Сега се почнува со третоодделенците, а идната година вакви тестови, покрај нив, ќе полагаат и учениците од петто и од деветто одделение. Со резултатите од ова тестирање, образовните власти ќе прават анализи во однос на тоа какви се постигнувањата на учениците, кои се влијанијата и како да има подобрување
ПИЛОТ-ПРОЕКТ ЗА САМОЕВАЛУАЦИЈА НА КВАЛИТЕТОТ НА ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Во првите четири дена од јуни, ученици во трето одделение во државата ќе полагаат тестови што се дел од националното тестирање, најави Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар. Ова ќе биде пилот-тестирање, а идната година вакви тестови ќе полагаат учениците во трето, петто и во деветто одделение. Учениците ќе полагаат тестови со кои ќе се проверат нивните математички и јазични вештини.
– Тоа ќе биде наше тестирање. Целта е да направиме самоевалуација на квалитетот во основното образование. Учениците ќе полагаат мајчин јазик и математика, треба да се проверат нивните јазични и математички вештини. Тестирањето ќе се спроведе со физичко присуство за учениците од трето одделение, бидејќи тие и онака настава следат со доаѓање на училиште. И меѓународни тестирања кога се реализираат, се прават на хартија, а не на компјутер. Не само нашата држава туку и други држави во светот не се подготвени електронски да спроведат вакво тестирање, бидејќи треба да се обезбеди компјутер за секој ученик, треба силна и стабилна интернет-врска. Тестирањето ќе се реализира со одредени протоколи, со отворени прозорци, со помал број ученици внатре во училниците. Ќе бидат помалку деца, на одредена дистанца – вели директорката.
Со резултатите од ова тестирање, образовните власти ќе прават анализи во однос на тоа какви се постигнувањата на учениците, кои се влијанијата и како да има подобрување во системот. Предвидено е да има и анкетни прашалници, ќе се прави попродлабочена анализа за тоа зошто резултатите на нашите ученици се такви какви што се.
Надлежните повеќепати досега кажале дека кај нас прашањата се фактографски, односно наставниците го бараат на тест она што е во учебникот. На националниот тест, децата ќе имаат текст за кој ќе треба да одговорат што разбрале од него откако ќе го прочитаат.
Во пилот-тестирањето ќе учествуваат 4.000 ученици во трето одделение од училиштата низ државата што следат настава на македонски и на албански јазик, а ќе бидат избрани по случаен избор.
Претходници на националните тестови се екстерните тестови, кои неколку години по ред ги полагаа нашите ученици во основното и во средното образование. Но разликата беше во тоа што резултатите од екстерното тестирање влијаеја на успехот на учениците, а имаше и реперкусии врз наставниците, бидејќи преку тестот целта беше да се види колку тие објективно оценувале во текот на учебната година. Иако требаше да има казни и награди за необјективните и за објективните оценувачи, сепак во практика не се случи некој да биде награден или казнет. Од 2017 година беа укинати екстерните тестови.