Дали смртта на патријархот Иринеј ќе го одложи процесот на признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија што го почна Вселенската патријаршија? Оваа е клучната дилема што сега ја интересира македонската црковна јавност
Смртта на српскиот патријарх Иринеј, поглаварот на Српската православна црква, настаната поради последици од коронавирусот, е вест што предизвика огромно внимание во православниот свет, бидејќи тој е прв поглавар на православна црква што ја загуби битката со ковид-19.
Колку овој настан ќе предизвика потреси во православието? Дали смртта на патријархот Иринеј ќе го одложи процесот на признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија што го почна Вселенската патријаршија? Оваа е клучната дилема што сега ја интересира македонската црковна јавност. За очекување е дека во ваква ситуација вселенскиот патријарх Вартоломеј не би преземал никакви чекори, сѐ до изборот на нов поглавар на СПЦ, процес што во услови на пандемија би можел да потрае и неколку месеци.
Од друга страна, веројатно ќе се чека токму изборот на патријарх, за да се види дали и каков став тој би имал за црковното прашање на МПЦ.
Познавачот на состојбите во православието Бранко Ѓорѓевски смета дека смртта на српскиот патријарх нема битно да влијае на процесот за решавање на македонското црковно прашање од страна на Вселенската патријаршија.
– Конечната одлука не се очекува во брзо време, што значи дека наредниве три месеци, во текот на кои треба да се изврши изборот на новиот српски поглавар, нема да значат многу – посочува тој.
Според него, во оваа ситуација интересно е прашањето кој ќе биде новиот српски поглавар, односно дали ќе се оди кон помлад или, пак, постар претставник од редовите на српските владици. СПВ доживеа тешка загуба со смртта на патријархот Иринеј и владиката Амфилохие.
– Сега како највлијателен владика останува епископот бачки Иринеј, кој има 73 години и кој ќе биде сигурно еден од најголемите фаворити за нов патријарх. Од постарите владици значајни се и шабачкиот Лаврентиј (85 години), дабробосанскиот Хризостом (68 години), банатскиот Никанор (68 години), сремскиот Василиј (74 години). Но ако се донесе одлука патријархот да се избира од редовите на помлади владици, тогаш има повеќе кандидати бидејќи СПЦ во изминативе години извршила значително подмладување на своите митрополитски редови. Но оние што го поддржуваат бачкиот епископ Иринеј нема да дозволат изненадувања. А тоа значи дека односот на СПЦ кон македонското црковно прашање и кон потезите на Вселенската патријаршија и натаму ќе биде ист – посочува Ѓорѓевски.
Вселенската патријаршија во неодамнешната изјава за грчкиот медиум „Етникос Кирикас“, како што посочува аналитичарот, соопштила и дека во јануари годинава била испратена покана до СПЦ за разговори за нашето црковно прашање, но таа останала без одговор.
– Упатена била нова покана, но и на неа досега немало одговор. Јасно е дека СПЦ нема да одговори на оваа покана на Вселенската патријаршија и дека таа ќе треба сама да донесе одлука за статусот на МПЦ. Но тоа сигурно не треба да се очекува во наредниве месеци -д одава Ѓорѓевски.
Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, кој истражува на темата „Црковната политика во православната црква“, вели дека со оглед на новонастанатата ситуација неминовно е процесот за признавање на МПЦ да биде ставен на пауза поради потресот што се случува во редовите на СПЦ и незнаењето за тоа како пандемијата ќе влијае понатаму како кај СПЦ, но и кај другите локални цркви.
– Вселенската патријаршија пред какви било поместувања за признавањето на МПЦ ќе чека прво на изборот на новото раководство во СПЦ, а потоа и давање шанса на истото тоа да се позиционира во однос на македонското прашање. Државно-црковниот напор во 2018 година се чини дека го помести прашањето од Белград кај Вселенската патријаршија, но со последните случувања во СПЦ прашањето од рацете на Вселенската патријаршија повторно се прелива во Белград – посочува Богдановски.