Факт што никој не го оспорува е дека СЈО е правен субјект, создаден како резултат на политички договор. И цело време од неговото постоење, во неговата работа се судираа политичките интереси и правните принципи, па се чини дека во тој конфликт на политиката и правото ќе се суди и за неговата конечна судбина
Одлуката на Врховниот суд, формулирана како „начелно правно мислење“ за, накратко кажано, изминатиот „рок на траење“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), меѓу правниците ги активира старите дебати за потребата и оправданоста на неговата работа. Политичките фактори, пак, главно сѐ уште се воздржуваат да ја коментираат најавената судбина на ова правно тело со специјални надлежности. Толкувањето на Врховниот суд е дека СЈО смеело да поднесува обвиненија само за истрагите што ќе ги заврши во рок од 18 месеци, сметано од денот кога ги добиле „бомбите“, што е јасно и прецизно регулирано со членот 22 од Законот за Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, како што официјално се нарекува она што пошироката јавност го знае како СЈО.
Официјално, специјалното јавно обвинителство беше формирано на 15 септември 2015 година, но со истрагите требаше да заврши до 30 јуни 2017 година, поради неколкумесечниот застој во работата предизвикан од амнестијата што ја прогласи, а потоа ја повлече, претседателот Ѓорге Иванов. Сепак, и по изминувањето на тој првично договорен рок од страна на политичките партии со договорот од Пржино, СЈО продолжи со истрагите, кои сега, по одлуката на Врховниот суд, стануваат спорни. Односно, според правното мислење на Врховниот суд, СЈО е ненадлежно за десетина истраги и уште повеќе предистраги.
Но, од друга страна, некои од правните експерти ја оспоруваат надлежноста на Врховниот суд да дава толкување на Законот за СЈО, поаѓајќи од принципот дека автентично толкување на закон врши само Собранието, како највисоко законодавно тело. Она што дополнително ја прави ситуацијата индикативна е фактот што Врховниот суд ја донел оваа одлука по иницијатива и барање на адвокати, што до неодамна не било практика, туку иницијатива до Врховниот суд можеле да поднесат само судии.
– Кога имате проблем со толкување на закон, ќе се обратите во Собранието. Адвокатите многу добро го знаат тоа. Меѓутоа има лукративни причини зошто се обратиле до Врховниот суд – вели Гордана Лажетиќ, професорка по кривично-процесно право.
Освен тоа, Лажетиќ смета дека Врховниот суд со ваквата одлука ја презел надлежноста на собраниската законодавноправна комисија.
– Врховниот суд ја презел надлежноста на законодавноправната комисија во Собранието или, обратно, комисијата доби опасен конкурент за уривање на правниот систем. Она што е објавено на веб-страницата на Врховниот суд и она што е донесено, под назив „Начелно правно мислење“, воопшто не е тоа. Насловот и содржината се разликуваат. Тие имаат право и обврска по закон и Устав да носат начелни правни мислења и да усогласуваат судска практика. Ова што е објавено е срам за Врховниот суд, затоа што ова воопшто не е нешто што води во функција на воедначување на судска практика – вели Лажетиќ.
Во слична насока одлуката ја толкува и поранешната судијка на Врховниот суд, Милка Ристова, која смета дека со неа се прави упад во правниот систем.
– Во конкретниот случај станува збор за упад во правниот систем. Одредбата што била предмет на опсервација на судиите од Врховниот суд е членот 22 од Законот за СЈО и таа одредба во законот е систематизирана во делот 4 од законот, со наслов „Краен рок за поведување на обвинение“. Тој дел содржи само една одредба. Тоа е членот 22, во кој е уреден рок од 18 месеци во кој може СЈО да поведе обвинение или да нареди запирање истражна постапка. Тоа се тие две дејства за кои е утврден тој рок. Не е спорно дека рокот е 18 месеци. Но секогаш судските рокови се засметуваат на тој начин што се тргнува од одреден ден, а тој ден во секој конкретен предмет може да биде различен. Во конкретниот случај, Врховниот суд треба да утврди дали поминале 18 месеци од преземањето на предметите и материјалите од надлежност на СЈО. Во содржината на мислењето на Врховниот суд стои дека тој краен рок е од преземањето на материјалите од неовластеното прислушување. Излегувањето од надлежностите е бидејќи секој судски рок во секој конкретен предмет конкретно се утврдува. Законот како што е конципиран не предвидува рокот да се утврди како што го утврдиле тие, до 30 јуни 2017 година. Тоа значи дека треба да цени кога, од преземањето на предметите и материјалите. Секогаш треба да се држите до тоа што го пропишува законот, не можете да излезете од него – објасни Ристова.
Покрај сѐ, факт што никој не го оспорува е дека СЈО е правен субјект во Македонија создаден како резултат на политички договор. И цело време од неговото постоење, во неговата работа се судираа политичките интереси и правните принципи, па се чини дека во тој конфликт на политиката и правото ќе се суди и за неговата конечна судбина.