Откако преку анкета мнозинството родителите позитивно се изјаснија за оваа учебна година, „Нова Македонија“ ги праша наставниците како тие ја доживеаја истата таа и со какви проблеми и предизвици се соочија во текот на годината
УТРЕ ЗАВРШУВА УЧЕБНАТА ГОДИНА СПРОВЕДЕНА ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА
Изминатава учебна година беше исклучително тешка и за децата што одеа со физичко присуство на училиште, како и за оние што следеа настава онлајн. За првите, наставата се одвиваше по сите протоколи – при влез и излез, со миење раце, носење маски, дезинфекција. Часовите беа скратени, а децата понекогаш немале ниту одмор за да може наставникот да ги предаде сите предвидени содржини. Марија Богатиновска, одделенска наставничка од Пробиштип, вели дека никогаш не му се радувала на 10 јуни, како што му се радува на овој.
– Многу беше тешко, јас работев и прекувремено иако тоа не ми е платено. Наставата се сведе само на фронтален дел. Не смеевме да мрдаме на часот, да се групираме. Им пуштав презентации на ЛЦД-проектор. Не можевме да организираме групна работа, работа во двојки, беше сѐ сведено на традиционална настава. Пред нив само тетратки и книги, не смееја ништо да си позајмуваат. Сепак, ефектите и целите успеавме да ги постигнеме – вели Богатиновска.
Таа води второодделенци што се оценуваат описно, а не бројчено.
– Наставата ја одржував со физичко присуство. Но имаше и онлајн настава, тие ученици ги вклучував на платформата „Тимс“. Она што моето искуство го покажа е дека децата што следат од дома настава, совладуваат исто како да се во училница. Тие се описменуваа, учеа букви, имаа диктати. Имав случаи кога некои од нив седеа дома и кога по три недели ќе се вратеа на училиште, кај нив се забележуваше дека се назад со знаењата, за разлика од оние деца што следеа со физичко присуство. Така што, според мене, ефектите од самата онлајн настава се многу мали. Од 20 ученици во една паралелка, дали двајца-тројца се навистина заинтересирани, а преостанатите и не се баш – смета наставничката.
Таа забележала дека учениците мамат на часовите.
– Се познава кога од книгата читаат. Препишуваат или им поткажуваат домашните кога требаше да одговараат. Се научија на манипулација децата, научија да лажат и да мамат. Гледав некои наоди дека се задоволни родителите од онлајн наставата, но јас навистина не знам кој е тој родител што е задоволен од онлајн наставата. Или анкетата е нереална. Емотивно паднати се децата, несреќни се. Немаат социјализација, а емоционалниот развој им е нула. Нема споредба, едноставно – додава наставничката.
Зорица Милкова, наставничка во училиштето „Тошо Велков Пепето“ во Кавадарци, вели дека оценувањето оваа учебна година не е објективно.
– Оние ученици што континуирано учат и работат имаат солидни оценки како и пред тоа, оние ученици што претходно имале пониски постигања, сега имаат повисоки оцени, а сепак има и ученици што многу тешко го совладуваат материјалот и постигнувањата им се на ниско ниво. Доколку наставата беше со физичко присуство, учениците ќе имаа многу поголеми успеси. Во овој случај дел од оценките им ги припишувам на родителите, на условите за учење и на напредокот на технологијата (меѓусебната соработка меѓу учениците за време на тест) – вели наставничката.