачка, и тој за два месеца ќе мора по сила на законот да оди во пензија, па, така, Ургентна медицина ќе остане без лекар специјалист и само со еден општ лекар.
Има недостиг од специјалисти, но има и револт кај некои од вработените специјалисти
Во една таква сложена ситуација, за да не дојде до затворање на службата, раководството на болницата реши лекарите специјалисти од другите одделенија да се менуваат на дежурство по 24 часа во Ургентна медицина, што предизвика револт кај дел од лекарите специјалисти.
Свесни сме за тешката состојба во која се наоѓа Службата за ургентна медицина, но и ние сме во тешка состојба кога станува збор за недостиг од медицински кадар. Поради немање замена, буквално се отепавме од работа – ни вели еден од лекарите специјалисти во Клиничката болница, кој за два месеца заминува во пензија.
Проблемот со недостигот од медицински кадар, особено од лекари специјалисти во Клиничката болница во Битола се чувствува веќе подолго време, но и покрај неколкуте специјализации тој не е решен, а, како што стојат работите, овој проблем нема да биде решен ни во скоро време. Согледувајќи ја ваквата непријатна и непосакувана ситуација, голем број познати лекари специјалисти во Клиничката болница, кои иако ги исполнуваа условите за пензија, го продолжија својот работен однос до максимално дозволениот рок.
За жал, наскоро во Клиничката болница во Битола сепак ќе се пензионираат уште неколку лекари специјалисти, па состојбата уште повеќе ќе се влоши, а млади специјалисти нема.
Дефицит од специјалистички кадар и за хирургија, неврохирургија, урологија,
физикална терапија…
Кога станува збор за медицинскиот кадар, секаде во светот за него се води голема грижа. Тој не се создава прекуноќ. Напротив, тој се планира со години, да не речам со децении однапред. Но кај нас тој проблем отсекогаш бил на маргините и сега ни се удри од главата – ни вели еден од познатите битолски лекари специјалисти.
Во Клиничката болница во Битола состојбата со специјалистичкиот медицински кадар, покрај во Службата за ургентна медицина, најлоша е и во хирургија, каде што од 15 хирурзи, колку што порано работеа, сега, поради пензионирање или смрт на некои хирурзи, се останати само уште неколкумина, од кои двајца наскоро, по сила на законот, ќе мора да се пензионираат.
Мошне загрижувачка е состојбата и во Службата за неврохирургија, каде што, според нашите соговорници, е останат само уште еден лекар специјалист, колку што има и во Службата за урологија. Ништо подобра не е состојбата во Службата за физикална терапија, каде што по пензионирањето на неколку лекари специјалисти, има само уште еден лекар специјалист, а загрижувачка е состојбата и во Службата за ноенатологија.
До ваквата состојба со лекарите специјалисти во Клиничката болница во Битола дојде поради тоа што цела генерација познати битолски лекари специјалисти заминаа или се подготвуваат да заминат во пензија, како и неколкуте смртни случаи на лекари, а тука е, секако, и погрешната политика со специјализацијата на медицинскиот персонал.
Недостигот од специјалисти во ЈЗУ Клиничка болница е настанат некои 15 години наназад, со неправилно менаџирање на кадарот, немање вработувања и непланско праќање на специјализација. Во моментот наведените одделенија се покриени со специјалисти од други установи, кои доаѓаат за работа во Клиничката болница во Битола, а нашата организација има доволен број лекари испратени на специјализација во последните три години по истите специјалности. За жал, времето за станување специјалист во зависност од специјалноста е од пет до седум години и оттука е настанатиот вакуум во овој момент.
Во однос на прашањето за Одделението на ургентна медицина, во моментот е организирано како и претходно, но, за жал, се јавува потреба од дополнителен специјалистички персонал. Ниеден од вработените не е принуден да дежура во Одделението по ургентна медицина, туку ќе настапи преорганизација на работата, како што е и во другите здравствени установи. Дежурствата ќе бидат покриени со специјалист лекар и лекар по општа медицина, кој со искуството може да ја извршува работата за прием и тријажа на пациенти во Одделението по ургентна медицина.
Во моментот и по оваа специјалност КБ Битола веќе има испратено лекари на специјализација. Она што е важно да се знае, за да ја смириме јавноста, е дека болницата има 24 часа покриеност со дежурни служби и сите пациенти се адекватно згрижени – изјави Билјана Гагачевска, директорката на Клиничка болница, во врска со овој проблем со недостиг од лекари специјалисти.