Уште при неговото формирање беше нагласен „специјалниот третман “ на недопирливост на тоа обвинителство, дури и во поглед на финансирањето и трошоците, но ретко кој претпоставуваше дека таму се делат и додатоци на плати во висина од стотици илјади евра, какви што впрочем нема во ниту една друга институција во државата. Како правните експерти, меѓународната заедница и надлежните органи гледаат на целата оваа ситуација
Специјалното јавно обвинителство веќе неколку месеци не е функционално, но „опашките“ од неговото четиригодишно постоење и понатаму се провлекуваат како теми што сѐ уште предизвикуваат возбуда, па и контроверзии во јавноста.
Најновата „бомба“, детонирана пост фестум, односно по згаснувањето на СЈО, е поврзана со астрономските парични бонуси што обвинителите си ги делеле меѓу себе по различни основи.
Така, во јавноста излезе информација дека поранешната специјална обвинителка (која сега е обвинета и во домашен притвор за случајот „Рекет“) Катица Јанева во текот на својот мандат зела 157.000 евра додаток на платата. Само оваа година, таа си доделувала по 250.000 денари дополнително секој месец. Но со алатката „Отворени финансии“ се откри дека и другите обвинители во СЈО, па и вработените, покрај платата, добивале додатоци што во вкупна вредност се движат во илјадници, па и стотици илјади евра. Навистина, уште при неговото формирање беше нагласен „специјалниот третман“ на недопирливост на тоа обвинителство, дури и во поглед на финансирањето и трошоците, но кога бројките ќе излезат на виделина, се покажува дека тоа било максимално користено во администрирањето на СЈО. Па, така, специјалните обвинители имале и специјални приходи, незамисливи за македонски услови, што ја разбранува и разгневи домашната јавноста. Притоа вакви приходи и по такви основи немало во ниту една институција во државата досега, па се поставува прашањето дали СЈО било институција за гонење на криминалот или институција за грабеж на сопствениот народ и држава.
– Факт е дека во Законот за СЈО, во делот за финансиите и трошоците беше предвидено дека специјалниот јавен обвинител ќе има за 10 отсто помала плата од републичкиот јавен обвинител, но и право за надомест за ризик, доверливост и специфични услови за работа. Платите и надоместоците на другите обвинители и вработените беа регулирани со друг закон, а специјалниот јавен обвинител (Катица Јанева) имаше должност секоја година до Владата, Советот на обвинители да достави годишна програма со предвиден буџет. Буџетот на СЈО на крајот од процедурата се гласаше во Собранието, но притоа министерот за финансии немаше можност да врши корекции, како што има право за други државни институции. Значи, колку ќе побараше, толку добиваше СЈО од буџетот, без некоја поголема контрола. Очигледно тоа право максимално го искористиле, но проблемот е што резултатите не ги оправдаа таквите трошоци – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Давидовиќ се согласува дека обвинителите во СЈО работеле под специфични услови, но и другите обвинители од редовното обвинителство работат во исти, па и полоши услови, па немале таква финансиска привилегија сами да си одредуваат надоместоци за ризик и доверливост.
Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски, по објавувањето на висината на надоместоците во СЈО, најави дека ќе поведе истрага за тоа дали има услови за кривично гонење врз основа на финансиското работење на СЈО. Тоа од него го бара и премиерот Зоран Заев, но вели дека нема да дозволи да се фрла петно врз обвинителите што порано беа дел од СЈО.
– Сите знаеме дека специјалните јавни обвинители добиваа поголема плата за 300-500 евра, не знам колку е поголема платата од другите јавни обвинители поради тоа што сериозно презедоа и одговорност и преку додатоците за чувањето на самите материјали што носат своја дополнителна одговорност во целиот тој дел. Нема да дозволам да се фрли негативно петно врз јавните обвинители. Постои истрага за државниот специјален јавен обвинител, но за другите не е коректно и треба да се праша да ги кажат сите детали и целата анализа кој е тој дел што е примен како надоместок во делот на додатокот, за сигурност на материјалите за сериозност или за доверливост и која е вистинската номинална нето-плата што ја земале специјалните јавни обвинители – вели премиерот Заев.
