Наставникот ќе ја користи средбата за дообјаснување определени празнини во учењето кај учениците, утврдување и надминување на празнините во наученото, поттикнување дополнително учење, пишување писмени вежби од страна на учениците, писмено решавање задачи со прикажување на целата постапка
Усвоено упатство за оценување на учениците при настава на далечина
Бирото за развој на образованието подготви ново упатство за оценување по чии правила ќе се водат наставниците кога ќе ги оценуваат своите ученици. Нивните напредувања ќе се следат во училница, со физичко присуство на посебни средби на кои ќе се проверува знаењето. На средбата треба да присуствуваат најмалку двајца, а најмногу 10 ученици. Дали наставниците ќе успеат објективно да ги оценат учениците во време на онлајн настава, останува времето да покаже.
– Овој пристап овозможува наставникот да му посвети доволно внимание на секој ученик и да ги согледа тешкотиите/предизвиците со кои се соочува во постигнувањето на резултатите предвидени со наставните програми. Наставникот ја користи средбата за дообјаснување определени празнини во учењето кај учениците, утврдување и надминување на празнините во наученото, поттикнување дополнително учење, пишување писмени вежби од страна на учениците, писмено решавање задачи со прикажување на целата постапка по математика, физика и сл. За усна проверка на знаењата (објаснувања на постапките за решавање задачи, анализа на текстови и сл.), се планира помал број ученици (од 2 до 5) – стои во упатството за оценување.
Во текот на денот ученикот може да присуствува најмногу на три организирани средби за различни наставни предмети. Наставникот ги организира средбите по завршување на онлајн наставата реализирана во прва смена (претпладне) или пред онлајн наставата реализирана во втора смена (попладне).
Распоредот на средбите/часовите се става на веб-страницата на училиштето, а исто така им се испраќа на учениците и на нивните родители/старатели. Наставникот треба да ги информира учениците за целта на средбата најмалку три дена пред нејзината реализација за учениците да можат да одат подготвени, во согласност со целите и барањата на наставникот. Физички средби со учениците не се организираат за наставниот предмет Физичко и здравствено образование.
– Наставата во виртуелна училница е предизвик и можност да се направи исчекор во оценувањето, во насока на ставање акцент на посложените когнитивни процеси (анализа, синтеза, вреднување), наместо на усвојување фактографско знаење, што, впрочем, е и цел на образованието. Тоа значи дека во наставата и во оценувањето од далечина акцент треба да се стави на она што е важно, содржините што наставниците ги проучуваат и вреднуваат треба да бидат насочени кон она што е битно, а не кон споредни детали или факти – наведено е во упатството.
Во документот има и дигитални техники што можат да ги користат наставниците за да се вреднуваат напредувањето и постигнувањата на учениците, односно најчести дигитални техники за формативно и сумативно оценување, во зависност од перформансите на соодветната платформа.
– Тоа се објективни тестови, со избор од понудени одговори, тестови со краток одговор, есејски прашања, дискусии, студија на случај, изведбени активности, онлајн игри, ученички списанија, блогирање и градење вики, електронско портфолио (збирка на ученички творби што ги покажуваат резултатите постигнати од ученикот преку различни активности во наставниот процес, на пример: есеи, постери, фотографии, видео- и аудиозаписи, ликовни творби) – стои во упатството.
Родителите треба да бидат вклучени во учењето од далечина и следењето на напредокот на нивните деца. Наставникот треба да ги информира родителите за очекувањата од учениците, задачите што (ќе) ги добиваат, успешноста во нивното изработување, насоките за понатамошната работа. Наставникот треба да настојува да стапи во контакт и со родителите што во нормални услови не пројавуваат интерес за учењето на детето.
Крај на подарените петки?
Во упатството за оценување има еден дел во кој пишува дека наставникот мора да обезбеди правичност/непристрастност во оценувањето.
– Објективното ценување истовремено е и непристрасно/правично (на оценката не влијаат други фактори што не се поврзани со она што се оценува, на пример: пол, социјално потекло). Меѓутоа, во оценувањето од далечина ако сите ученици немаат еднакво добри електронски уреди, тоа може да влијае на квалитетот на задачата (на пример: некои имаат компјутер, а некои само мобилен телефон), па затоа задачите за сумативно оценување треба да бидат такви да не им даваат предност на тие што имаат подобри уреди (на пример: техничкото презентирање да не биде критериум или сите да го решаваат тестот на ист начин – или на хартија или на компјутер). На оценката не треба да влијаат ни однапред формираните впечатоци на наставникот за учениците. Се случува учењето од далечина да им одговара на некои ученици што претходно постигнувале послаби резултати, кои може да изненадат со квалитетот на своите трудови – напишано е во упатството.