Откако кренавме раце од една од основните придобивки на меѓународното право – грижата за Македонците во соседството и во светот, сега нашите соседи
максимално ја користат ваквата можност за реализирање на своите стари аспирации
за асимилација на Македонците
Тесниот, речиси никаков, маневарски простор што си го остави Македонија со добрососедските договори, во однос на можноста за поддршка на Македонците што живеат во соседните земји, се чини дека дополнително ќе биде загрозен од иницијативноста на соседите. Според информациите од бугарската национална телевизија БНТ, бугарската влада решила да издвои околу 260.000 евра (500.000 лева) за финансирање проекти на Бугарите во Албанија, Србија, Косово, Украина, Молдавија, како и на граѓански организации со бугарска самосвест во Македонија. Парите ќе бидат распределени преку буџетот за 2020 година на бугарското министерство за надворешни работи. БНТ јавува дека целта на оваа владина одлука е да им се помогне на организациите за подобрување на нивната инфраструктура, да се создадат можности за проширување на дејноста, за зачувување на нивниот бугарски идентитет и за присуство во јавноста во државите во кои живеат. Како гледаат аналитичарите на ваквите соседски политики наспроти анемичноста на нашата држава во однос на Македонците што живеат во соседството и во другите држави?
– Бугарија е во сериозна офанзива, особено спрема Македонците во Албанија и на Косово. Тоа започна со ултиматумот пред неколку години што Софија ѝ го постави на Тирана, кога во Албанија се носеше законот за малцинства, преку инсистирањето во него и Бугарите да се наведат како малцинство. Уцената беше поврзана со бугарската поддршка за Албанија за добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ. Ново во оваа бугарска стратегија е воведувањето на Косово како сфера на интерес, а очигледно се работи за Македонците Горанци што живеат таму. Овие нови бугарски истапи во однос на Македонија се директно поврзани со нашите (македонските) договори со Софија и со Атина, со кои ние практично се откажуваме од македонизмот. Според тие договори, особено со Преспанскиот, Македонци нема ниту во оваа наша земја, туку тоа се оние измислените 2,5 милиони во Грција. Сегашната бугарска офанзива е сосема логична, бидејќи ако овде, во Македонија, нема Македонци, не може да има ниту во Бугарија, Албанија, Грција, Србија и Косово – ја објаснува македонскиот дипломат Ристо Никовски новата бугарска стратегија спрема нашите малцинства во соседството.
Но не е само Бугарија таа што се грижи за своите граѓани што живеат надвор од границите на Бугарија. Тоа го прават сите држави во светот, освен Македонија.
Посебни агенции, фондови, па и цели министерства за нивни граѓани што живеат во други држави имаат сите соседни земји, но и повеќето држави во светот. За жал, Македонија на некој начин беше принудена да се откаже од Македонците што живеат во другите држави.
Ноторниот факт дека Македонија, како држава, се откажа од една од основните придобивки на меѓународното право – грижата за Македонците во соседството, согласувајќи се во договорите со Грција и со Бугарија дека каква било активност по тоа прашање би била мешање во внатрешните работи на соседните држави, максимално се користи од соседите со настојувања за реализирање на своите стари аспирации. Сите земји во македонското опкружување имаат официјални државни институции и солидни фондови (слични на неодамна усвоениот годишен фонд во Бугарија) за поддршка на своите малцинства, додека за Македонија таква активност автоматски значи прекршување на договорите. Таквата позиција не само што ги ограничува правата за идентификација на Македонците како малцинства во соседните земји туку некои аналитичари сметаат и дека со тоа е загрозен македонскиот идентитет и во Македонија.
– Што можат да очекуваат македонските малцинства во соседните земји, кога Македонија формално се откажа и од Македонците во земјава. Тоа го направи имплементацијата на Преспанскиот договор во Уставот, со воведување на квалификативот државјанство (nationality) – македонско-државјанин на РСМ. Таквата состојба им овозможува на Бугарите да вршат агресија по сите основи, мешајќи се во внатрешните работи на Македонија (како и во сите земји на Балканот, освен во Грција), со својата позната политика прогласувајќи ги Македонците за Бугари. Сега основа за тоа имаат во договорот за добрососедство од 1 август 2017 година.
Интересна е ситуацијата, па сега Бугарите не бараат бугарско малцинство во Македонија (зашто Македонците ги сметаат за Бугари), туку бугарско малцинство бараат во Албанија и на Косово. На тој начин создаваат услови за долгорочно имплементирање асимилација на Македонците во целиот регион. Наместо развивање на добрососедството, Бугарија го користи договорот со Македонија за спроведување на нејзините познати и никогаш неостварени аспирации за санстефанска Бугарија – вели Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.