Во контекст на условите за работа и привилегиите што ги имале обвинителите на СЈО, поранешниот републички јавен обвинител Ставре Џиков му дава целосна поддршка на сегашниот обвинител Љубомир Јовевски во намерата да поведе истрага за законитоста во финансиското работење на СЈО.
– Јавно ја поддржувам иницијативата на јавниот обвинител Јовевски да ја истражи законитоста на таквите надоместоци што се делеле во СЈО. Доколку се утврди незаконитост, освен што ќе треба да ги вратат примените надоместоци, сите што ги зеле ќе треба кривично да одговараат. Како и секој граѓанин, и за обвинителите важи Законот за кривична постапка, а во тој опсег на одговорноста треба да одговараат и политичарите што дадоа поддршка за законските привилегии што му беа дадени на СЈО – вели Ставре Џиков.
Според експертите, ваквата форма на трошење на парите на граѓаните од страна на СЈО личи на грабеж, бидејќи во државата постојат и други обвинители, но и други институции што работеле тешки дела и случаи на кои им бил загрозен и животот, но не добиле ниту денар екстра-надомест за својата работа.
Адвокатот Давидовиќ смета дека надлежностите на јавниот обвинител се ограничени, односно дека тој може да поведе истрага само за тоа дали доделените средства од буџетот наведени во финансискиот дел од годишниот план на СЈО биле навистина потрошени за таа намена, но не може да ги оспори надоместоците што ги добивале обвинителите на СЈО, зашто тоа било законски предвидено.
Дополнителните приходи на обвинителите од работењето во СЈО ќе се најдат под лупа на Државната комисија за спречување на корупцијата. Оттаму велат дека ги следат информациите со исплатата на бонусите што ги добивале обвинителите, но велат дека засега нема да оформат предмет.
– Членовите на антикорупциската комисија првин на колегиум ќе го анализираат случајот. Со оглед дека и други институции најавија истрага за сумите што СЈО им ги исплаќало на обвинителите, ќе почекаме да ги видиме резултатите од тие истраги, па дури потоа ќе одлучиме дали комисијата ќе отвори предмет. И во тој случај ние ќе бараме информации од институциите што се надлежни за финансиското работење, како што се Управата за финансова полиција и Државниот завод за ревизија – велат од ДКСК.
Од Државниот завод за ревизија велат дека ревизијата на финансиското работење на СЈО не била влезена во нивните годишни програми за време на постоењето на специјалното обвинителство. Но неизвесно е дали Државниот завод за ревизија ќе може да одговори и на евентуалното барањето да постапи по актуелниот случај со надоместоците за обвинителите, бидејќи и неговата работа е на работ на законитоста, со оглед на тоа што главен државен ревизор не е избран повеќе од една година, а на заменикот мандатот му е истечен пред два месеци.
– Без назначени главни луѓе во институцијата, едноставно немаме мандат да преземаме ревизии и воопшто да функционираме како Државен завод за ревизија – вели Мијалче Дургутов, одговорен за односи со јавноста на ДРЗ.
ЕУ воздржано ги следи случувањата
Со оглед на фактот дека СЈО, како вонредна обвинителска институција произлезе од Пржинскиот договор, во кој активно учествуваа претставниците на меѓународната заедница, секако и на ЕУ, „Нова Македонија“ се обрати и до делегацијата на ЕУ во Скопје, за нивни согледување на случајот со високите дополнителни надоместоци на обвинителите. Односно дали сметаат дека законската одредба со која беше овозможено речиси неконтролирано трошење средства од македонскиот буџет е (беше) во интерес на владеењето на правото и стабилизирање на правната држава, што ЕУ постојано го нагласува во своите оцени и препораки за Македонија
– Делегацијата на ЕУ го следи случајот. Разбираме дека надлежните институции ќе имаат истрага за законитоста на акцијата, затоа би се воздржале од коментар за отворените прашања – се вели во одговорот од делегацијата на ЕУ во Скопје.