Економскиот развој по сѐ изгледа го намалува ризикот од избувнување воен судир или насилство во семејството, констатирал престижниот њујоршки магазин „Глобал фајненс“ врз основа на глобалното истражување во кое Македонија, според нивото на безбедноста, се најде на 59-то место од 128-те држави
Кое е моменталното ниво на безбедноста во Македонија и како котира таа по ова прашање на глобалното ниво, беше предмет на повеќе истражувањата од страна на неколку релевантни меѓународни институции и организации. Последната таква анализа беше објавена во четвртокот од страна на престижниот њујоршки магазин „Глобал фајненс“, кој користејќи податоци од анализите на Светскиот економски форум и на Глобалниот институт за мир од Сиднеј, Австралија, публикува светско рангирање на државите.
Според ова истражување, нашата земја се наоѓа на 59-то место од 128-те држави, кои се опфатени со анализата, што, според експертите, е мошне добра позиција во однос на претходните.
Политичкиот аналитичар Димитар Димов коментирајќи ги наодите на ова, но и на претходно објавуваните истражувања вели дека иако нашата држава се наоѓа некаде на средината од табелите, сето ќе се промени на подобро во моментот кога државата ќе влезе во НАТО.
– Јас верувам дека истражувањата од овој тип, во иднина ќе бидат многу попозитивно наклонети во однос на Македонија, бидејќи со влезот на земјата во Алијансата и со можноста во блиска иднина да станеме членка на ЕУ ќе се подобрат многу од факторите што влијаат на рангирањето од овој тип – објаснува тој.
Инаку, од земјите во регионот најдобро котира Словенија, која е на 12-то место, Хрватска е на 22-то, Бугарија на 42-то, Босна и Херцеговина на 56-то, Грција на 57-то, Србија на 58-то, а Албанија е на 69-то место на листата.
Во образложението на листата, магазинот наведува дека при рангирањето биле земени предвид три фактори: војната и мирот, личната безбедност и ризикот од природни непогоди.
„Глобал фајненс“ во својата сторија наведува дека резултатот ги сумира индексите на трите ризици и претставува сеопфатен поглед на безбедноста на секоја земја одделно, што значи дека високото ниво на ризик кога е во прашање еден фактор, има големо влијание врз конечното рангирање на земјата.
Според магазинот, тоа што на пример Филипините се наоѓаат на последното место, зад Јемен, каде што се води граѓанска војна, се должи на фактот што земјата има „лоши резултати“ во однос на личната безбедност и зачестеноста на природни непогоди.
Во својот текст „Глобал фајненс“ наведува дека на врвот на листата меѓу првите 20 земји, дури 16 се од Европа, а покрај нив, надвор од Стариот Континент се само Катар, Сингапур, Нов Зеланд и Канада.
– Економскиот развој по сѐ изгледа го намалува ризикот од избувнување воен судир или насилство во семејството. Во суштина, овие два фактора се поподложни на контрола, отколку ризикот од природни непогоди, врз кои често влијае географијата – наведува магазинот.
Во меѓувреме, има неколку значајни исклучоци за некои економски развиени земји, како што се САД, што се должи на фактот дека ризикот од насилни злосторства е поголем поради високата стапка на убиства, што исто така влијае на намалување на личната безбедност.
Претходно, Институтот за економија и мир во Америка (ИЕП) објави листа на Глобалниот индекс на мирот, според која во светот е забележано пониско ниво на мир во споредба со изминатата деценија.
Американскиот институт причините за оваа состојба ги наоѓа во долгогодишните глобални конфликти, кои и понатаму се нерешени, како и во фактот дека САД и другите светски сили се соочени со политичка нестабилност.
Кога станува збор за Македонија, на глобалната скала на ИЕП таа се наоѓа на 87-то место од вкупно 163 земји. На ниво на Европа, нашата држава, пак, се наоѓа на 33-то место од вкупно 36 земји. Пониско од нас се рангирани Босна и Херцеговина, Косово и Турција.
На глобално ниво, од регионот предничи Словенија, која се наоѓа на 11-то место, зад неа е Хрватска на 27-то место, Србија на 54-то место, Црна Гора на 58-то место.
Според ова американско истражување, рангирањето е формулирано врз основа на 23 индикатори на мирот, распоредени во три категории: ниво на сигурност во општеството, домашен и меѓународен конфликт и милитаризација.