Денеска во претседателскиот кабинет во „Вила Водно“ претседателот Стево Пендаровски на церемонија со највисоки државни и воени почести го пречека словенечкиот претседател, Борут Пахор, со што започна неговата официјална дводневна посета на Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу двајцата претседатели, се одржа и пленарен состанок на македонската и словенечката официјална делегација, како и заедничка прес-конференција.

На неа Пендаровски посочи дека посетата е значајна од повеќе аспекти, особено зошто словенечкиот претседател е прв државник кој ја посетува земјава во време на пандемија, со што, како што оцени македонскиот претседател, се докажува стратешкото пријателство и традиционалната блискост меѓу двете држави.

– Словенија е наша сојузничка во НАТО, а помошта во спроведувањето на реформите во одбраната, како и соработката меѓу нашите две армии беше и е од исклучително значење. Во делот на економијата, Словенија е наш значаен трговски партнер и инвеститор со години. И покрај намалената трговска размена оваа година поради здравствената криза, трговијата се одликува со стабилен раст. Наша задача е да го зголемиме нашиот извоз во Словенија и да го надоместиме трговскиот дефицит – нагласи Пендаровски.

Тој рече и дека земјава добива словенечка поддршка во справувањето со коронавирусот, а напомена дека подолг временски период словенечките полицајци работат заедно со нашите полициски службеници на јужната граница, во справување со повеќегодишната мигрантска и бегалска криза.

– Имаме позитивно минато како дел од поранешната држава, споделуваме заедничка сегашност како сојузници во НАТО, а јас сум длабоко уверен дека ќе имаме и заедничка иднина како дел од Европската Унија. Словенија безрезервно ја поддржа одлуката на Европскиот совет во март оваа година за почеток на преговорите за нашето членство во ЕУ, а сега нè поддржува во намерата да ја одржиме првата меѓувладина конференција до крајот на годинава – посочи македонскиот претседател.

Рече и дека билатералните релации ги збогатуваат и нашите научници и уметници кои ги изучуваат и предаваат јазиците и остваруваат интензивна културна размена, а ги спомена и граѓаните кои тука и таму го градат своето образование, својата кариера, создаваат семејства и на тој начин формираат нераскинливи врски меѓу двете општества и култури.

На крајот, Пендаровски изрази надеж дека успешната соработка меѓу двете држави ќе продолжи, а македонско-словенечкото пријателство ќе станува се поцврсто.


Пендаровски и Пахор положија венци на гробот на Гоце Делчев

Во рамки на официјалната посета на словенечкиот претседател Борут Пахор, тој со неговиот домаќин, претседателот Стево Пендаровски положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје.