Сѐ поочигледно е изопачувањето на концептот на ЕУ за консензуално носење на одлуките. Наместо механизам за унапредување при одлучувањето за севкупното добро, тоа всушност се претвора во алатка за ултиматуми на земјите-членки кон земјите-кандидати. Сега, последниве, за да влезат во европското друштво, наместо да го сторат тоа со имплементирање на европските стандарди и демократските принципи, тие мора да го направат тоа со огромни жртви, во нашиот случај со опасност од денационализирање
Нема членство сѐ додека не бидат
задоволени апетитите на соседите?!
Нерешеното прашање со Грција за името долги години ги оневозможуваше евроатлантските интеграции на Македонија, која повеќе години остана заглавена во чекалницата на ЕУ само поради задоволувањето на апетитите на јужниот сосед, чии неразбирливи барања Унијата ги трансформира во нов критериум, формулиран како „добрососедски односи“, кој по некоја перцепција како да почна да важи од моментот кога земјата сериозно навлезе во процесот на евроинтеграции.
И кога прашањето за името конечно по нешто помалку од 30 години беше решено, сега истата тактика ја применува и Бугарија, која повторно под критериумот „добрососедски односи“ бара од Македонија да прифати сè што ќе побара таа, вклучувајќи и непостоење на јазикот, идентитетот, историјата, занемарувајќи ја клучната европска вредност – правото на самоидентификување.
Според оваа логика, без оглед колку и да ги исполнила земјава сите критериуми, како владеење на правото, борба со корупцијата, реформи во сите области, тоа нема да биде доволно доколку не бидат задоволени апетитите на соседите.
Очигледно концептот на ЕУ за консензуално носење на одлуките, всушност, се претвора во алатка за уцени на земјите-членки кон земјите-кандидати, кои за да влезат во европското друштво, наместо да го сторат тоа со имплементирање на европските стандарди, мора да го направат тоа со огромни жртви, во нашиот случај со обезличување и опасност од денационализирање.
Двојните европски аршини се гледаат во тоа што повеќето земји што сега се удираат во гради во име на европските вредности, всушност се далеку од секакви вредности.
Грција беше примена во ЕУ со политичка одлука, без задоволени стандарди, а најмалку во поглед на добрососедските односи. Истата таа Грција и ден -денес има проблеми со Турција, при што двете држави постојано се на работ на воен конфликт. Јужниот сосед своите апетити веројатно ќе ги насочи и кон Албанија, на која откако ќе почнат пристапните преговори ќе ѝ ги достави своите барања, за кои ако не бидат исполнети, ќе следуваат блокади на поглавјата.
И Бугарија и Романија ги немаа решено прашањата со своите соседи, но повторно ЕУ со политичка одлука, најмногу поради стратегиската позиција на овие две земји на Црно Море, ги прими дури и без задоволени критериуми во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата. Овие недостатоци и денес им се провлекуваат, иако се речиси 15 години членки на Унијата.
Оттука се наметнува дилемата дали ЕУ, соочена со своите внатрешни проблеми, ултиматумите кон земјите-кандидати и самата ги аминува за да го одолжи приемот на нови земји-членки, постојано додавајќи нови критериуми за да добие на време.
– За да се биде примен во ЕУ, требало да бидат решени меѓудржавните прашања. Особено меѓусоседските. Меѓутоа, кога ја примаа Бугарија, дали ги имаше решено проблемите со Македонија или тоа го имаше направено Грција со Македонија и со Турција? Дали тоа го имаа направено Хрватска и Словенија или и денес, како членки на ЕУ, спорат за Пиранскиот Залив, како и за некои копнени демаркации? Во каква состојба беше (и уште е!) Кипар, кој практично е поделен меѓу две земји – Турција и Грција? Меѓутоа, македонските власти упорно се туркаат кон ЕУ, наместо да ѝ се заблагодарат и да ѝ порачаат дека кога ќе биде подготвена/одоброволена за наш прием, може да ни се обрати, а дека тогаш (барем малку) ќе размислиме – напиша професорот Љубомир Цуцуловски.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека за ЕУ поважни се стратегиските интереси кога прима нови земји-членки.
