Последното телевизиско соочување беше меѓу Георгиевски и Црвенковски Фото: Дарко Андоновски

Македонија наскоро ќе му стави крај на долгогодишниот недостиг од телевизиски соочувања на политичарите од највисоко ниво.
Иако нема избори, поради актуелностите поврзани со наметнатиот спор за името со Грција, водачите на двете најголеми партии во Македонија, премиерот Зоран Заев и лидерот на опозивијата Христијан Мицкоски, се согласија наскоро да се појават на соочување на телвизиските екрани.
Имено, портпаролот на Владата Миле Бошњаковски изјавил дека премиерот Зоран Заев ја прифаќа поканата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за дуел на телевизија.

– Отвореноста е еден од основните принципи според кои работи претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев. Постојано комуницираме со јавноста на отворен и двонасочен начин, преку одговори и прашања, но и дебати и дуели. Така што премиерот Зоран Заев е подготвен за ТВ-дуел во секое време со Христијан Мицкоски, бидејќи основа на демократијата се отвореноста и подготвеноста да се соочиш со политичките опоненти – изјави за МИА портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Еден ден претходно Мицкоски по седницата на Централниот комитет на партијата го повика својот ривал Заев да се соочат на телевизија и да дискутираат за преговорите за името.

– Да дискутираме за ова прашање, да може тој да ги информира граѓаните на Република Македонија, за тоа како преговара, за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, за немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме, да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција, која одамна ја најавуваше за да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто – рече Мицкоски.
Тој дополнително најави дека ВМРО-ДПМНЕ на 2 јуни во Скопје пред Владата на Република Македонија ќе организира народен протест.
Од друга страна, по последните информации за телевизиска дебата меѓу премиерот Заев и Мицкоски, на социјалните мрежи се зголемени гласините и објавите за одржување таква дебата и меѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.

Новинската агенцијата на албански јазик ИНА, во свој текст на темата истакнува дека во последните 10 години не се има случено телевизиска дебата меѓу лидерите на позицијата и опозицијата во албанскиот политички блок. Последна таква дебата имало пред повеќе години меѓу поранешниот претседател на ДПА Арбен Џафери и претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Агенцијата подвлекува дека оваа дебата би предизвикала голем интерес кај телевизиските гледачи, бидејќи останаа необјаснети многу отворени прашања и теми, почнувајќи од настаните на 27 април минатата година, заедничката политичка декларација, Законот за употреба на јазиците, реформите во судството, последните политички актуелности поврзани со проширувањето на Владата, како и други теми.
Во меѓувреме, последните десетина години, македонските медиуми се исклучително сиромашни со политички дебати. Недостигот од телевизиски соочувања на политичарите ги отвора прашањата за степенот на политичка култура, бизнис-релациите на медиумите со партиите и демократскиот капацитет на партискиот систем и електоратот.

Политикологот Милан Стефаноски го поздравува фактот дека лидерите на двете најмоќни партии првпат по долги години ќе ги одмерат аргументите пред телевизиските екрани.
Тој истакнува дека на овој начин по долги години пауза пополека се враќа демократската култура во земјата, каде што преку масовните медиуми македонските граѓани директно ќе се запознаат со актуелните политички проблеми на чие решавање работат Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
– Прашањето за најавеното телевизиско соочување на политичарите е тесно поврзано со слободата на медиумите во државата и политичката култура на земјата, а оваа средба на Заев и на Мискоски може да се смета како позитивно отскокнување во досегашната негативна практика на соочување на лидерите и сето тоа е одличен показател дека рабоите на терен во оваа смисла навистина се размрдуваат на подобро. Дополнително, ова најавено соочување ќе биде многу важно за македонската јавност поради два факта. Прво, бидејќи јавно ќе се говори за развојот на спорот за името со Грција со што многу недоумици на широките маси ќе им се разјаснат околу најголемиот проблем на земјата во моменотв. И второ, бидејќи резултатите од тоа кој ќе „победи“ на ТВ-дуелот можат не само хипотетички туку и многу реално да ги зајакат или ослабат позициите и на двајцата политичари и во партијата и во земјата и кај меѓународната заедница – вели политикологт.


