Стејт департментот и официјално ги достави до Сенатот на САД сите потребни документи за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, објави американскиот државен секретар Мајк Помпео на гала вечерата во Вашингтон по повод одбележувањето 70 години од формирањето на Северноатлантската алијанса.
– Оваа година се подготвуваме да ја примиме 30-тата земја, Северна Македонија, и со задоволство можам да кажам дека минатата недела формално ги доставивме документите за ратификација на Протоколот во нашиот Сенат. Заедно, членовите на Алијансата ја подобруваат заедничката одбрана. Го зајакнавме нашето присуство во регионите на Балтикот и Црното Море. Ја зголемуваме подготвеноста на нашите сили и ја подобруваме нашата отпорност кон хибридни и сајбер-закани од модерното време- истакна Помпео пред шефовите на дипломатиите на земјите сојузници во Алијансата кои се собрани во Вашингтон за да одбележат седум децении НАТО.
Прв пат, на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО официјално е поканета и Северна Макеоднија како идна 30. членка, претставена преку шефот на дипломатијата Никола Димитров.