– Тоа е очигледна илустрација дека станува збор за стратегиските интереси на ЕУ, односно на водечките сили во рамките на Унијата. Тие приемите на земјите ги прават според тоа кој интерес го задоволуваат. За Хрватска и Словенија, според мене, повеќе беше што тие се католички земји и им требаа за вертикалата до Јадранско Море. За Грција се знае каква стратегиска позиција има. Романија и Бугарија беа примени заради ограничувањето од дејството на Русија, за да се направи еден вид тампон-зона. Ние овде, мислам на потесниот дел на Балканот, минус Словенија и Хрватска, плус Албанија, иако има елементи на стратегиски простор во смисла на телефонски мрежи, авионски линии и други комуникации, сепак немаме поголема тежина како простор – вели Андревски.
Според него, така се воспоставуваат некакви критериуми и голем дел од нашите соседи го користи тоа.
– Ние најголеми проблеми ќе имаме доколку Србија влезе во ЕУ пред нас. Дури тогаш ќе се види што сè ќе бараат Србите. Цркви, манастири, кралски поседи и имоти… – вели професорот Андревски.
Тој додава дека интересот на ЕУ за примање на овие земји од Балканот е помал.
– Не сме ние сите, вклучувајќи ја и Македонија, на ниво на стандардите што ги бара ЕУ, без оглед колку да ги постигнуваме во делот на правна држава, владеење на правото, човековите права, стручна и независна администрација, слободни и развиени медиуми, и тој комплекс прашања што го вртат, точно имаат елементи на забелешки и тоа им одговара. Згора на тоа, нашиве соседи уште се недоостварени нации и полагаат историски права. За мене е битно како ние внатре во државата се однесуваме во однос на тие нивни барања – истакнува Андревски.
Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка вели дека меѓусоседските проблеми (и нерешени прашања) не се услов за членство во ЕУ, но добрососедските односи – се!
– Смислата на тоа е во процесот на пристапување во ЕУ соседите да ги подобрат своите односи и да се обидат да ги решат сите отворени прашања, а ако за нешто не успеат – барем да се согласат дека за тоа нешто не се согласуваат и да трасираат пат за негово решавање – смета Кржаловски.
Тој додава и дека во политиката на проширување на ЕУ се важни интересите, а потоа доаѓаат критериумите.
– Секоја од земјите-членки (а и кандидати), како и нивните политичари, е во различен стадиум на демократска зрелост, а веќе и ние научивме дека и во политиката на проширување на ЕУ, како и за многу други работи, сепак примарни се интересите, а потоа вредностите што ги промовира ЕУ. Па, така, Македонија подолго време е потешката страна од тие проблеми или отворени (а често и измислени) спорни прашања, при што соседите членки на ЕУ ја злоупотребуваа својата повластена позиција (на членки на „клубот“ во кој сакаме да се зачлениме) и го блокираа процесот на пристапување кон ЕУ, наместо самите да предлагаат чекори за постепено и долгорочно решавање на разликите, без тоа да го попречи нашето членство во ЕУ. За жал, со тоа нам ни преостануваат малку можности, кои се сведуваат на дилемата: останување надвор од клубот или влез во ЕУ со помалку или повеќе понижувања – смета Кржаловски.
Во целата ситуација загрижува индиферентниот однос на македонските политичари изминатите децении, кои за да не му згрешат нешто на Брисел, ги прифаќаа сите уцени што се бараа и продолжуваат да се бараат од нив, без да се подвлече црвена линија до каде може да се оди. Ваквата практика барем накратко изминатиот викенд ја прекинаа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кои и самите како да беа изненадени од нереалните барања доставени од бугарска страна.
– Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту најмалку е европско. Ако тоа така остане, треба да го подготвиме македонскиот народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција, која ја очекуваме во декември – истакна Заев.
Слична изјава стигна и од вицепремиерот Димитров.
– Ако ЕУ дозволи на некој начин ова да биде пречка, тогаш нема да ја заслужи придавката во своето име „европска“ и не знам дали ќе можеме да веруваме во таква Европска Унија. Мора мудрост и почит, нема пријателство без заемна почит – рече Димитров.
Ваквите изјави полека како да ги исцртуваат контурите на некаква црвена линија од македонска страна, но останува во претстојниот период дали таа линија ќе остане црвена или, под притисокот на Брисел, ќе ја промени бојата.