Изборите да се одржат во првиот можен рок, кога и ќе има најмногу створени услови, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски, презентирајќи ги одлуките на Владата за олабавување на мерките воведени за заштита од коронавирусот.
Според Спасовски, изборите треба да се одржат за 22 дена, по укинувањето на вонредната состојба.
– Датумот на изборите е детерминиран со уредбата законска сила која има важност до завршување на вонредната состојба. Во моментот кога ќе заврши, за 22 дена, ќе треба да се одржат избори. Тоа е фактичка состојба. Затоа треба да се реализираат изборите во првиот можен рок. Мора да бидеме принципиелни, а изборите да бидат во моментот кога ќе има најмногу створени услови. Една од нашите одговорности е да направиме се колку што е можно побрзо да се обезбеди новата нормалност – рече Спасовски.
Тој потенцираше дека на граѓаните им требаат стабилни институции.
– Преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може сите вообичаени активности да ги спроведеме така како што очекуваме, а таква активност сигурно би биле и претстојните парламентарни избори. На македонската демократија и развој им требаат стабилни институции и колку што е можно побрзо, враќање на нормалниот колосек, на функционирање на државата. На македонските граѓани им треба функционално Собрание – рече Спасовски.