Фото: Игор Бансколиев

Иако идеите за прекројување на границите во моментов се оценети како спинови и лажни вести, политичките аналитичари и правните експерти, сепак, оставаат резерва во однос на невозможноста за нивна реализација

Прекројувањето на границите и размената на територии се чини дека е евергрин-тема на Балканот, која се отвора наменски во одреден регионален политички контекст. Очигледно во текот на ова лето се создаде токму таков контекст, па оваа тема периодично се отвора и затвора.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ веќе извесно време отворено изнесуваат идеи за поделба на Косово. Според нивните сценарија, една од можните опции е северниот дел на Косово, мнозински населен со Срби, да се врати во границите на Србија.

На овие идеи возврати косовскиот претседател Хашим Тачи, кој, пак, го проблематизира јужниот дел на Србија, мнозински населен со етнички Албанци. Според Тачи, Прешевската Долина во иднина треба да биде дел од Косово. Тој тврди дека не се залага за поделба по етнички линии туку за „корекција на границите“.
Оваа идеја од соседството за прекројување на границите, по системот на политички сврзани садови, беше искористена за безбедносно спинување во еден особено сензитивен момент на одлуки за иднината на Македонија. Поттекстот на македонската интерпретација на оваа воскресната идеја е дека ако таа се реализира, прва во која ќе се прелее ефектот на прекројување на границите е токму Македонија.

– Факт е дека непроменливоста на границите е меѓународен принцип, кој не се почитува. На почетокот на распадот на Југославија, првите изјави што доаѓаа од меѓународните политички фактори од САД и од западноевропските земји беа дека СФРЈ ја признаваат целосно, само во тогаш меѓународно постојните и признаени граници. Никој однапред не дава легитимитет на распад на една држава. Никој не може да гарантира дали ќе се реализира некое сценарио за промена на границите, но зошто ова прашање, односно идеја за прекројување на границите меѓу Србија и Косово се актуализира во Македонија, има друга конотација. Мислам дека тоа е повеќе дел од стратегија за заплашување на граѓаните на Македонија, со безбедносни ризици пред референдумската одлука. Многу е незгодно кога таквата ситуација во соседството се користи во сензитивен момент за Македонија – оценува професорката Билјана Ванковска.

Иако идеите за прекројување на границите во моментов се оценети како спинови и лажни вести, политичките аналитичари и правните експерти сепак оставаат резерва во однос на невозможноста за нивна реализација. Некои странски дипломати се обидуваат да ги санираат ефектите во јавноста од шпекулациите за менување на границите, со ставот дека не значи ако тоа се случи во соседството, неизбежно е тоа да се примени во Македонија. Тоа остава простор за развој на сомневањата дека ако некоја идеја е пласирана во јавноста, кога-тогаш може и да се реализира.

– Нема стопроцентни гаранции, но евроатлантската интеграција треба да придонесе кон тоа сите да се чувствуваат како дома, свои на своето. Па, и во случај да се реализираат сценаријата за поделби или размени на територии меѓу други држави, граѓаните во Македонија без оглед на етничката припадност просто да речат „нам ни е добро тука“. Спротивно на 2001 година, кога конфликтот се прелеа од Косово, а луѓето што тука го поддржаа оружениот судир велеа: „Ние зборувавме, а вие не слушавте“. Нам, конечно, ни требаат сојузите не само за да бидеме дел од нив со сопствена специфична тежина туку за да ја задржиме и внатрешната стабилност, односите меѓу различните етнички заедници. Без учество во нив, практично, немаме целосен суверенитет и изложени сме на најразлични политички ветришта што може да го загрозат опстанокот на една мала и кршлива држава – неодамна го изнесе своето размислување професорот на Правниот факултет во Скопје, Денко Малески.

