Интересна теорија за постоење „организиран удар од страна на моќна политичка сила, составена од претставници како на демократскиот така и на републиканскиот политички корпус“ изнесува специјализираниот аналитички портал „Геополитика њуз“. Овој политички комплот, познат под името „неокони“ (личности со неоконзервативна политичка ориентација), кој до појавата на Трамп на државната сцена беше неоспорен и решавачки креатор на американската внатрешна и надворешна политика, постави „сериозна и сложена стапица за претседателот“ на САД, Доналд Трамп. Кои се тезите врз основа на што се темели оваа теорија?

Анализа

Обидите за компромитација на претседателот на САД, Доналд Трамп, почнувајќи од банални сексуални афери, преку поврзување со руските интереси и разузнавачки и корупциски скандали, па до неуспешниот обид за негова смена, личеа на класична разузнавачка методологија, која во последниве децении беше користена токму од страна на американскиот и сојузничкиот модус операнди за рушење на странски државници и нивните режими во Ирак, Тунис, Египет, Сирија и Украина… Сите овие настани од типот „се случи народ“ се скроени по ист модел – тие се дело на еден ист режисер, но со различни актери, се вели во анализата на Марио Стефанов од „Геополитика“. Оттука, сѐ што се случуваше во САД во текот на последниве неколку дена, се одвиваше точно според вакво стандардно и докажано сценарио, применувано во револуциите на т.н. Арапска пролет.
Насилните настани, какви што секојдневно се случуваат во САД и на Блискиот Исток, за миг ги преплавија медиумите на интернет, вчудовидувајќи ја јавноста со својата бруталност. Како и во случајот со Тунис, тешко е да се оттргнеме од впечатокот дека ваквиот развој на настаните не бил однапред очекуван.

Сценарио како по книга од безбедносните служби

Според теоријата анализирана во „Геополитика“, граѓанските организации и екстремните групации составени од „активисти“, контролирани и управувани од политички и разузнавачки структури (исто како и во програмираните револуции на Арапската пролет), темпирано иницираат протести, во кои постапно се вклучуваат и ноторни криминалци, сторители на разбојништва, на подметнување пожари и – хаосот е веќе создаден. Во ваков момент, потребно е само уште да се одреди целта кон која ќе се насочи разбеснетата толпа. Во конкретниов случај, не се работеше за некој далечен блискоисточен диктатор, туку стриктно за претседателот на најмоќната светска сила. Целта беше залепена на челото на Трамп и од него се очекуваше жестока реакција, слична на оние на арапските диктатори.

Во почетната фаза, со своите изјави, тој го направи токму тоа, па гневот на масите, според очекуваното и планираното, се сврте директно кон него. Во еден момент, силата на масите нагло се пренасочи од реалните проблеми (кои ниту републиканците ниту пак демократите со години не се ни обидуваа да ги решат), кон само една единствена личност.
Навистина е неверојатна – и во најмала рака сомнителна – сличноста меѓу случувањата што претходеа на револуциите од Арапската пролет (контролирани од американските и западните разузнавачки агенции) и настанот што ги иницира трагичните случувања во САД. Дури и почетокот, на Блискиот Исток сѐ започна по една полициска интервенција со трагична последица, а во американскиот случај, сиромашниот и невработен Афроамериканец Џорџ Флојд, (како и Мухамед Буазизи пред една деценија во Тунис), се обиде да се снајде со тривијален престап, наводно плаќајќи цигари со фалсификувана банкнота од 20 долари.

И во едниот и во другиот случај, арогантниот полициски систем, кој се плаши од судири со организираниот криминал, со сите сили се нафрли врз ситните престапници, а резултат од таквите акции не може да биде ништо друго, освен отворено и јасно насилство и неправда. Сличноста на американските настани со операциите на Арапската пролет, покренати од разузнавачките служби, чија цел беше елиминација на неподобните арапски лидери и нивните режими, не запира само на овие почетни случувања. Денес низ Америка, а сѐ почесто и низ Европа, систематски се рушат споменици на поранешни трговци со робови, војсководци на поразениот американски југ и на сите други што имаат каква било поврзаност со расните неправди. Сѐ се случува на ист начин како во случајот со рушењето на спомениците на Садам Хусеин, по американско-британската воена интервенција во Ирак или, пак, со триумфалното уништување на спомениците на Асад во Сирија.

