Партиите во земјава, и по изборите, сѐ уште водат вистинска војна на интернет и на социјалните мрежи. Дефицитот од средби лице в лице овозможи развивање нови „контакти и релации на дистанца“ заради придобивање на симпатиите на граѓаните за одредена партиско-политичка опција. Штабовите на партиите сѐ уште се во офанзива со своите партиско-политички маркетиншки методи
„Војната“ на партиите преку традиционалните медиуми и на социјалните мрежи продолжува
Платформата Твитер станала место каде што најмногу се кршеле копјата на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Она што е исто така интересно од сондажата на порталот „Балкан инсајт“ е дека оние активности што се случиле на социјалните мрежи за време на кампањата целосно не се отсликале и валоризирале во резултатите од гласањето.
Според сондажата, главната битка во т.н. твитер-војна најмногу ја биеле двата најголеми политички кампуси. Политичките аналитичари и политиколози издвојуваат дека „дури и по крајот на пандемијата, слободно може да се заклучи дека во иднина со сигурност кампањите во најголем дел ќе се водат првенствено на дистанца, преку медиумите и на социјалните мрежи, а сѐ помалку на традиционален начин“.
Партиско-политички битки и во реалноста и во виртуелниот свет
Политикологот Милан Стефаноски, пак, вели дека овие избори, кои беа водени под превезот на пандемијата, покажаа дека онаа партија што истовремено води битка на два фронта, и на интернет и во реалниот живот, ќе биде релевантен фактор за составување на секоја влада.
– Анализирајќи ги податоците од овој тип, морам да констатирам дека во моментов сѐ уште немаме јасна слика кој ја победил битката на Твитер, иако објавите на СДСМ, според пишувањата на медиумите, се побројни од оние на ВМРО. Тоа во практика и навистина е така, бидејќи коалицијата на СДСМ има незначително повеќе пратеници, што е и донекаде отсликување на настаните – вели Стефаноски.
Поранешниот пратеник Илија Димовски, пак, размислува дека во Македонија сѐ уште никој не успеа да примени различен пристап во класичниот маркетинг и во маркетингот на социјалните медиуми, ниту партиите, а многу ретко и компаниите.
– Просто емитување на содржините од класичниот маркетинг низ социјалните медиуми не дава потребен ефект, потребно е посебно продуцирање на контент насочен специфично кон различни социјални платформи. Тој треба да е многу подинамичен, персонализиран и директен, треба да ги држи вклучени и заинтересирани оние кон кои е насочен – вели Димовски.
Според него, нема социјална платформа каде што не е можен политички или комерцијален маркетинг, но тој треба да е многу поквалитетно создаден, затоа што социјалните апликации се респонзивни и критичноста е екстремна, а тоа е тоа од што се плашат сите што пласираат маркетинг-содржини.
– За жал, на овие избори партиите се решија на безбеден, но помалку креативен и многу помалку ефективен маркетинг на социјалните мрежи – заклучува Димовски.
Обвинувања и контраобвинувања за начинот на користење на интернетот за партиски цели
Двете најголеми политички партии во земјава имаат свој став за актуелното прашање.
Костадин Костадинов од СДСМ вели дека неговата партија, како што најавила и пред кампањата, поради специфичната ситуација, своите предизборни активности ги насочила главно на социјалните мрежи и дигиталните платформи.
– Дополнително, нашата заложба како партија е да сме транспарентни и отворени кон граѓаните и токму затоа во оваа кампања се потрудивме да допреме до што поголем број луѓе преку различните дигиталните платформи за комуникација. Притоа се насочивме и на креирање простор за суштинска размена на ставови, за да ги слушнеме идеите на сите граѓани и да ги земеме предвид – вели Костадинов.
Тој за актуелните настани вели дека граѓаните ја видоа разликата меѓу нивниот одговорен пристап кон граѓаните и нивното здравје, нивниот модерен, европски начин на водење кампања и пристапот на другите партии, кои честопати го загрозуваа јавното здравје.
– Во СДСМ сериозно се работи на иновативни дигитални решенија за подобра внатрепартиска комуникација, но и комуникација со јавноста. Во следниот период ќе продолжиме уште повеќе да инвестираме на ова поле, затоа што тоа е иднината – заклучува Костадинов.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во контекст на актуелните настани, вели дека била евидентна потребата од дејствување на социјалните мрежи, не само поради изборните корона-услови. Но тој истакнува и дека постојат многу индикатори дека биле потрошени многу средства од страна на политичкиот опонент, а за истото тоа и ги обвинува.
– СДСМ го зазеде и интернет-просторот на социјалните мрежи, и тоа со пари. На тој начин прикажа многу поголема, вештачки креирана слика за поддршка. Тоа се покажа на изборите, со бројот на гласовите. Институциите тоа мора да истражат дали има злоупотреби за кои постојат основи на сомневање дека се направени. Во однос на поделбата на социјалните мрежи, јасно е дека твитер-заедницата е помала, но е пософистицирана, па лесно се добива слика за лажна поддршка и за искрени реакции – резимира Стоилковски.