Дестабилизација, ново безбедносно жариште, националистички пориви мотивирани од историски ревизионизми и судири во најава се само дел од „плачливиот“ речник и реакции на балканските државници и политичари. Тие ги употребуваат ваквите зборови и фрази секогаш кога меѓународната заедница нема да излезе во пресрет на барањата на „доенчињата од ЕУ“, но и на оние држави што сакаат да влезат во „ЕУ-градинката“, а. Токму таквите „плачки“ (некои ги гледаат како застрашувања) од страна на регионалните државници, упатени кон меѓународната заедница, дека доколку Западот брзо не реагира, би можело да има судири, немири, дестабилизација во регионов… Тоа стана главен аргумент и практика во разговорите со Брисел
А токму таа меѓународна заедница, не препознавајќи ја реалната опасност кон крајот на 90-тите години на минатиот век, дозволи да се распламти војната во поранешна Југославија, една од најкрвавите војни на европска почва по Втората светска војна.
Поучени од таа лекција, западните политичари започнаа процес на отворена поддршка на балканските лидери за кои проценија дека ќе ги насочат своите земји кон западниот курс, во случајот кон членство во НАТО и во ЕУ.
Овој процес е попознат под терминот „стабилократија“, односно владеење на влади што испорачуваат стабилност без оглед на другите слаби резултати дома, но ја продолжуваат агендата за ЕУ и НАТО.
И додека се исполнуваа директивите од Брисел и од Вашингтон, на ниту еден лидер од Балканот не му беше загрозена политичката кариера, не се правеа забелешки ниту на недостигот од демократија во земјата, на автократското владеење, на непостоењето правна држава, на високата корупција… Со други зборови, стабилократијата стана модел на владеење „патентиран“ токму од меѓународната заедница.
Како што одминуваа годините, балканските политичари ја научија слабоста кај странците и започнаа да условуваат наместо да испорачуваат, постојано користејќи ја заканата со евентуална дестабилизација на регионот доколку не го добијат посакуваното.
Кој е најсвежиот пример на стабилократ што му се заканува на Западот?
Постојат низа примери од регионов каде што локалните лидери и „државници“ во „стабилократски манир“, користејќи ја заканата со дестабилизација, „храбро“ настапуваат за да го добијат од меѓународната заедница она што го сакаат, а за возврат да „ги зачуваат мирот и стабилноста“ и за да не се прелее судирот во регионот.
Најновиот ваков пример доаѓа од страна на косовскиот претседател Хашим Тачи, кој оцени дека доколку оваа година не биде постигнат правно-обврзувачки договор со Србија, може да дојде до опасна зона и дестабилизација на целиот регион.
– Не се сомневам дека доколку оваа година не направиме правно-обврзувачки договор меѓу Косово и Србија, ќе влеземе во опасна зона на односи, кои би можеле да го дестабилизираат целиот регион – изјави неодамна Тачи.
И нашите политичари не се имуни на „стабилократскиот вирус“ и на ваков однос кон меѓународната.
На пример, најнова е изјавата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров адресирана до ЕУ, во која тој смета дека ако Македонија не добие датум во октомври, се затвора европската перспектива.
– Жал ми е да го кажам ова, но ако не започнеме преговори со ЕУ годинава, тоа за мене значи дека нема европска перспектива… Мислам дека шансите за успех во октомври се навистина заеднички и мислам дека немаме луксуз во денешна Европа да дозволиме да пропадне можност, која консолидира успех – предупреди Димитров од Стокхолм.
Сличниполитичари доаѓаат во време кога се очекуваше ЕУ да даде датум за возврат на решениот спор со Грција за името, иако Владата реално не ги испорача бараните реформи.
Ваквите практики на закани по безбедноста на регионот во континуитет ги користеа и натаму ги користат и политичарите од Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Албанија, БиХ и од Црна Гора.
Практиката на стабилократско однесување на Балканот почна со Бугарија и Романија
Пред неколку години Романија и Бугарија со политичка одлука станаа членки на ЕУ, иако не ги исполнуваа главните европски критериуми, како владеење на правото и борба со корупцијата. Но Европа им ја стави сопката во моментот кога двете земји сакаа да се зачленат во шенген-зоната, оставајќи ги надвор. Властите во двете земји не ја примија најдобро оваа одлука и се закануваа дека тоа може да го дестабилизира регионот.
Имено, Романија правеше опструкции на своите граници при влез на камиони од Холандија, земја што најмногу се противеше на романско-бугарскиот прием во шенген-зоната, додека властите во Софија се заканија дека ќе го блокираат изгласувањето на новите правила на ЕУ во врска со шенгенот. Ниту Софија, ниту Букурешт отворено не сакаа да признаат дека затаиле во борбата со корупцијата и владеењето на правото, клучните европски критериуми.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред неколку години дозволи мигрантите од Сирија слободно од Турција преку балканската маршрута да се упатат кон Европа, обидувајќи се да издејствува договор со ЕУ за повеќе отворени прашања. Кога беше направено тоа, мигрантите беа запрени на турската граница, но подоцна тој повторно се закани дека масовно ќе го пропушта мигрантскиот бран и ќе ја дестабилизира Европа доколку не бидат позитивно решени преговорите околу визната либерализација меѓу Турција и ЕУ.
Дали даваат плод стабилократските закани на балканските политичари
За аналитичарите ваквите постојани закани од политичарите од Балканот се несоодветни и препорачуваат тие да почнат сериозно да работат на внатрешните реформи и на средувањето на состојбите во своите земји, без да се чека помош однадвор.
– Заканите од политичарите од Балканот упатени до Брисел дека ако не ги згрижи ќе има дестабилизација, се апсолутно празни и несоодветни бидејќи Унијата има други грижи. Нејзините проблеми се длабоки и долгорочни и процесот на проширување е сериозно доведен под прашалник. Тоа е реалност на која мора да се смета и овие луѓе треба што повеќе да се посветат на внатрешните реформи, без да го бараат спасот надвор – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Тој додава дека периодот што е пред нас, уште повеќе ги затвора вратите на Брисел.
– Веројатно ќе се појавуваат и ќе оживуваат разните комбинаторики за разни некакви локални обединувања и интеграции, а тоа е најлошото што може да ни се случи. Затоа сите надлежни на Балканот мора да се концентрираат на своите домашни обврски без да се надеваат на решенија однадвор – порачува Никовски.
Професорката Билјана Ванковска во една своја колумна ќе наведе дека ваквото однесување на балканските политичари е всушност очајничко.
– Зарем е чудно што балканскиве инсталирани лидери се закануваат со нарушена стабилност ако не го добијат тоа што им беше ветено? Тоа е последната, очајничка карта на лузерите – пишува професорката Билјана Ванковска.
Како и да е, се чини дека Западот повеќе не наседнува на ваквите провокации, па почнува и без затскриената дипломатска куртоазност отворено да порачува да се започне со работа. Тоа, очигледно, на политичарите од овие простори најтешко им паѓа.