Процесот на ревизија на Европската Унија постои и, доколку се дадат позитивни точки до мај и од ваша и од наша страна, мислам дека ќе добиеме добри вести, изјави вчера во Собранието францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, откога неговата земја минатиот месец го блокира донесувањето на одлуката за доделување датум за почеток на преговори помеѓу Македонија и ЕУ.
Запрашан дали е оптимист дека до мај земјата може да ја заврши домашната задача за да добие зелено светло за преговори со ЕУ, амбасадорот Тимоние притоа истакна дека најпрво треба да се организираат добри избори, односно да се продолжи во континуитет добивањето на позитивните извештаи од ОБСЕ за организирањето на изборите, но исто така и избирачкиот процес да биде зајакнат. Со тоа, рече, ќе се испорача добра слика за Македонија дека е демократска земја, но исто така и дека ги исполнува сите Копенхашки критериуми.
– Останува на големите политички партии да се договорат за начинот на организирање на изборите, но исто така и да се договорат за поуспешна борба против корупцијата и за поеднакво судство, кое успешно ќе се справува со корупцијата. Знам дека тоа е долг пат, но ние сме на ваша страна да ви помогнеме во тоа. Знаете дека постои тој процес на ревизија на ЕУ и, доколку се дадат позитивни точки до мај и од ваша и од наша страна, мислам дека ќе добиеме добри вести – кажа Тимоние пред одржувањето на панел-дискусијата по повод одбележувањето на 70-годишнината на Советот на Европа, посветена на подобрување на пристапот до обесштетување на жртвите за трговија со луѓе и родово базирано насилство.