САД не се нефункционална држава

Претседателот Трамп реагираше токму онака како што се очекуваше од него, жестоко и провокативно – на задоволство на организаторите на операцијата „се случи народ“ – со што се долеваше масло на огнот, но како што времето одминуваше, автоматски се активираше државниот систем задолжен за исправање на грешките на „главниот возач“, кој полека но сигурно, под притисок на државните структури, го приспособи своето однесување. Меѓутоа, тој и понатаму упорно пишува твитови и неизбежен е впечатокот дека сѐ почесто се приближува до границата на однапред подготвената стапица. Во меѓувреме, демонстрациите против расната неправда практично ја надминаа приземната манипулација на политичките и разузнавачки структури, кревајќи ја својата идеолошка подлога на многу повисоко ниво и иницирајќи прашања од историско значење за американското општество. Впечаток е дека главната цел, Трамп, претрпе големи штети, иако се чини дека сѐ уште нема навлезено во готовата стапица што го чека. Но ако продолжи да си поигрува со нешто што очигледно добива историска димензија, би можел неповратно да биде вовлечен во неа.

Стапицата беше поставена со класична манипулација на масовните протести и иницирањето деструктивно насилство од страна на паравоени групации – како од номинално левиот така и од номинално десниот политички спектар. Тука се вклучи и „Антифа“, за која Трамп рече дека треба да биде означена како домашна терористичка групација. Антифите, пак, за себе велат дека се антифашистичка левичарска организација, која има цел да ги заштити црномурестите граѓани од тероризмот на белците. Сиве овие групи се наоѓаат под ефикасен надзор и индиректна контрола на американските безбедносни и разузнавачки агенции, пишува Стефанов.

Клучниот дел од операцијата го одработуваат организациите од цивилното општество?!

Се разбира, клучниот дел од операцијата за симнување на непожелниот државник од власта, како и секогаш, го одработуваат т.н. организации на цивилното општество, вклучувајќи ги и оние финансирани од познатиот промотор на либералниот интервенционизам – американскиот милијардер Џорџ Сорос. Резултатот е производ од наводно спонтани протести, „народ што се случува“ и „продемократски револуции“. Во нив нема никаква спонтаност, всушност, секогаш се работи за внимателно организирани настани од страна на разузнавачки структури и политички кланови, кои редовно се одвиваат под нивна целосна контрола. Истата функција на либералните бојни полиња ја презема и извиканиот Сорос, кој намерно се турка себеси во прв план, сакајќи така да ги прикрие вистинските актери и припишувајќи си себеси способности на еден Супермен, кој насекаде има влијание и моќ за иницирање промени, се тврди во анализата.

Во суштина, тој е политичка и разузнавачка марионета, на која ѝ е дозволена слободата за остварување нови профити по пат на користење привилегирани информации што му се сервираат во готова форма, а за возврат е должен да спроведува асиметрични субверзивни операции низ светот преку своите невладини организации, сѐ во согласност со потребите и упатствата на американската политика. Непријателот на Ердоган, милијардерот Фетула Ѓулен, има целосно идентичен статус со оној на Сорос. Тој беше директно вмешан во обидот за државен удар во Турција, кога се случи „спонтано“ насобраниот народ. Ѓулен е задолжен за муслиманскиот дел од светот, а Сорос за оној христијанскиот, но на овој вториов не му се туѓи ни активностите во Азија, вклучувајќи ги и оние на кинеската територија на Хонгконг. Единствената новина се состои само во тоа што оваа мрачна методологија како опасен преседан првпат е применета на американска територија, па следствено на тоа, во иднина ја отвора можноста за нејзина примена и на европските простори, смело се тврди во анализата на „Геополитика“.

Во случајот со Трамп, целта е комплетно уништување на неговите шанси за победа на претстојните претседателски избори. Инаку, ако овој начин не се покаже ефикасен, во развиените западни демократии е можна и физичка ликвидација, само што тоа се прави на цивилизиран начин, преку „спонтан“ и навидум нејасно мотивиран атентат, реализиран од страна на локално неприспособени поединци или политички организации, поврзани, се разбира, со системот за разузнавање. Зарем некој навистина може да верува дека Ли Харви Освалд, убиецот на Џон Кенеди, по враќањето од СССР со сопругата Русинка, не бил во никаков контакт со американските безбедносни и разузнавачки служби?

