Добрите вести од Балканот се реткост. Дури и кога премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев се согласија да стават крај на 27-годишниот спор, во јуни минатата година, малкумина познавачи на состојбата можеа да се обложат оти парламентите во Атина и во Скопје ќе го ратификуваат Преспанскиот договор, пишува британски „Економист“.
Но, Заев успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени потребни за промена на името во Северна Македонија, кое ќе стапи во употреба кога и Грција ќе го усвои Преспанскиот договор. Додавката „Северна“ треба да ги ублажи долгогодишните стравувања на Атина за наводните македонски територијални претензии кон грчкиот регион Македонија. Заев се надева дека преговорите за влез во НАТО, а потоа и во ЕУ, ќе почнат годинава, откако Грција ќе ја тргне забраната за интеграција на Македонија, како дел од спогодбата.
Сега е редот на Ципрас да ги исполни обврските. Неговата партија СИРИЗА планира да го претстави Преспанскиот договор пред парламентот месецов. А грчкиот премиер, кој е вешт тактичар, се надева дека ќе обезбеди мнозинство за Преспанскиот договор, на ист начин како и при гласањето на доверба за владата, кога петмина пратеници сменија страна. СИРИЗА може да смета на поддршката на двајца пратеници од партијата Река за да осигури втора победа, според владини извори. Другите партии се против спогодбата, исто како и 60 отсто од Грците, според последните анкети.
Но, тоа не го вознемирува Ципрас, чиј углед меѓу европските политичари се подобрува. Тоа може да се забележи и според пофалбите од германската канцеларка Ангела Меркел за време на нејзината неодамнешна посета на Атина.