Правото на глас е неприкосновено и никој не смее да го загрози. Тајноста на гласот е гарантирана, а институциите ќе гарантираат беспрекорно спроведување на референдумот на 30 септември, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Секој граѓанин, како што истакна во видео-обраќање Спасовски, треба да гласа по сопствено убедување и сопствена волја.
– Гласот на граѓаните одлучува за иднината на Македонија. Полицијата е на висина на задачата да овозможи демократски гласачки амбиент и слободно изразување на волјата на граѓаните, рече Спасовски.
Тој најави дека ќе биде санкциониран секој обид за попречување на остварувањето право на глас.
– Македонија е слободна демократска земја со европски манири. Секаков вид притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран согласно законите. Ова важи и за активностите на интернет. Секој обид за попречување на остварувањето на правото на глас ќе биде санкциониран, наведе Спасовски.