Фото: Игор Бансколиев

Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски центар, очекува станарите да се придржуваат кон правилата, бидејќи, како што вели, само така ќе се заштити здравјето на сите

ДОМУВАЊЕ ПО ПРОТОКОЛ – НЕМА ЗАБАВИ
И НЕМА ГРУПИРАЊЕ ПО СОБИ

Од понеделник започнуваат да се сместуваат станарите во студентските домови во Скопје. Првпат по строго утврдени правила, тие ќе бидат сместени во своите соби за кои се пријавија на конкурсот што го распиша Министерството за образование и наука. Очекувано, најголем интерес годинава имаше за „Гоце Делчев“ затоа што сите четири блока се комплетно реновирани.
Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски центар, очекува станарите да се придржуваат кон правилата, бидејќи само така ќе си го заштитат своето здравје.
– Според новите правила, бројот на станари во студентските домови е редуциран. Во оние соби во домовите во кои можеше да се сместат двајца студенти, сега ќе живее еден станар, а во собите за четири лица ќе може да бидат сместени максимум двајца. Во мензите, на масите предвидени за четворица, ќе можат да седат двајца. Заедничките простории во домовите нема да се користат воопшто – информира Николовски.

Месечната цена за сместување и храна што ја плаќа еден студент се движи од 3.100 до 3.300 денари. Во однос на исхраната, Николовски вели дека веќе е подобрена, но и дека ќе се оди на тоа оброците да бидат што поздрави.
– Правилата на домување и однесување мора да се почитуваат. Во план е да се вметне еден член во договорот, во согласност со кој станарот ќе се соочи со губење на местото во домот ако не ги почитува правилата. Не смее да има собирања, групирања и забави. Ние ќе се подготвиме максимално, но ги повикувам студентите да соработуваат зашто само заеднички можеме да се справиме со ситуацијата – истакна директорот Николовски.
Вкупниот капацитет на сите студентски домови е 1.396. Според списоците објавени на 1 овој месец, во објектите треба да се вселат 1.165 студенти. Еднокреветна соба во „Кузман Јосифовски-Питу“ чини 3.495 денари месечно, а двокреветна е 3.345. Во „Гоце Делчев“ еднокреветна соба е 3.645 денари, а двокреветна е 3.445. Во студентскиот дом „Стив Наумов“ еднокреветна соба е 3.595, а двокреветна 3.445 денари месечно.


На оние што добиле соба, а не можат да се сместат, ќе им биде платено за приватно сместување

Универзитетското студентско (УСС) собрание пред неколку дена објави дека на оние студенти што конкурирале на конкурсот за сместување во студентските домови и на кои им се одобрени барањата за сместување, но поради намалениот број сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, ќе им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување или месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите.
– Студентот што треба да добие финансиски средства ќе може да избере дали сака да добие средства за закуп на приватно сместување или средства за превоз. Студентите на кои ќе им биде одобрен финансиски надоместок за сместување или превоз, ќе се пријавуваат на интернет-платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на академската година – велат во УСС.

УСС било вклучено во целиот процес реализиран од Министерството за образование и наука, кој се однесува на студентските домови.
– Се надеваме дека соработката ќе продолжи во иднина за сите прашања што ги засегаат студентите. Високото образование и студентскиот стандард се соочуваат со сериозни предизвици и проблеми, кои можат да бидат надминати само со инклузивен процес на соработка во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни – додаваат оттаму.