Но последниот став и претпоставени развојни сценарија засега ги неутрализира германската канцеларка Ангела Меркел, која при посетата на премиерот на БиХ, Денис Звиздиќ, во Берлин, категорично изјави дека „територијалниот интегритет на Западен Балкан е дефиниран и не е тема за преговори“.
– Мораме да го повторуваме ова, затоа што одвреме-навреме се случуваат обиди да се разговара за границите. Не можеме да го правиме тоа – рече Меркел, мислејќи на промена на границите, порачувајќи им на сите земји од Западен Балкан дека имаат сигурна перспектива во ЕУ.


Мурати: Промената на границите само ќе ги зацврсти темелите на мирот

Претседателот на косовската партијата Движење за обединување, Ваљон Мурати, ги смета за апсурдни тврдењата на голем број косовски политичари дека промената на границата со Србија ќе донесе војна и истакнува оти со таквите изјави се настојува да се предизвика паника во јавноста.
Мурати преку објава на Фејсбук порача дека промената на границата треба да се направи „со благослов од меѓународната заедница“ и дека тоа ќе донесе мир меѓу Албанците и Србите.
– Деновиве не престанувам да се чудам на апсурдните тврдења дека промената на границите подразбира војна. Вака се настојува да се преплашат луѓето и да се предизвика паника во јавноста дека може да имаме војна и да се дестабилизира Балканот. Вистината е дека ако се променат границите, тоа може да се случи единствено во договор и со благослов од меѓународната заедница и во тие услови не само што нема да има војна туку ќе се постават цврсти темели на мир меѓу Косово и Србија, меѓу Албанците и Србите – напиша Мурати.
Според него, тие што заплашуваат со војна се „главно истите што инвестирале или се производ на инвестирањето во мултиетничкиот концепт на Косово“, кое, како што нагласува, го сочинуваат над 92 отсто Албанци.


Косовската опозиција ќе протестира против Тачи

Косовските опозициски партии најавија дека заеднички ќе организираат протести, за да го спречат претседателот Хашим Тачи да го води дијалогот со Србија и на преговарачка маса да го постави прашањето за промена на границите.
Движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово објавија дека се согласни заеднички да дејствуваат во парламентот за формирање преговарачки тим, кој ќе го добие легитимитетот на законодавниот дом.
Демократскиот сојуз, како најголема опозициска партија, ги гледа и протестите како опција за да се спречат настојувањата на Тачи за корекција на границата, како и за водење на дијалогот со Белград.
И третата најголема опозициска партија, Социјалдемократската партија на Косово, најави дека ќе ги поддржи протестите.
Последниве недели косовскиот претседател интензивно ја промовира идејата за корекција на границата со Србија, со тоа што, според неговата замисла, на Косово би му се припоила Прешевската Долина, но на Србија не би ѝ се дал никаков дел од косовската територија.


„Новости“: Москва подготвена да го поддржи осамостојувањето на Република Српска

Москва е подготвена да ја поддржи Република Српска во иницирањето на прашањето за осамостојување од Босна и Херцеговина, пред сѐ во контекст на преговорите за конечното решение за Косово, кои се очекува да бидат интензивирани во текот на септември, тврди белградскиот весник „Вечерње новости“.
Според весникот, ваквата порака на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, би требало да му ја пренесе рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на посетите на Сараево и на Бања Лука, на 16 и 17 септември.
„Вечерње новости“ тврди дека Москва преку неофицијални канали веќе „им испратила сигнали“ на Белград и на Бања Лука дека со „големо внимание го прифатила цврстиот став“ на Додик, дека ако Косово стане членка на ОН и Република Српска, „ќе тргне по патот на осамостојувањето“.
Лавров ќе допатува во БиХ само еден ден по средбата на претседателите на Русија и на Србија, Владимир Путин и Александар Вучиќ, најавена за 15 септември во Москва, наведува белградскиот весник.
Според „Новости“, решавањето на косовското прашање се очекува да биде централна тема на разговорите Путин – Вучиќ.