Неоконзервативците, влијателен политички комплекс во американската политика

Технологијата применета во револуциите на Арапската пролет, како што тоа обично се случува во историјата, се врати на својот американски извор, благодарение на своите креатори – неформалниот двопартиски политички блок – неоконите. Овој влијателен политички комплекс во американската политика често се нарекува „неоконзервативен“. Јасно е дека моќните т.н. неоконзервативци немаат никаква врска со вредностите на конзервативизмот, па името всушност служи за маскирање на агресивниот, либерален карактер на овој политички кружок. Својата идеологија тие ја влечат од милитантниот, либерален интервенционизам, кој тежнее кон создавање и одржување на еден либерален светски поредок под унилатерална американска доминација, се подвлекува во опширната анализа на „Геополитика“.

Тие и не ги кријат своите амбиции да завладеат со американската политика преку превласт на двопартизмот и доминантно американско позиционирање во глобализираниот либерален поредок. Некои политиколози ги нарекуваат и глобалистичка либерална елита, која со безброј нишки е поврзана со европската либерална олигархија, така што заедно ја формираат основата на глобалниот либерален поредок. Водечки идеолог на неоконите, кои полека сѐ поцврсто го притискаат претседателот Трамп, сѐ уште е Роберт Каган, коосновач на влијателниот политички институт „Проект за новото американско столетие“ (ПНАЦ), чии поставки станаа доктринарни темели на американската надворешна политика во текот на последниве дваесетина години (владеењето на Џорџ В. Буш и Барак Обама), но и идеолошка подлога за бескрајните американски војни во Авганистан и во Ирак, како и за военото прекројување на просторите на Блискиот Исток.

М.Н. Арапската пролет еквивалент на „американската пролет“?

Ова е, за жал, клучната политичка заднина на она што во моментов се случува во САД. Во тек е еден вид револуција од типот „американска пролет“, режирана од истите луѓе што ја организираа и спроведоа Арапската пролет, чии последици до ден-денешен го разјадуваат Блискиот Исток. Имено, станува збор за класична злоупотреба на срамен и трагичен настан од американското секојдневие, кој плански се претвори во масовна побуна на дел од народот. Организаторите на обидот да ги претворат американските протести во револуција од типот на Арапската пролет, проценија дека Трамп жестоко ќе реагира на насилните настани и дека „спонтано“ кренатиот народ едноставно ќе го згази на претстојните претседателски избори.

Вистина, Трамп реагираше во свој стил, но на голема жалост на неговите политички противници, се работеше за своевидна игра. Имено, тој реагираше навидум импулсивно, но очигледно е дека го прави тоа смислено и совршено дозирано, внимавајќи да не ја надмине критичната маса на расположение на поголемиот дел од американскиот политички корпус, истовремено привлекувајќи што е можно повеќе поддржувачи кон својот гласачки круг. Засега тој на сите предизвици одговара соодветно, во што му помага, за несреќа на противниците, американскиот уставен и институционален систем, креиран да дејствува превентивно, ограничувајќи го на тој начин претседателот. Сепак, опасната игра низ американските градови и улици продолжува и понатаму, бидејќи организаторите не отстапуваат од својата цел, а Трамп е постојано на работ да падне во стапицата поставена за него.

Трамп во обрач од „неоконите“

Сега, се чини дека многумина (што беа) на клучни позиции се против Трамп, почнувајќи од некогашниот државен секретар Колин Пауел, поранешниот негов советник за национална безбедност Џон Болтон, поранешниот министер за одбрана, генералот Џим Матис, па до поранешниот републикански претседател Џорџ В. Буш. Претседателот е целосно обиколен од неоконите, кои успеаја да завладеат со неговата администрација, исто како и со оние на Обама и на Буш. Се пробија на сите важни позиции околу претседателот, вклучувајќи и на позицијата државен секретар, која ја извршува Мајк Помпео, нераскинливо поврзан со неформалните двопартиски неокони. Со оглед на сево ова, потезите на Трамп уште сега се ограничени во голема мера.
Вистинското прашање денес не се однесува на тоа кој е неокон во американската администрација, туку кој не е.

Во непосредната работна близина на Трамп, покрај Мајк Помпео, се и Роберт О’Брајан (советник за национална безбедност и ученик на Болтон), Брајан Хук (специјален пратеник за Иран), Марк Дубовиц (извршен директор на Фондацијата за одбрана на демократијата), како и Дејвид Вурмсер (поранешен долгогодишен советник на Болтон). За време на мандатот на Трамп, соочувајќи се со чувството на пониженост поради поразот на нивната надеж Хилари Клинтон и борејќи се со сите средства против актуелниот претседател, овој моќен неформален состав на американски политичари успеа не само да преживее туку и да зајакне. Сега се враќа на сцената во голем стил, можеби најсилен од кога било порано.

