Компаративна анализа на изборните програми на партиите за феноменот корупција и за ефикасната борба против истата таа
Корупцијата како феномен на противправно практикување на јавната функција и положба во општеството заради стекнување корист, е едно од најгорливите проблеми во нашата држава. Веќе подолго време е вклучен алармот за борбата против оваа рак-рана, вклучувајќи ги и константните забелешки на меѓународната заедница. Точно е и дека концептуално повеќе администрации сериозно му пријдоа на овој проблем, со обиди за зајакнување на капацитетите на државната управа, со носење антикорупциски мерки и закони, со обиди за реструктурирање на органите, кои првенствено ја спроведуваа борбата против корупцијата (полиција, обвинителство, судство), со поттикнување проекти на НВО од оваа област, како и со будење на свеста кај граѓаните во врска со корупцијата.
Но задоволителни резултати изостанаа. Во тој контекст е споредбениот приод на „Нова Македонија“ за програмите и заложбите на политичките партии во предизборието во врска со мерките, активностите и проектите во борбата против корупцијата и нивните проекции за ефикасност.
Левица: Ревизија на приватизацијата и национализацијата
Во делот на програмата и мисијата на Левица, која се однесува на борбата со корупцијата во државата, за издвојување се нивните заложби за ревизија на приватизацијата, за отворање правна можност за казнување на ноторните случаи на криминална трансформација на поранешните општествени претпријатија, во периодот на транзицијата. Натаму, Левица најавува закон за потекло на имотот на сите носители на јавни функции, од осамостојувањето до денес (1991-2020). Воведување конфискација на нелегално стекнатиот имот на досегашните владејачки структури. Левица истакнува дека се залага за заострување на т.н. антимафијашко законодавство и жестока борба против финансиските шпекулации и перењето пари, кои овозможуваат одлевање на домашниот капитал во странство или негово „легализирање“ преку сомнителни бизниси. Во делот на овој широк фронт, Левица стои зад политика на незастарување на кривичните дела поврзани со т.н. економски криминалитет и корупција извршени од страна на јавните функционери. Левица ќе спроведе јавна и проширена објава на т.н. историски податоци за промена на состојбата во анкетните листови на избраните или именуваните лица.
Во овој дел партијата предвидува и забрана на јавните претпријатија и државните институции да ангажираат адвокатски фирми за свои потреби пред судовите. Потоа, задолжително и навремено јавно објавување информации за трошење на буџетот на сите министерства и буџетски корисници. Дополнително и воведување специјални црвени регистарски таблички за службените возила на државните органи, општините и јавните претпријатија, по кои тие ќе се разликуваат од обичните (за лесно следење на злоупотребите од страна на јавните функционери особено со нивно ненаменско користење за приватни потреби, надвор од работното време).
Интегра: Јасна разграничувачка линија меѓу трите власти во државата
Кога партијата Интегра говори за борбата со корупцијата во државата истакнува дека таа е проблем со висок степен на перцепција кај граѓаните.
– Проблемот не е едноставен, напротив тој е повеќеслоен. Со децении никако да се започне со ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал. Клучната причина за тоа е што соучеснички двете партии креираа коруптивен систем на сите нивоа и ставија рака во сите власти, од законодавната, извршната и особено судската. Токму затоа досега, во континуитет, цели триесет години нема пресуда за корупција на високи функционери од власта, нема пресуда со конфискација на имот за тоа што народот го виде на ТВ-екраните, го слушна во „бомбите“ и го прочита по печатените медиуми – велат од Интегра.
Оваа партија во своите програмски цели, предвидува повлекување разграничувачка линија меѓу трите власти во државата, како и донесување нов изборен законик и нов закон за финансирање на политичките партии.
Натаму, најавуваат зајакната позиција на институциите во дејствувањето со корупцијата и силни овластувања за спроведување на истрагите. Оваа партија предвидува демонтирање на сите законски решенија што оставаат простор за корупција, особено во сферата на јавните набавки и казнената политика во делот на судирот на интереси. Во програмата се подвлекува и укинување на дискрециските и арбитрерни права на министрите, директорите на агенциите, управите и раководителите на секторите на сите нивоа во администрацијата.
Глас за Македонија: Со ефикасни закони против нелегално стекнатиот имот
Во својата изборна кампања партијата Глас за Македонија најавува голема битка со корупцијата во државата, а во тој правец подвлекува дека ќе изврши ревизија на криминалната приватизација и децентрализацијата. Со отварање на овие процеси, според Глас на Македонија, жртвите од овие случувања конечно ќе ја видат правдата. Натаму, во кампањата се наведуваат и сет носење закони и промена на текстови на актуелни закони насочени на државното дејствување со ова случување. Како едни од најбитните, Глас на Македонија ги наведува носење на законите за потекло на имот и конфискација на нелегално стекнат имот, закон за дејствување на Уставниот суд и други. Во изборната програма се додава дека ќе се практикува да не застаруваат кривичните дела и одлежувањата на затворските казни. Во својот документ оваа партија најавува и креирање мерки, кои ќе бидат специјално насочени кон елиминирање на корупцијата во тендерското дејствување на државните институции.
Партијата има своја визија и за целосна реформа во работењето на Јавното обвинителство и на Државниот завод за ревизија. Ова партија во својата изборна програма пишува и дека ќе изврши укинување на привилегиите и бенефициите за носителите на јавни функции, унапредување на системот на надзор над веродостојноста на податоците за имотната состојба на функционерите, ќе воведе силни граѓански модел на контрола над работата на судиите и обвинителите и ќе изврши преиспитување и рационализација на постојната судска мрежа.
