Грција бара исполнување на обврските од Преспанскиот договор,
а своите не ги исполнува
Повеќе од очигледно е дека Грција инсистира на спроведување на Преспанскиот договор само од македонска страна и будно следи секаква објава, додека од своја страна продолжува да ги опструира обврските од договорот, вклучувајќи ја и ратификацијата на трите меморандуми, која сега дополнително ја одложи
Грчката влада експресно го замрзна ратификувањето на трите меморандуми за соработка, кои произлегоа од Преспанскиот договор, само поради неодамнешниот твит на премиерот Зоран Заев, во кој ѝ даде поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“, со што уште еднаш потврди дека за Атина имплементацијата на одредбите од Преспанскиот договор се однесува само на македонската страна.
Повеќе од очигледно е дека владата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, која претходно отворено се спротивставуваше на Преспанскиот договор, немаше намера да ги ратификува меморандумите, иако тоа им беше обврска уште пред две години, а сега го користат твитот на Заев како повод за ново одложување на неодредено време.
– Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух, го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање какво што е фудбалот – изјави Аристотелија Пелони, портпаролка на грчката влада.
Од друга страна, македонскиот премиер се обиде да појасни дека изјавата во твитот не е во спротивност со Преспанскиот договор.
– Во врска со мојот твит за нашата фудбалска репрезентација, вистината е дека играат македонски, албански и други играчи, и дека се тоа македонски играчи, но и вистината дека е тоа репрезентација на Северна Македонија. Тоа е така според Договорот од Преспа. Проблемот не треба да е поврзан со ратификација на меморандумите во грчкиот парламент, бидејќи таа ратификација ја чекаме две години – реплицира Заев.
Реакции од Грција имаше и на почетокот на Европското фудбалско првенство поради употребата на кратенката ФФМ на дресовите на фудбалерите, како и на кодот МКД, со образложение дека не се во согласност со Преспанскиот договор, но УЕФА не ги прифати грчките забелешки. Според Договорот од Преспа, само државни институции треба да ја заменат придавката „македонска“ со „на Северна Македонија“.
Повеќе од очигледно е дека Грција инсистира на спроведување на Преспанскиот договор само од македонска страна и будно следи секаква објава, додека од своја страна продолжува да ги опструира обврските од договорот, вклучувајќи ја и ратификацијата на трите меморандуми, која сега дополнително ја одложи, како и отворањето на граничниот премин Маркова нога.
Ако се земат предвид овие работи, македонската јавност со право си го поставува прашањето зошто Македонија брза да спроведе буквално сè од договорот, дури и повеќе од тоа што од неа се бара, иако голем дел од тие точки се поврзани со напредувањето на земјава во преговорите со ЕУ и отворањето на поглавјата.
Факт е дека со бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ се губи смислата за исполнување на дел од точките од Договорот од Нивици, така што дилемата што се наметнува е дали и Македонија треба да ги стави во мирување дел од обврските од договорот и да чека почеток на преговорите со ЕУ, па потоа продолжување на активностите поврзани со Преспанскиот договор.
– Ова што го прави Грција не е воопшто чудно од нејзина страна. Грците имаат познати постапки како реагирале и очигледно ги чувале тие меморандуми, го чуваат и отворањето на граничниот премин Маркова нога, кој веќе, еве, и по две години од потпишувањето на Преспанскиот договор не се отвара за да можат од педагошки причини да ги искористат како нивна реакција за некое одредено наше отстапување, намерна или ненамерна грешка, објективна или необјективна причина и слично – вели првиот македонски амбасадор во Грција Љупчо Арсовски.
Според него, грчкото инсистирање само Македонија да ги исполнува обврските од договорот е затоа што ние сме прифатиле рокови, а не сме побарале рокови и од грчка страна при изготвувањето на Преспанскиот договор.
– Ние сме врзани со рокови. Грците ги имаат и морковот и стапот. Со граничниот премин сè е завршено, нема никаков проблем, но, ете, не го прават. Тоа се познати методи на Грците. Проблем е што и нашите претставници при изготвувањето на договорот не ставиле рокови што треба да ги испочитува грчката страна, па затоа сега ни се случува ова – констатира Арсовски.
Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски смета дека грчките реакции треба да се игнорираат.
– Грчките реакции треба едноставно да се игнорираат, исто како што тие нè игнорираа и нè игнорираат сè уште и понатаму и покрај потпишаниот, иако антиуставен и незаконски Нивички или Преспански договор, тие и понатаму си тераат по своето и ние треба да си тераме по своето онака како што сметаме дека соодветствува во согласност со нашите национални интереси, во етничка и државна смисла – е ставот на професорот Цуцуловски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека Македонија треба да продолжи да го спроведува она што го потпишала за да не им дозволи на другите страни тоа дополнително да го злоупотребуваат.
– Сметам дека Преспанскиот договор треба да се спроведе доследно без оглед дали моменталната политичка позиција во Грција бара изговор како демек не се спроведува. Секако треба да се спроведе, инаку ќе се хранат бугарската и грчката страна една со друга – вели Арсовски.
Според него, исполнувањето на договорите говори за кредибилитетот на државата.
– Ние без оглед на што било треба да го спроведеме она на кое сме се обврзале. Ние не можеме истовремено да тврдиме дека Бугарија е грешка што потпишала нешто што не спроведува, а тоа е делот дека нема да нè блокира на патот на евроинтеграции, а ние да спроведуваме тоа што сме потпишале во зависност од моменталната политичка волја. Јас мислам дека тоа што сме го потпишале во Преспанскиот договор треба да го спроведеме без оглед на тоа како се однесуваат другите страни кон тие договори – појаснува Арсовски.