Се допрецизираат разговорите со Турската демократска партија (ТДП) за влез во владината коалиција, изјави денеска премиерот Зоран Заев, додавајќи оти се надева дека со следниот вторник овој процес ќе биде целосно заокружен.
Нагласи дека пратеникот од оваа партија веќе учествува во поддршката на законските решенија и процедурите во Собранието и оти коалицирањето не е условени со одредени позиции.
Премиерот додаде дека при обидите за проширување на владината коалиција пред се размислува за БЕСА и тоа на двете нејзини крила.
– Се надевам дека има нешто, што ќе ги спои во една група. Пратениците соработуваат, сите заедно веруваат во овој концепт, кон кој е насочена Владата, а потоа ќе разговараме и со останатите опозициски партии и пратеници, рече Заев, одговараќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата.
Во врска со тоа дали разговарал со ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети околу проширувањето на коалицијата, Заев изјави дека за денеска не е закажана средба и оти утре ќе се видат во Парламентот, на чија седница се закажани пратенички прашања.
– Веројатно паузите ќе ги искористиме за ваков вид на разговори. Генерално ставот на владејачката коалиција е да ги остави отворени вратите. Уште кога ја објавивме Владата во договорот за коалицијата наведовме дека остануваме со отворени врати, рече Заев.
Додаде дека оставена е можноста премиерот секогаш да разговара со политичари, со пратеници, со политички партии кои се подготвени да ја поддржат програмата на Владата, особено во однос на актуелните прашања во РМ.
– Зборувам за прашањето за проблемот со името кое што Грција го има со РМ за нашето уставно име, зборувам за реформите, зборувам за концептот едно општество за сите и сето она кое што е важен аспект за подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани, вели Заев.
Премиерот нагласи оти има пратеници и политички партии кои се во опозицијата, а не се согласуваат со најголемата опозициска партија, односно негуваат концепт кој е многу близок до владејачкото мнозинство.
– Тоа го препознавме и од тука се иницијативите и причините да седнеме да разговараме со сите. Откако ќе ја поминеме таа фаза, јас и од Ахмети и другите коалициски партнери во сегашното мнозинство ќе барам согласност за евентуално зголемување на коалицијата, додаде Заев.