Неизвесноста околу тоа што ќе следува по историското „не“ на Париз за Скопје, особено кога станува збор за спроведување на договорот од Преспа, ги натера европските претставници на уште една форма на притисок врз Македонија, сметаат упатените

Нови обиди за утеха по изневерените очекувања или искрена поддршка за Mакедонија да продолжи со оптимизмот за успех на евроинтеграциската приказна? Ова прашање неизоставно се наметнува по објавувањето на веста дека деновиве, додека сѐ уште се изведуваат заклучоци од најновата блокада на зачленувањето на Македонија во Европската Унија, во посета на земјава се првиот човек на Европскиот парламент Давид Сасоли и потпретседателката на францускиот сенат Елен Конве-Муре. Особено посетата на Конве-Муре е интересна од повеќе аспекти кај домашната јавност, не само поради пораките дека пристапувањето на Македонија во ЕУ е само на пауза туку и поради неизвесноста околу тоа што ќе следува по историското „не“ на Париз за Скопје.

Првиот човек на ЕП Сасоли, при отворањето на Европската куќа во Скопје, вчера истакна дека во Европскиот парламент, Европскиот совет и во Европската комисија се уверени дека Македонија е подготвена да ги започне пристапните преговори и изрази надеж дека малкуте држави што имаат резерви по ова прашање ќе успеат да ги надминат нивните сомнежи.

– Имаме заедничка судбина и не е доволно една мала блокада за да се запре вниманието што го имаме кон вас, а тоа е Северна Македонија да стане дел од Европската Унија. Се работи за разочарување, но треба да имаме голема доверба и надеж – рече Сасоли, обраќајќи им се на младите што присуствуваа на отворањето на Европската куќа.

Иако ова е негово прво патување откога стапи на функцијата, Сасоли пред пристигнувањето во земјава се обрати и со видеопорака на Твитер при што тој уште еднаш нагласи дека го разбира и го дели разочарувањето од тоа што некои земји го блокираат почетокот на преговори и повика да не се откажуваме од европската перспектива.

– Ги исполнивте сите критериуми, направивте одлична работа и заслуживте зелено светло за почеток на преговорите. За ова прашање ЕП и ЕК го изразија нивното мислење многу јасно заедно со огромното мнозинство земји на ЕУ. Но ова не е крај на дискусијата. Европскиот парламентот, домот на европската демократија, е со вас. Нема да молчиме. Ќе притискаме цврсто за позитивно гласање на наредниот Европски совет – истакна тој во видеопораката пред пристигнувањето во Скопје.
Во исто време, Македонија ја посети и заменик-претседателката на францускиот сенат Елен Конве-Муре. Таа во обраќање пред македонските парламентарци порача дека државата нема друга алтернатива, освен полноправно членство во Унијата.

Конве-Муре во своето излагање, меѓу другото, посочи дека транзицискиот период поврзан со промената на внатрешните процедури поврзани со проширувањето на европското семејство ќе трае многу кратко време, истовремено посочувајќи дека ќе треба да бидат разгледани и реалните состојби на патот кон Унијата.
Дел од јавноста и добри познавачи на состојбите во овие посети и во пораките што произлегоа од нив видоа јасни знаци на загриженост кај европските челници за однесувањето на Македонија, по француското одбивање на Македонија да ѝ се додели датум за почеток на преговори со ЕУ.

– Големиот број посети на кои сме изложени во последно време и ќе бидеме во блиска иднина се резултат на загриженоста на Западот околу однесувањето на Македонија. Се плашат дека на следните избори на власт ќе дојде нова гарнитура, која на еден или друг начин ќе ги врати на маса капитулантските договори со кои е доведен во прашање опстанокот на македонскиот народ. Сите тие посети немаат никаква врска со интересите на Македонија туку сакаат да го зачуваат тоа што им го подари сегашната власт бидејќи проблемот со Грција за името беше тежок срам за Брисел. Во земјава треба да се сфати дека само реформите ќе нѐ водат напред и дека ако не се обидеме да го спасиме тоа што сѐ уште може да се спаси, македонскиот народ ќе се најде на буништето од историјата – оценува поранешниот дипломат Ристо Никовски.


Брисел: Договорот од Преспа да се негува и спроведува

По неодамнешното француско спротивставување на Македонија да ѝ се додели датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија, фокусот на домашната и на меѓународна јавност повторно се сврте кон договорот од Преспа. Колку овој документ, кој требаше да ја отвори портата на ЕУ, што не се случи, сега може да претрпи измени или да биде одложено неговото спроведување, се дилемите што се актуелни и во домашната и во меѓународната јавност, особено откако дел од домашните политичари го најавија тоа како можна опција. Во таа насока „Нова Македонија“ се обиде да добие став од високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија Федерика Могерини, која е на заминување од функцијата. Од канцеларијата на Могерини изјавија дека од суштинско значење е овој договор да продолжи да се негува и спроведува.
– Договорот од Преспа е голем успех и позитивен пример за регионот, но и пошироко. Лидерите во Скопје и во Атина имаат визија, лидерство и решеност да го надминат еден од најстарите спорови во регионот. Во таа насока е важно да се истакне дека од суштинско значење е овој договор да продолжи да се негува и спроведува. Во овој момент властите се посветени на договорот и ние сме длабоко уверени дека тие ќе продолжат да го спроведуваат со добра волја. Во исто време неоспорен факт е дека некои од одредбите од договорот се поврзани со отворањето на секое поглавје од пристапниот процес на земјата, но тоа не треба да ја наруши неговата имплементација – изјави за „Нова Македонија“ Алеко Смерели, портпарол за надворешна политика на ЕУ.

[email protected]