ДИГИТАЛНА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА СОВРЕМЕН МОНИТОРИНГ

Дигиталната техника пополека, но сигурно навлегува во секојдневието при што на овој начин треба да се врши и процена за нивото на загадување на нашите реки и езера. Темата добива актуелност особено во периодот на есента кога се очекуваат обилни врнежи на дожд и кога се покачува водостојот.
Деновиве од страна на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) беше објавена дигиталната мониторинг-платформа за следење на квалитетот и загадувањето на реките, во рамките на кампањата „Разбистри сѐ“.
Радмила Бојковска од Секторот за квалитет на води на УХМР вели дека и досега тие ги објавувале податоците за квалитетот на водите, но во нумерички вредности што не биле разбирливи за пошироката јавност, а сега тоа ќе се врши на поинаков начин.
Таа истакнува дека новата дигитална алатка ќе ја поткрепат со нови хидролошки податоци.
– Затоа се решивме да ја направиме оваа алатка, во која податоците за сите параметри што влегуваат во процена на квалитетот на општиот физичко-хемиски статус да се прикаже со сите измерени параметри. Според бојата што е дадена во апликацијата, да може да се види дали водата од тој параметар е одлична, добра, прифатлива, слаба или во лош статус – вели Бојковска.
За време на пандемијата, според неа, од досега присобраните податоци на овој начин може да се заклучи дека квалитетот на водата на реката Вардар, на одредени места е подобрена.

Атанас Угрински од УМХР вели дека водостоите на реките последните денови бележат опаѓање по обилните врнежи од дожд што се случија во изминатиот период.
– На некои места наврнаа над 100 литри на квадратен метар. Тоа се бројки што воопшто не се занемарливи и за потценување. Во некои други околности за овие врнежи од дожд би зборувале за опасност од можно поплавување или излевање на реките од своите речни корита – рече Угрински.
Овој пат, посочи тој, врнежите дојдоа во вистински момент, дојдоа по долгиот сушен период и имаа позитивно влијание, односно ја подобрија хидролошката состојба во земјата, беа добредојдени и со позитивно влијание.
Тој уште истакна дека подобрувањето посебно се однесува на природните и вештачките езера во земјата, бидејќи Преспанско Езеро ги руши рекордите во поглед на минималниот водостој, Охридско Езеро беше на границата на дозволениот минимум, а сите вештачки акумулации во земјата биле речиси испразнети.
Од УХМР очекуваат оваа зима да има повеќе снег и посочија дека новата дигитална алатка ќе ја поткрепат со нови хидролошки податоци.
Дејан Андонов, пак, од Институтот за комуникациски студии, во врска со темата информира дека податоците на УХМР се од исклучителна важност за да се проценат промените што настануваат во реките поради интензивните испуштања отпад, отпадни води, пестициди и други загадувачки материи од домаќинствата, земјоделството и индустријата во речните води.

– Целта е да се обезбедат информации за статусот на водите, но и податоци за креирање оправдани, одржливи и ефикасни политики за користење и заштита – порача Андонов.
Во меѓувреме, познавачите на состојбите велат дека новитетите на дигиталната технологија се добредојдени во Македонија кога се говори за еколошката тематика и за чистината на нашите води.
Универзитетскиот професор Александар Трендафилов вели дека секој напор за мониторирање на состојбите на нашите вода е добредојден во земјата. Тој посочува дека наодите на дигиталната алатка за следење на квалитетот и загадувањето на реките сепак зависат од состојбите на терен и од начинот на кој се врши мерењето.
– Во суштина сите македонски води во сите реки и езера во моментов се под голема опасност на загадување. Нашите води или се загадени со физички отпад или со хемиски и индустриски. Во тој правец не може да се истакне одреден дел од нашата земја каде што има повеќе загадување или помалку, но може да се заклучи дека најголемо е онаму каде што има големи населени места – вели професорот.

Тој истакнува дека голема е веројатноста наодите од оваа дигитална алатка да ги покажат тврдењата што веќе досега професионалците ги констатирале на терен.
– Имено, недостигот од професионален човечки персонал што се грижи за мерењата на станиците на терен кај УХМР е причината зошто можеби сега се најавува ваков процес што е раздвижен од модерната технологија – вели Трендафилов. Тој напоменува дека ако сакаме да ја имаме вистинската слика за процесите, тогаш треба да се провери уште еднаш како се мери загадувањето во водите, низ кои канали, на какви мерни станици и на кој начин се врши тоа, дали е низ течението на водите или во спротивен правец или на дното од коритото.
– Тоа е многу тешко да се дефинира бидејќи речиси сите реки во земјата имаат проблем со нивните корита, кои не се одржуваат и се полни со шут и разновиден отпад. Дополнително профилите на реките се менуваат низ течението, па затоа е многу битно каде се врши мерењето – вели професорот.
За да се дознае вистинската слика, дигиталната алатка треба да ги има мерењата од сите профили на реките, но и од нивните притоки, само на тој начин ќе добиеме чиста и јасна слика за состојбите, која може да се анализира со притискање на копчето на тастатурата.
Александар Димитров, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, констатира дека водите во државата се загадени бидејќи нема доволно пречистителни станици.
– Загадени води низ Македонија има многу, конкретни информации се добиваат тешко, бидејќи никој не сака да го каже тоа во јавноста – вели Димитров.
Тој истакнува дека не смее да се дозволи загадени води да влезат во реките бидејќи потоа навлегуваат и во подземните води, а ако влезат во нив потоа не може да им се следи трагата и од таму потоа можат да загадат бунари и земјоделски производи, кои потоа ние ги консумираме.

[email protected]