Хронологија на македонските телевизиски дебати

Од друга страна, хронолошки гледано, последните телевизиски соочувања во кои јавноста во Македонија можеше да ужива и да ги споредува аргументите и фактите, беа за време на претеседателските изборни циклуси.
Во 2014 година во весникот „Нова Македонија“ јавноста беше сведок на последното соочување во печатен медиум меѓу тогашниот, веќе претседател поддржан од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов и кандидатот на опозициската СДСМ, Стево Пендаровски, сегашен национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, како и меѓу други двајца претседателски кандидати, кои отпаднаа по првиот круг, а тоа беа Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ и Илијаз Халими, номиниран од ДПА. Истата дебата, но во телевизиски формат се одржа и на 5 мај во организација на јавниот сервис, Македонската радио-телевизија. Потоа пред вториот круг имаше обид за уште едно соочување на двајцата кандидати, Иванов и Пендаровски, но до тоа не дојде. Претходно телевизиско соочување имаше во 2009 година, помеѓу кандидатите за претседател Ѓорге Иванов, исто така, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот поддржан од СДСМ, Љубомир Фрчкоски.
Ова телевизиско соочување остана карактеристично по слободниот и навредлив јазик употребен меѓу двајцата кандидати, а главни теми беа „големите прашања“ – прашањето за името, влез во НАТО и европските интеграции. Претходно во 2004-та беше забележано и уште едно претседателско телевизиско соочување помеѓу тогашниот кандидат за претседател Бранко Црвенковски, дотогашен премиер на владата на СДСМ и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ познатиот кардиолог Сашко Кедев. Овој дуел се оддржа во тогаш најгледаната приватна телевизија со национална концесија А1. Во 1999 година на ТВ-дебата пред изборите за претседател се соочија Стојан Андов, Васил Тупурковски, Борис Трајковски фаворит на ВМРО-ДПМНЕ и Тито Петковски, поддржан од СДСМ.
Кога станува збор за телевизиско соочување за премиерските кандидати или кандидатите за најмоќната функција во државата последното е забележано во 2002 година. Тогаш се одржа последниот телевизиски дуел помеѓу тогашниот шеф на СДСМ Бранко Црвенковски, тогаш во опозиција и тогашниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски. Црвенковски на 15 септември таа година ги доби убедливо изборите, а прашање е на тогашните аналитичари да кажат дали и колку поради ТВ-дуелот. Претходно, овие двајца лидери првпат се соочија на изборите и на ТВ-дуели во 1998 година, во Македонската телевизија.
За забележување е и фактот дека бившиот премиер и претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ќе остане запаметен поради запоставувањето на телевизиските соочувања, а во оваа група тука делумно може да биде спореден и со првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Глигоров беше првиот политичар што одби телевизиско соочување пред првите непосредни претседателски избори во 1994 година и одби да се присуствува на дебата со тогашниот противкандидат Љубиша Георгиевски.


Светски искуства во ТВ-соочувањето

За забележување е и фактот дека кај демократските земји политичките ТВ-соочувања се сосема нормална работа иако во Македонија дебатите се реткост, а со години наместо политички дијалог, гледавме монолог.
Политиколозите коментирајќи ги телевизиските соочувања велат дека тие истовремено се клучни за успехот на политичарите, но истовремено и уживаат висок рејтинг на гледаност бидејќи станува збор за забава на публиката.
Во тој контест, некои политичари се плашат од нив, други, пак, напротив ги посакуваат бидејќи се еден од начините да ги придобијат гласачите на своја страна.
Најпознатите телевизиски дуели за време на изборите се секако во САД. На последните претседателски избори во Соединетите Американски Држави, првото од трите предвидени телевизиски соочувања на тогашните кандидати за претседател на САД, Хилари Клинтон и Доналд Трамп, стана едно од најгледаните во долгата американска историја на изборни дебати. Преносот го следеа над 82 милиона гласачи. Претходниот рекорд бил постигнат пред 36 години кога се соочија демократот Џими Картер и републиканецот Роналд Реган. Чисто за споредба, годинашната 90-та по ред церемонија за „оскарите“ ја гледале „само“ 26,5 милиони луѓе. Ова е само еден од показателите колкав интерес владее во тамошната јавност не само за овие претседателски избори туку и за секои.