Самото СЈО, како правна институција произлезена од политички мотиви, не е неопходен услов за добивање датум за преговори за членство во ЕУ, туку повеќе претставува парадигма на политичките капацитети на Македонија за спроведување на реформите во насока на владеење на правото и за одржливоста на политичкиот дијалог
Според оцените на власта и на меѓународната заедница, Македонија успешно ги помина клучните предизвици на својот евроатлантски пат, од имплементирањето на Преспанскиот договор, па до спроведување успешни претседателски избори… Иако овие заклучоци може да наведат на помислата дека земјата веќе е на чекор до исполнување на своите стратегиски цели (членство во ЕУ и во НАТО), политичката дијалектика во интересите на земјите во „клубовите“ повторно ја оддалечуваат целта и поставуваат нови услови. Пред извештајот на Европската комисија за напредокот во реформите на земјите од Западен Балкан, се чини дека и покрај совладувањето на круцијалните предизвици, Македонија и понатаму не се иззема од општата оцена за регионот дека не ги спроведува неопходните реформи за усогласување на своето законодавство со европското и дека и понатаму непречено владеат корупцијата, непотизмот и неказнивост на криминалот.
Амбиентот што се создава во македонската јавност е дека овие повторени (прелиминарни) забелешки од ЕУ ќе бидат решени со носење на законот за Јавно обвинителство, со кој би се продолжило постоењето на специјалното јавно обвинителство, односно би се надминале законските пречки за негово понатамошно функционирање. На тој начин иднината на СЈО се изедначува со исполнување на условите за реформи во правосудниот систем, т.е. како „последен“ услов за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Токму во врска со ваквата поедноставена перцепција за условите за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, неодамна во едно медиумско обраќање се изјасни и францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние.
– Прво го очекуваме извештајот на Европската комисија што ќе даде преглед за напредокот на реформите, особено за области што се однесуваат на владеењето на правото, а потоа сите заедно ќе направиме процена за реалната состојба во однос на тој напредок. Свесни сме дека беше спроведена голема работа, постојат законодавни промени, отворање нови институции и слично. Но знаете како велат – за секое дрво ќе судиме според овошјето што тоа ќе го даде – објасни амбасадорот Тимоние.
А што се однесува до меѓупартиските преговори за статусот на СЈО, тој смета дека оваа институција треба да си го најде своето место во правниот поредок на земјата.
– Овој закон треба да биде солиден за да може да се спречат злоупотребите од минатото и да се превенираат сите тешкотии што можат да се појават, но исто така и да се спречат такви злоупотреби во иднина, да се зголеми довербата кај граѓаните – истакна францускиот амбасадор.
Политичките аналитичари во земјава сметаат дека самото СЈО, како правна институција произлезена од политички мотиви, не е неопходен услов за добивање датум за преговори за членство во ЕУ, туку повеќе претставува парадигма на политичките капацитети на Македонија за спроведување на реформите во насока на владеењето на правото.
– Самата форма на постоење и законското решение за СЈО (односно најавениот законот за Јавно обвинителство) не е нешто на што ЕУ категорично инсистира како услов за позитивен извештај на ЕК и за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Но СЈО е симбол на две работи. Едната е: дали ние како држава сме цврсто решени да се бориме против корупцијата и во тој контекст дали ќе продолжат започнатите процеси во таа борба. Имено, во скенирањето на ЕУ на сите држави од Западен Балкан постои ноторна констатација дека корупцијата е ендемска појава.
Другиот симбол што го претставува СЈО е всушност тестирање на капацитетот на политичките фактори во земјава за водење политички дијалог. Ако не можат да се договорат за СЈО, како би се договарале понатаму за носење на системските закони неопходни за усогласување со европското законодавство – оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Со оглед на одолжувањето на меѓупартиските разговори за пронаоѓање решение за иднината на СЈО, без напредок во усогласувањето на ставовите, иако 29 мај, датумот за добивање извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија на евроатлантскиот пат, се приближува, сѐ повеќе се добива чувство дека ова прашање свесно се остава отворено, како евентуален изговор за недобивање датум за почеток на преговорите со ЕУ.
– Несомнено е дека СЈО треба да биде услов за добивање позитивен извештај на Европската комисија, како еден проект за кој како гарант се јави меѓународната заедница, а со кој треба да се спроведе владеењето на правото. Проблемот е што на почетокот не биле добро предвидени роковите за спроведување на постапките, односно не биле добро согледани слабостите на нашиот правен систем, кои не можат да се совладаат за толку кратко време колку што беше предвидено за функционирање на СЈО. Завршувањето на постапките што ги има отворено СЈО ќе претставува заокружување на пржинскиот процес, односно добивање една почиста позиција за владеењето на правото. Затоа сметам дека СЈО треба да биде еден од условите за добивање датум за преговори за членство во ЕУ, како своевидна гаранција за намерите на државата да спроведе владеење на правото – смета професорот Јове Кекеновски.