Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, се сретна со резидентни амбасадори од земјите членки на Европската Унија во нашата држава.
На средбата беа изразени честитки до Спасовски и до Владата за доследното спроведување на обврската од Пржинскиот договор и формирањето преодна Влада, три месеци пред изборите, што се препознава од страна на ЕУ, како зрелост на демократијата во земјава.
На состанокот силно се поздравени заложбите на премиерот Спасовски и на Владата за продолжување на реформите, за продолжувањето на дијалогот со опозицијата, за јасните определби од Владата за почитување на добрососедските односи и договорите со Република Грција и Република Бугарија, за спроведување фер избори, што се од значење за стабилноста на граѓаните и нашата држава и за интеграциите во НАТО и кон ЕУ.
На средбата е потврдено дека Македонија ги спровела потребните реформи и е оценето дека фокусот кон нивната натамошна реализација е позитивен сигнал кон земјите членки на ЕУ, за цврстата определеност за усогласување со европските стандарди и вредности.
Соопштено е дека во следните месеци Западен Балкан повеќе од секогаш ќе биде во фокусот на Европската унија, како и дека проширувањето на ЕУ останува на врвот на европската агенда.
– Благодарни сме на поддршката и на пораките на политичките лидери на вашите земји дека одлуката за почеток на пристапните преговори со нашата земја треба да се донесе и што проширувањето на ЕУ се држи високо на агендата на европските институции – рече премиерот Спасовски.
Претседателот на Владата, на состанокот со амбасадорите, јасно ги соопшти владините приоритети.
– Врвен приоритет на сите министри во актуелната Влада е да се обезбеди континуитет на функционирањето на институциите, на владеењето на правото и демократијата, организирање фер и демократски избори.
Врвен приоритет на Владата е и почитувањето на Преспанскиот договор со Република Грција и на договорот со Република Бугарија и истакнувам дека остануваме посветени на добрите односи со сите соседи – рече премиерот Спасовски.
На средбата беше констатирано дека носењето на Законот за јавно обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјава кон дијалог и кон владеење на правото.
Нагласено е дека во важните моменти за државата е недозволиво политиканство од кој било претставник на извршната власт или од политичките субјекти и дека е неопходно, сите во земјава, државните приоритети да ги стават во прв план.
Состанокот на претседателот на Владата, Спасовски, со резидентните амбасадори од земјите членки на ЕУ во нашата држава е поздравен како значајна порака за определбата на Владата да продолжи одблиску да соработува со државите членки на ЕУ и со институциите на Европската унија, во време на очекувањето на заслужениот исчекор во европските интеграции.