Министрите за внатрешни работи на Република Македонија и Република Бугарија, Оливер Спасовски и Христо Терзијски, денеска заеднички сопретседаваа со состанокот на министрите за внатрешни работи во рамките на Берлинскиот процес – „Национална, прекугранична и безбедност на луѓето во време на пандемија: стратегија, координација и синергија помеѓу ЕУ и Западен Балкан“ преку видеоконференција во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
Во заедничка изјава тие истакнаа дека во голема мера ја ценат можноста двете земји заеднички да сопретседаваат со Берлинскиот процес во 2020 година и ефикасно да придонесат кон регионалната безбедност, отворено да разговараат за теми од голема важност и да бараат практични решенија.
– Европската Унија и регионот на Западен Балкан ги делат истите вредности и принципи. И ние се соочуваме со исти предизвици во борбата против организираниот и сериозен криминал, борбата против тероризам, управувањето со миграциите, заштитата на границите, борбата против корупцијата итн. Оттаму, нашата соработка се заснова на заемна доверба и почит, како и континуитет и повисока регионална заложба за сите релевантни фактори – се наведува во изјавата.
По дискусиите на денешната средба, министрите од сите земји учеснички во Берлински процес се согласиле дополнително да ја зајакнат својата соработка главно како дел од својата безбедносна агенда, но поспецифично на:
– преговарање за и потпишување регионална спогодба за слободно движење со лични карти во земјите од Западен Балкан. Отстранувањето на пречките за движење на луѓето во регионот, како и континуираниот проток на стока, услуги и капитал и понатаму е клучен предуслов за одржливоста на идната социо-економска агенда на регионот;
– подобрени механизми за координација и соработка на полициските гранични служби во контекст на пандемијата на Ковид-19. Предизвиците што се појавија поради пандемијата на Ковид-19 имаат сериозни последици врз социо-економскиот развој како резултат на засилената контрола на границите, воведувањето времени ограничувања, како и мерките преземени на национално, регионално и на ниво на ЕУ со цел спречување на ширењето на пандемијата. Потребен е покоординиран пристап помеѓу земјите за целосно надминување на последиците од Ковид-19, како и обезбедување ефикасно управување со сите предизвици во областа на граничната заштита и миграциите;
– зајакнување на улогата на управната група за преземени обврски за безбедност во спроведувањето на постојните и идните безбедносни обврски на земјите од Западен Балкан.
– Дискусиите од денешниот состанок, со кој сопретседаваа министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во рамките на Берлински процес, беа многу конструктивни и корисни. Тие не само што ја покажуваат нашата цврста заложба за регионална безбедност туку претставуваат и јасен знак за постоење свесност за потребата за зајакната стабилност во регионот на Западен Балкан.
Веруваме дека претстојниот самит на шефови на држави и влади во рамките на Берлински процес, закажан во Софија на 10 ноември 2020 година, ќе ја обезбеди неопходната поддршка на највисоко политичко ниво за спроведување на нашите приоритети и продолжување на нашата соработка во иднина – оценија мимнистрите во заедничката изјава.