Уште само едно поглавје од долгогодишната борба против Трамп ги дели од стекнувањето апсолутна власт во САД и целосна доминација над меѓународната заедница – тоа се претседателските избори. Евентуалниот пораз на Трамп им отвора врата за долгорочна надмоќ и доминација во светот и светската политика. Затоа им е многу важно да се ослободат од него, кој, иако обиколен од нивни луѓе, сепак има свои извори на поддршка во американската деловна и политичка заедница. Згора на тоа, тешко е да го контролираат, затоа што е непредвидлив шампион за блефирање и брзи пресврти. Многу нивни видни луѓе (еден од нив е Болтон) беа експресно отпуштени и заменети со други, веднаш штом Трамп ќе увидеше дека му претставуваат пречка.


Кој е Роберт Каган

Роберт Каган, кој својата надворешнополитичка визија за Америка ја нарекува „либерален интервенционизам“, во 1997 г. го основа овој политички институт заедно со Вилијам Кристол, имајќи цел да ја промовира идејата за „глобално американско водство, добро не само за Америка туку и за целиот свет.“ Според ПНАЦ, „САД се царство и тоа не треба да се крие, бидејќи САД навистина и треба да бидат царство“, кое со својата доминација ќе го штити воспоставениот либерален поредок, промовирајќи го притоа низ светот. Американската глобална хегемонија ќе се оствари преку одржување на американската надмоќ, спречување на ривалските држави да се приближат до нивото на моќ и влијание што ги поседуваат САД, како и преку обликување на меѓународниот безбедносен систем според американските интереси. Според ставовите на Каган, иако ваквата американска хегемонија не би била решение за сите светски проблеми, таа е сепак подобра од која било друга алтернатива.

Во соработка со него, идеолошки блиските политички институти како „Американскиот институт за истражување на јавните политики“, „Американскиот комитет за израелски јавни работи“ и „Еврејскиот институт за национална безбедност“ ја формулираа идната американска блискоисточна политика, фокусирана на заштита на Израел и либерална трансформација на арапските држави. Со своите активности, ПНАЦ создаде идеолошка основа за американските војни во Авганистан и во Ирак и за револуциите од Арапската пролет, за кои сега со сигурност можеме да тврдиме дека резултираа со масакри од епски пропорции и масовни воени злосторства. Затоа и не е чудно неговото „гасење“ во 2006 г., кога целиот свет веќе го согледуваше обемот на ирачкото крвопролевање и грабеж. Но потоа се формираа нови политички институти, од кои сега е најактуелен „Центарот за нова американска безбедност“ (ЦНАС), чиј главен основач е, ќе погодите, Роберт Каган.

За тоа колку било големо влијанието на ПНАЦ врз американската политика, сведочи фактот дека од 25 личности што беа потписници на основачките акти, дури 17 завршија на раководни позиции во администрацијата на Буш, вклучувајќи го и Дик Чејни – министер за одбрана и подоцна потпретседател на САД, Доналд Рамсфелд – министер за одбрана и Пол Волфовиц – заменик-министер за одбрана. Во секој случај, комплетната актуелна американска надворешна политика и геостратегија се темелат врз геополитичкиот концепт на ПНАЦ, продолжувајќи да се развиваат во рамките на проектот на ЦНАС, кој во мај 2016 г. објави студија за доктрината на новоизбраниот американски претседател, дизајнирана очигледно според „мерката“ на Хилари Клинтон, за која веруваа дека ќе ја однесе победата на изборите. Револуциите од типот „се случи народ“ претставуваат нивен начин на дејствување, масовно користен инструмент на надворешната политика за апсолутна доминација на американската власт, особено во времето на Барак Обама и тогашната државна секретарка Хилари Клинтон.

Стапувањето на политичката сцена на Доналд Трамп ги втурна во активна политичка борба против него, која со несмалена жестина се одвива уште од самото објавување на изборните резултати. На почетоците од кризата со ковид-19, откако ја намирисаа неговата слабост, неоконите се нафрлија на својот претседател, иницирајќи еден разорен механизам на организирани т.н. спонтани бунтови, веќе видени во револуциите на Арапската пролет. На некој начин, целиот овој политички блок веќе длабоко навлезе во категоријата „завереници“, па оттука произлегоа и апелите на Трамп и правобранителот Бар, според кои движењето „Антифа“ (со својата група активисти, а во суштина политички насилници) треба да се прогласи за терористичка организација