Според економските аналитичари, повеќето економски пакети за помош на бизнис-секторот досега треба да придонесат и за побрза транзиција на неформалната во формална економија, односно да ги поттикнат фирмите да се регистрираат и на тој начин да остварат право за евентуална помош и поддршка од државата во иднина
Ќе имаат ли пакет мерките
против пандемијата двоен ефект?
Состојбата на пазарот на трудот се влошува, бројот на вработени лица според анкетата за работна сила е намален за околу 25 илјади, а вкупно 60 илјади луѓе останале без работа. Многу сектори се силно погодени од пандемијата, но постојат и друга група што се засегнати од кризата, а никаде не се евидентирани. Тоа се хонорарците, малите дејности и стопанственици, занаетчиите, оние што имаат неформален доход. Сите тие, бидејки спаѓаат во сивата економија, не се опфатени со владиниот пакет мерки. Колку пандемијата и пакетите за помош придонесоа да се победи сивата економија, дали помошта што ја нуди државата ги поттикна и мотивира оние од неформалниот сектор да се евидентираат и регистрираат, како сите други што редовно плаќаат даноци и да си обезбедат помош во ковид-кризата?
Поголема дигитализација, помалку сива економија
Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека најголем дел од мерките требало да бидат поврзани со приходите што се остваруваат, а да не се поврзани со определени дејности.
– Неформалната економија континуирано се намалува меѓутоа нивото е 25 до 28 отсто, ако го префрлиме тоа на делот на работната сила, тоа значи дека една третина од таа работна сила или работи во неформалниот сектор или работи формално меѓутоа дополнително неформално, или е пензионер што работи некаде во тој дел од економијата, и тоа е реален проблем во нашата држава – смета Треновски.
Според даночниот експерт Павле Гацов, нашата држава нема системски напори да ја победи сивата економија.
– За време на пандемијата, можеше државата да даде услов, да мора да се дигитализираат фирмите, за да се користи некаква помош, со што би имало двострани бенефиции. И работниците ќе добиеја помош, и неформалниот сектор ќе се намалеше. Потоа, не се успеа да се истиснат готовите пари од оптек, тие се неноминирани, исчезнуваат откога ќе му ги дадете некому, треба системски да се поведат готовите пари, односно да се ограничи нивното употребување. Дигиталните пари оставаат трага, на таков начин ако ги притисневме градежните работници, мајсторите, личните услуги итн. да ги убедевме дека затоа што добиваат бенефиции и поддршка, мора да се формализирааат, на тој начин ќе успеевме многу поголем број субјекти да ставиме во економијата – нагласува Гацов.
Пропуштената шанса
Како што појаснува тој, тоа се потенцијални даночни обврзници во иднина, потоа квалитетот на дигитализацијата е влијание врз корупцијата, и тоа обратно пропорционално, поголема дигитализација, помала корупција, бидејќи ќе може да се следат парите.
– Сметам дека тука пропуштивме подобрување во делот за сивата економија и треба сериозен концепт за борба против истата таа – додава Гацов.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, нагласува дека пакет мерките беа креирани да им помогнат на тие што одговорно придонесуваат кон општото добро со своето работење, односно регистрирано водат бизнис или остваруваат приходи од други дејности.
– Од условите и критериумите за аплицирање на мерките за помош може да се сфати дека „пораката“ е јасна – само легално одговорните можат да добијат помош, така што сакам да верувам дека пакет мерките поттикнаа многу економски оператори и луѓе да ја избегнат сивата зона – смета Бошков.
Има повеќе елементи што придонесуваат или што влијаат на зголемување на сивата економија во земјава.
И лошата законска регулатива ја поттикнува сивата економија
Според Бошков, еден од поттикнувачите е и самата законска регулатива, чија примена кај регулираните компании понекогаш е поштетна.
– Доколку некоја компанија не ги испочитува сите законски одредби, може да се случи да пропушти некоја одредба, а притоа казната е многу голема, што понекогаш влијае демотивирачки кај компаниите, кои сметаат дека доколку работат непријавено, не би добиле казна – вели Бошков.
Токму поради ова, додава тој, треба да се зголеми контролата, или да се зголемат инспекциите на терен, но притоа мора да се регулира и да се контролира кај сите субјекти, и кај непријавените и кај нерегистрираните, не само кај оние што работат во согласност со законите
– Има различни причини поради кои луѓето работат непријавени, некои не се согласуваат со начинот на кој се трошат јавните пари, некои не сметаат дека се дел од ова општество и дека треба да придонесуваат, други сакаат да го изиграат системот, трети имаат социјално осигурување, па не сакаат да плаќаат за придонеси и платата ја земаат на рака. Сето ова придонесува за опстојување на сивата економија – истакнува Бошков.
На површина излегоа структурните нееднаквости и ранливоста на пазарот на трудот
Деспина Туманоска од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, вели дека пандемијата ги изнесе на површина структурните нееднаквости и ранливоста на пазарот на трудот, така што одредени групи работници беа потешко погодени во споредба со други.
– Меѓу најпогодените секако се неформалните работници, за кои рестриктивните мерки и намалената економска активност значеа сериозно загрозување на нивниот опстанок. Нашите пресметки покажуваат дека во текот на пандемијата, поконкретно вториот и третиот квартал од 2020 година, речиси 23 илјади неформални работници го изгубија своето работно место. Дополнително, бројот на одработени часови се намали за 33 отсто, а заработениот доход беше понизок за 12,5 отсто – споменува Туманоска
Таа додава дека и покрај силниот удар, неформалните работници не беа опфатени со клучната мерка „14.500 денари по вработен“, која беше насочена само кон работниците во формалната економија.
– Но нашите пресметки покажуваат дека заради стекнување право за користење на оваа мерка, еден дел од неформалните работни места беа формализирани со нестандардни договори за вработување (привремени, на определено работно време или на скратено работно време). Несомнено, потребни се мерки за лесна транзиција на неформалните работници во формалната економија, преку обезбедување субвенции за формализација, пакети за развој на претприемаштвото и пристап до пазар и финансии – потенцира Туманоска.
Според неа, треба да се работи и на издигнување на свеста за користа од формалното вработување, како и зголемување на вештините и вработливоста на неформалните работници за полесен пристап до формална работа.