Премиерот Зоран Заев во своето обраќање на состанокот на НАТО во Лондон како 30. говорник и лидер на Македонија истакна дека настанот ја потврдува заедничката посветеност на сојузниците за обезбедување мир, стабилност и просперитет во целата евро-атлантска област.
Заев на средбата со која претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, во присуство на останатите лидери, кажа дека стратешката цел на Северна Македонија за членство во НАТО конечно станува реалност.
– Брзата динамика на ратификување на протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО е цврст доказ за тоа колку е добредојденa земјата во трансатлантското семејство. Земјата е спремна да ја преземе обврската како полноправна членка да дава придонес за одговори за менување на мултидимензионалните безбедносни предизвици што стојат пред НАТО – порача македонскиот премиер.
Заев нагласи и дека Македонија презема трансформативни реформски процеси за стабилно и одржливо финансирање во одбраната.
– Подготвени сме за правично споделување на обврските со зголемување на буџетот за одбраната на земјата од 0,2 отсто од БДП годишно со цел да достигнеме 2 отсто од БДП до 2024 година. Важен дел од ова издвојување, околу 23 отсто, се посветени на модернизацијата на армијата – кажа премиерот.
Потсети дека македонската армија активно учествува во мисиите на НАТО уште од 2002 година во Авганистан и ќе продолжи да го дава својот придонес како сигурен партнер на НАТО во борбата против тероризмот.
Заев порача и дека членството на Македонија во НАТО е стабилизирачки фактор за регионот и поттик за останатите земји од Западен Балкан што изразиле определба да станат членки на алијансата.
Заев во Лондон на средби со Трудо, Санчез и Меркел
Претседателот на Владата, Зоран Заев, во рамки на активностите на Состанокот на лидерите на земјите членки на НАТО во Лондон, оствари средби и разговараше со премиерот на Канада, Џастин Трудо, премиерот на Шпанија, Педро Санчез, и канцеларката на Германија, Ангела Меркел.
– Лидерите на овие земји сојузници на Северна Македонија изразија целосна поддршка и признание за историските исчекори кои ги направи Северна Македонија и уверување дека нивната поддршка за граѓаните на нашата земја ќе продолжи и ќе се зајакне во иднина – информираат од владината прес-служба за текот на средбите.