На политикантството, аматеризмот и волунтаризмот во политиката не им е местото во спортот и меѓу спортистите. Политикантството ги еродира спортските легенди, а некогашните, но и сегашните асови само ризикуваат да го нарушат својот спортски дигнитет и да го урнат сето тоа што го граделе на теренот со децении. Тие и самите длабоко во себе знаат дека аматеризмот не може да се меша со професионализмот. Ниту политичарите во спортот, ниту спортистите во политиката…

СЛУЧАЈОТ НА КАРАТЕ-ШАМПИОНОТ ЕНВЕР ИДРИЗИ КАКО ПОВОД

Спортот им припаѓа на спортистите. Спортските терени се местата каде што тие треба да се докажуваат, да се натпреваруваат, да освојуваат медали, да ги воодушевуваат нивните симпатизери, а нивните резултати да ги потикнуваат младите следбеници да продолжат по нивните стапки. Не попусто се вели дека спортистите се всушност и најдобри амбасадори на својата држава.
Сепак, неодамнешниот случај со поранешниот светски шампион во карате Енвер Идризи, кој беше гостин во Швајцарија, за да се приклучи на прославата на 552-годишнината од смртта на Скендер-бег, кој од Албанците е прогласен како „нивен голем херој и национален симбол“, и изјавата што притоа ја даде за тамошните медиуми на албански јазик предизвика бура од негодување.
– Кога го имаме Скендер-бег како споменик во ваков меѓународно важен град како Женева, зошто не би имале во албанските земји и градовите како Медвеѓа, Ниш…?! Скендер-бег е наш национален херој, каде и да се Албанци, тој е исто така таму, затоа што треба да нѐ потсетува на албанските доблести, за тоа како ги ослободил другите народи на Балканот – рекол Идризи, истакнувајќи дека би сакал да се вклучи во финансирање на споменатите споменици во Медвеѓа и во Ниш!

Секако, ова нема никакви допирни точки со спортот, туку само поддржувачите на т.н. голема Албанија како еден анахрон, но сепак сѐ уште актуелен концепт на шовинизам и сепаратизам, добија „ветер во грб“ од некогашната голема спортска ѕвезда.
Да потсетиме, Идризи е поранешен европски шампион во 1993 и 1995 година, вицешампион во 1994 година и светски вицешампион во 1994 година, освојувач на СП во 1993 и 1995 година. Но сето ова како да потона во вода со последните изјави, кои имаат негативна политичка конотација и никаква врска со спортот. Најмалку од сѐ беше важно кога беше спортист од светска класа дека тој е етнички Албанец, роден во Скопје, во времето на СФРЈ, кој подоцна заминал во Хрватска, каде што со голем успех ги бранел боите на таа држава. Тој беше спортски витез пар екселанс, а на спортските вештини сите му се восхитуваа, граѓани од целиот свет, како што беше и тој самиот. Крајно разочарувачки е да се чуе дека спортист од калибарот на Идризи е вовлечен во мрачните лавиринти на балканските политикантства и како самиот долева масло на огнот, кој во последно време некој повторно го распламтува.
Ова само треба да биде едно укажување дека спортистите едноставно треба да бидат надвор од политиката, да се борат за подобри услови во спортот, а не да собираат политички поени. Ако веќе сакаат да инвестираат, подобро би било тоа да го сторат во спортски сали, клубови, академии, нешто што ќе помогне во развојот на спортот и спортистите.

– Идризи го знам уште кога беше мало дете во Скопје. Го сакаше каратето, па често се случуваше да дојде да гледа како тренираме во нашиот клуб Металург. Беше голем талент, но потоа замина, најпрво во Мостар, па во Хрватска, каде што изгради успешна спортска кариера, а беше со идеја да замине во Холивуд да снима филмови. Го знам како добар и силен по карактер, па затоа многу ме зачуди фактот со неговата изјава дадена во Женева. Сметам дека сосема е погрешно кога спортистите ќе почнат да се занимаваат со она што не им е работа, а тоа е политиката. Не знам дали некој го иницира да го каже тоа, но во секој случај со тој чин тој само ќе го уништи она што со години успешно го градел на татамите. Спортистите, ако веќе сакаат да инвестираат со сопствени средства, нека го прават тоа во спортот, со изградба на спортски терени, спортски сали, опрема, спортски клубови, од каде што ќе никнат нови спортски таленти, кои, пак, ќе освојуваат нови медали, како што тоа го прави и нашиот клуб Металург, кој вложува во спортското градење на младиот спортист, а не да купува готови спортисти. Затоа не случајно досега нашиот клуб може да се пофали со четири екипни и 13 поединечни медали од европски и светски натпреварувања – вели Мирче Јанушевски, тренер на карате-клубот Металург.
Она што се наметнува од овој пример е да посакуваме никој да не го злоупотребува спортот за политички поени, за кого и да се работи. Спортистите и спортските субјекти имаат реални маки и проблеми што мора да им се решат, а не да ги наталожуваат со вакви неодговорни изјави, дотолку повеќе ако не ги познаваат доволно.

Вакви инцидентни ситуации сигурно дека имало во минатото, а нема да изостанат ни во иднина. Токму затоа не треба да се користат своето име и спортска популарност за промовирање нечија политичка идеја или концепција, која може многу негативно да се одрази на севкупната ситуација во одреден осетлив реон, особено каков што е овде, на Балканот.
Со таквите постапки, за кои можеби ни самите не се свесни какви последици може да имаат, спортистите само ризикуваат да го нарушат својот спортски дигнитет и да го урнат сето тоа што го граделе на теренот со децении.
Ако веќе сакаат да инвестираат во нешто, најдобро е да го прават тоа во спортот, како што го направи тоа најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев со фудбалската „Академија Пандев“, вредна неколку милиони евра. Или, пак, овде на врелиот Балкан и тенисерот Новак Ѓоковиќ, со тениската академија во Белград, а кој често донира пари и во разни хуманитарни акции.
Во спортот нема место за политичко флертување или агитирање.