ГДУ: Поголема превенција за коренити промени во системот
Граѓанско-демократската унија (ГДУ) во својата изборна програма за превенција од корупцијата се залага за коренити промени на постојниот систем, а една од основните причини е високото ниво на корупција во Македонија и неефикасноста на Државната комисија за спречување корупција.
– Македонија со години во разни извештаи е меѓу најкорумпираните земји во светот. ЕУ во континуитет ни укажува дека имаме сериозен проблем, а антикорупциската комисија треба да ја сочинуваат професионалци и експерти што ќе бидат бескомпромисни – информираат од партијата. Од ГДУ најавуваат дека политичките послушници нема што да бараат во комисијата и затоа е потребна промена на актуелниот модел на нејзиното функционирање и во антикорупциската комисија треба да влезат вистински професионалци и натпартиски кадар.
– Цениме дека е потребно што побрзо и судството, односно судиите да се најдат под лупата на комисијата, бидејќи се група со висок ризик, а искуствено треба да се утврди и зошто постапките против функционери и бизнисмени за корупција или криминал заглавуваат низ судските фиоки – информираат од ГДУ.
Оваа партија ќе иницира промени во Кривичниот закон за да се санкционира поведение, кое се однесува на работењето на судиите, обвинителите, правните застапници и другите службеници на Судот. Според визијата на оваа партија, доколку се докаже вина на овие лица, освен соодветната законска казна најавуваат и трајна забрана за вршење на дејноста и губење на пензијата. Оваа партија информира дека има намера да иницира целосна трансформација на Министерството за правда и во негова надлежност да ги вклучи и обвинителите.
– Овој пакет законски измени и мерки реално може да се спроведат за осумнаесет месеци – велат од ГДУ.
Твоја партија: Казна во сооднос и со позицијата во државната управа на носителот на јавната функција
Во сузбивањето на корупцијата, Твоја партија ќе инсистира секој политичар, при стапување на должност, наместо да чита заклетва, да чита изјава што ја дава под полна кривична одговорност и со која тврди дека не ширел и нема да шири лажни вести, дека не ги мамел и нема да ги мами граѓаните, дека не давал и нема да дава лажни ветувања, дека не крадел и нема да краде, дека не рекетирал и нема да рекетира, дека не уценувал и не се заканувал, и нема да уценува и да се заканува. Според изборната програма на оваа партија, секоја казна предвидена во Кривичниот законик, и во другите закони, да се постави во сооднос со функцијата што ја има лицето за кое си изрекува казната.
– Висината на казната да биде правопропорционална со висината на функцијата што некој ја има, а секоја постапка за одговорност да започнува во моментот на најмал сомнеж искажан од страна на граѓаните – информираат од Твоја партија.
Оттаму најавуваат дека ќе бараат редефинирање на имунитетот на парламентарците со што избраниците ќе треба да одговараат за искажаното на собраниската говорница. Според програмата на партијата, при завршувањето на мандатот секој функционер мора да даде детален извештај за новата имотна состојба.
ВМРО-ДПМНЕ: Системско поврзување на Заводот за ревизија со Обвинителството
Во својата изборна програма, ВМРО-ДПМНЕ најавува крајно остра битка со корупцијата. Имено, во програмата на партијата се информира дека ќе се изврши процес на трансформација и транспарентно реструктурирање на работата на институциите за намалување на коруптивните активности. ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе преземе активности за ослободување на фирмите од стегите на инспекциите со дејствување на незаконска заднина. Програмата на партијата предвидува системско поврзување на Заводот за ревизија со Обвинителството. Во програмата се истакнуваат и сет мерки за изработка на стратегија за борба против сивата економија, зајакнување на капацитетите на Комисијата за спречување на корупцијата и воведување систем на управување на државни институции со ризик.
СДСМ: Проветрување во судството како предуслов за успешна борба против корупцијата
Социјалдемократите во својата изборна програма, во делот што се однесува на нивната визија за борба со корупцијата, истакнуваат дека правдата и довербата во неа се ’рбетот на една нација.
– На секое општество му е потребна правда што гарантира слобода. Правдата мора да биде квалитетна ефикасна и непристрасна – пишува во програмата. Оваа партија најавува јакнење на капацитетите на институциите, преку процесот на избор на судии и обвинители заснован на закон и Устав и нагласува дека овозможува доследна борба со криминалот во државата. Натаму, во програмата пишува дека најавува проветрување во судството како предуслов за сузбивање на криминалот и корупцијата. Потоа, се додава дека ќе се спроведе „ЕУ-мониторинг“ на судските процеси со корупцијата. СДСМ најавува поголема транспарентност во Јавното обвинителство (ЈО), поддршка за судската и обвинителската служба, намалување на судската такса, дигитално судство и други.
Во програмата се најавуваат и мноштво законски решенија за подобрување на состојбите со корупцијата, како такви во програмата се најбројуваат новините во Законот за движењето на предметите во ЈО и Законот за жртвите на лустрацијата и политичките судења. Во програмата се најавува и ревизија на законите заради елиминирање на „законските дупки“ за злоупотреби на вработените во судството. СДСМ најавува и сосема нов електронски систем за употреба на притвореници во куќен притвор. За носителите на функциите во следниот мандат на оваа партија се најавуваат и поголема одговорност и помали привилегии за нивните работни места. Според програмата на оваа партија, сторители на кривични дела нема да се најдат на листите на СДСМ за именување државни и општински функционери.