Претседателот на грчкиот Парламент Никос Вуцис денеска треба да се сретне со потпретседателите на парламентот, на кој ќе расправаат по дописот на грчкиот премиер Алексис Ципрас за гласање доверба на владата, по повлекувањето на Независни Грци(АНЕЛ) од владината коалиција.
Според неофицијални информации, а на кои се повикува грчката агенција АНА-МПА, Вуцис планира почетокот на седницата за довербата на владата да го закаже во вторник напладне, а гласањето да се случи во среда навечер.
Расправата за гласање доверба треба да започне два дена по доставеното барање, а да не трае повеќе од три дена, па затоа претседателот на грчкиот парламент предлага почетокот да биде во вторник напладне, а гласањето во среда вечер.
До ваквиот развој на настаните дојде откако вчера лидерот на Независни Грци и актуелен министер за одбрана Панос Каменос се повлече од владината коалиција поради неговиот став во врска со Договорот од Преспа, чија целосна имплементација со уставните измени помина во петокот вечер во македонското Собрание со 81 глас „за“.
Лидерот на Независни Грци Каменос, вчера на прес конференција јасно стави до знаење дека пратениците во неговата парламентарна група нема да гласаат за доверба на владата.
Каменос се обрати пред јавноста откако претходно ја објави својата одлука да поднесе оставка како министер за одбрана и да се повлече од Коалициската влада на СИРИЗА-АНЕЛ.
– Гласањето за поддршката на владата ќе биде еднакво на поддршката на Договорот од Преспа – рече тој.
Според Каменос, вклучувањето на терминот Македонија во името на соседната земја е единствената причина поради која ја напушта Владата.
Претходно грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прифати оставката на Каменос.
– Ја прифатив оставката на министерот за одбрана – изјави Ципрас пред новинарите, истакнувајќи дека соработката на нивните партии успеа да ја води Грција од програмите за меморандуми, истовремено поддржувајќи ги сиромашните слоеви на општеството и отворајќи пат за борба против корупцијата.
Тој му се заблагодари на Каменос за неговиот “незаменлив” придонес во ова време.
Ципрас објави дека веќе контактирал со претседателот на грчкиот парламент и побарал од него да започне постапка за гласање доверба на владата, за да може да го заврши својот мандат што му истекува во октомври 2019 година.
Од друга страна, опозициската Нова демократија оставката на Каменос и повлекувањето од владината коалиција на неговата АНЕЛ ја нарече режирана разделба и „обична претстава“.
-Затоа всушност и господинот Каменос му позајмува на господинот Ципрас двајца пратеници за да му дадат глас за доверба, без да ги избрише од пратеничката група на Независни Грци. Оваа невкусна и штетна претстава треба да заврши. На гласањето за доверба на Владата, секој пратеник што ќе го поддржи господинот Ципрас, презема одговорност пред историјата – соопштуваат од Нова демократија.
Во Македонија развојот на настаните во Грција го прокоментира шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, откако претходно разговарал со неговиот грчки колега Јоргос Катругалос.
– Ја видов веста за министерот за одбрана на Грција и лидер на Независни Грци Каменос кој ја напушти функцијата министер за одбрана. Имав веднаш потоа кратка коресподенција со мојот колега Јоргос Катругалос и добив уверување дека грчката Влада останува силно посветена согласно со националните интереси на Грција да ја заврши работата со Преспанскиот договор – рече Димитров, одговарајќи на новинарски прашања на вчерашната прес-конференција во Владата.
Останува отворено прашањето како ќе се одвиваат политичките настани во Грција, откако сега обврските околу Спогодбата од Преспа се префрлија во Атина, а по ратификацијата на уставните измени во македонскиот парламент во петокот, што беше последна обврска за Македонија согласно договореното од Нивици.
Во неколку наврати Ципрас, неговите блиски соработници, па дури и Дора Бакојани, изјавија дека грчкиот премиер има доволно пратеници да го ратификува Договорот од Преспа, а најдобра потврда за ваквите тврдења ќе има доколку му биде изгласана доверба.
Извесно е дека ако Ципрас остане на власт, Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот парламент, во спротивно Грција ќе мора да оди на предвремени парламентарни избори, што од друга страна го загрозува целиот процес, со оглед на фактот дека според анкетите, на предвремените избори би победила опозициската Нова демократија, чиј лидер Кирјакос Мицотакис најави дека нема да го ратификува Договорот од Преспа.
Во таков случај, би се активирал членот од Договорот кој вели дека доколку една од страните не го спроведе договореното, во случајов Грција, Договорот не важи и ситуацијата останува како и пред потпишувањето на Спогодбата, односно прашањето за името останува нерешено, а грчката блокада за македонските евроинтегративни процеси повторно би се активирала.