Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров беше прв странски гостин на новата државна министерка на Сојузна Република Германија надлежна за Европа, Ана Лирман.
Вицепремиерот Димитров детално ги претстави достигнувањата и предизвиците на Македонија на патот кон Европската Унија, како приказна на доследност и надеж за европската перспектива на регионот.
– Северна Македонија и регионот се дел од Европа и иако сé уште не сме дел од ЕУ, борбата за обединета, прогресивна Европа е наша заедничка борба. Германија е земја во којашто гледаме еден столб на Европа како сила што влече кон добро и исклучително важен партнер, и политички и економски. Македонското општество е подготвено за реформскиот процес за да ја доведеме дома истата Европа којашто вие ја живеете, тоа е задача на нашата генерација. Почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици како што се климатските промени и надминувањето на економскиот јаз преку продлабочена соработка, наместо кон минатото кое влече назад и во кое сите сме губитници. Нашиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан – изјави Димитров.
Државната министерка Лирман посочи дека Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори, поради што нејзиното дејствување ќе биде решително насочено кон остварување на оваа заедничка стратешка цел.