Според експертите, овој опасен вид на комарец првпат е регистриран кај нас во 2016 година, но само во Дојран. Потоа во 2018 година е забележан во некои скопски општини, а сега го има низ целата држава. Дали навистина комарците можe да бидат преносители на коронавирусот, колкава е нивната опасност за ширење заразни болести и зошто локалните власти навремено не реагирале со третирање на комарците, особено што ова лето бара поголема грижа и одговорност за јавното здравје? Сите овие дилеми се дел од дебатите меѓу граѓаните на кои побаравме одговори од надлежните
Наезда од инсекти ги вознемири граѓаните
Наездата од комарци во Скопје и во неколку града низ земјава годинава дополнително ги вознемири граѓаните, поради фактот дека тие се и опасност од пренесување заразни болести. Стравот кај граѓаните расте и од можноста преку нив да се шири и коронавирусот.
Дали навистина комарците може да бидат преносители на овој вирус, колкава е нивната опасност за ширење заразни болести и зошто локалните власти навремено не реагирале со третирање на комарците, особено што ова лето бара поголема грижа и одговорност за јавното здравје? Сите овие дилеми се дел од дебатите меѓу граѓаните на социјалните мрежи. Дополнителен проблем е што нема јасни информации кој тип комарци ги има ова лето во Македонија.
Граѓаните споделуваат фотографии од опасниот вид азиски тигрест комарец и велат дека е доволно да се биде не повеќе од пет минути на отворено, за да добиете неколку убоди, а веднаш потоа да прераснат во големи отоци на кожата. Самите граѓани истакнуваат дека особено последните денови напливот на комарци е толку голем што против убодите не помагаат ни средствата за заштита од комарците.
Професорката Јована Стефановска по паразитологија и паразитски болести на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје вели дека ова лето најголем проблем прави тигрестиот комарец, кој од неодамна е доселен во нашата земја. Во 2016 година е детектиран во земјава, но само во Дојран. Во 2017 и 2018 година бил присутен во главниот град, но само во неколку општини, а во 2019 и 2020 година е присутен на целата територија на Скопје. Тоа значи, според неа, дека се одомаќинил во целата земја.
– Докажано е дека коронавирусот не се пренесува преку комарец. Овој тигрест комарец пренесува други болести, кои досега не се забележани на нашата територија. Различно кај овој тип комарец е што каса постојано, не како другите само наутро и навечер. Агресивен е и создава алергиски реакции кај луѓето. Претставува проблем за цела Европа, а сега и за нас. Него не го уништуваат пестицидите за прскање, затоа не треба приоритет и оправдување да ни биде превентива само со прскање, зашто се размножува и во многу мало количество на отстоена вода – посочува професорката Стефановска.
Според неа, најважно е граѓаните да внимаваат и да не чуваат садови со отстоена вода, опасни се дури и саксии со вода, зашто овој тип комарец може и таму да се размножува.
– Треба да се отстрануваат и најмали површини каде што може да се задржува вода. Граѓаните треба активно да нанесуваат препрати против комарци -објаснува професорката.
Микробиологот Никола Пановски вели дека граѓаните не треба да стравуваат дека од убодите на комарците може да се заразат со коронавирусот, зашто самиот вирус не може да живее и да се размножува во комарецот.
– Овие комарци што се забележани низ земјава, како тигрестиот комарец, може да предизвикаат други болести доколку тие вируси се присутни на оваа територија. Коронавирусот не е таков тип што може да се пренесе преку комарец – посочува микробиологот.
Сепак, епидемиолозите предупредуваат дека комарците, особено тигрестиот комарец, пренесуваат заразни болести и вируси и е оправдан стравот на граѓаните.
Според епидемиологот Драган Даниловски, тигрестиот комарец е епидемиолошки важен вектор за пренесување многу вируси, вклучувајќи го вирусот на жолтата треска, денга-треската и треската чикунгуња, како и неколку паразити (нематоди).
– Тој може да биде домаќин и на вирусот зика и се смета за потенцијален вектор за пренесување зика кај луѓето. Европа веќе доживеала неколку епидемии на треска чикунгуња (Франција и Италија, 2007 и 2010 година) и денга-треска во Франција и во Хрватска (Пељешац), 2010 година – посочува Даниловски.
Сепак, смета дека епидемиолошките ризици се ниски, имајќи предвид дека на комарците не им се на располагање секој ден болни од гореспоменатите вирусни заболувања, кои би претставувале извори на зараза.
Тигрестиот комарец во Европа се појавува во Албанија во 1979 година и оттогаш се шири низ Медитеранот и цела Европа.
Од градот Скопје известуваат дека поради изразената влага во вегетацијата, која придонесува за поголемо размножување, и по консултација со надлежните здравствени служби е донесена одлука да се спроведе вонредно прскање против комарци.
Авионската дезинсекција (вонредна) на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се реализира денеска и во раните утрински часови следниот ден.