Бугарски студенти низ Европа, инструирани и поттикнати од бугарските политички кујни, деновиве протестираат за поддршка на правата на наводни измислени Бугари во Македонија. Од друга страна, на Македонците во Бугарија со години и децении им се оспоруваат секакви права, за што против Бугарија има еден куп судски пресуди.
Дали и како треба да реагира Македонија на најновите бугарски провокации и замки?
Ние, како аргумент, ги имаме пресудите на Европскиот суд за човекови права против Бугарија и треба да инсистираме на нивното спроведување, наместо да се занимаваме со наоѓање одговори на нивната политика на замена на тези, со што само би влегле во нивната замка, тврдат експертите
КАКО ДА ОДГОВОРИ МАКЕДОНИЈА НА НАЈНОВИТЕ БУГАРСКИ ПРОВОКАЦИИ
Македонската влада треба конечно да почне да инсистира на реципрочното спроведување на европските конвенции за заштита на правата на националните малцинства, па дури и да се откаже од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, препорачаа вчера дипломатите и експертите по информацијата дека Бугарите низ Европа деновиве протестираат за поддршка на нивните права во Македонија.
Имено, како што пренесоа некои медиуми, завчера бил одржан првиот протест во Берлин, а Иницијативниот комитет најавил дека ќе следуваат уште два во текот на овој месец – во Париз и во Брисел.
Инструираните бугарски протести во трите европски метрополи се во организација на таканаречениот Иницијативен комитет за заштита на човековите права и се против наводната дискриминација на Бугарите во РСМ.
Во меѓувреме, македонските власти надежите ги полагаат во следниот период, како клучен за наоѓање пат кон решение за спорот со Бугарија, кој во изминативе години се посочува како главна бариера за интегрирањето на Македонија во Европската Унија. Сепак, граѓаните и јавноста очекуваат одговор и на оваа најнова бугарска провокација, како што упатените ги именуваат најавените протести во европските метрополи.
И додека власта чека, експертите укажуваат на неодржливоста на ситуацијата.
– За разлика од кај нас, во Бугарија сѐ се мобилизира против Македонија. Дури, само осум отсто од населението било против досегашната политика на блокади и уцени кон Македонија. Тоа е резултат на страшната пропаганда против нашата земја, која, како што гледаме, добива невидени димензии. „Напредните“ бугарски студенти низ Европа се исто така организирани за да го манипулираат европското јавно мнение и, можеме да бидеме сигурни, не спонтано. Кај нас владее целосна инерција поттикната од власта, која е подготвена на секакви отстапки за да ја реализира својата крајно непотребна опсесија за добивањето датум за започнување преговори за членство во Европската Унија. Во дадените услови, единственото решение за Македонија, ЕУ, САД и за самата Бугарија е Македонија веднаш да се откаже од договорот за (не)пријателство, (не)добрососедство и (не)соработка со Бугарија. Само така, сите ќе излеземе од ќор-сокакот во кој сме доведени со неразумните бугарски политики и повторно ќе го отвориме патот кон Брисел, кој без тоа, останува целосно затворен – смета поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Но има и други согледувања и предлози во однос на тоа како би можело и како би требало да се одговори.
– Ова што тие ни го прават, очигледно, е инструирано. Значи, на станува збор за онаа „се случи се народ“. Тука постои одредена политичка, но не мора да значи и државна заднина. Она што нас треба да нѐ загрижува е институционалната, државна политика на Бугарија, која не се менува. Тие одат и повеќе од она што го има во меѓудржавниот договор и бараат уставни промени во Македонија. А ова што се случува низ Европа е само декор. Јас лично не би им придавала значење на протестите. Тоа е провокација, балканска работа. Реципрочен одговор од наша страна би бил без ефект. Ние, како аргумент, ги имаме пресудите на Европскиот суд за човекови права против Бугарија и треба да инсистираме на нивното спроведување, наместо да се занимаваме со наоѓање одговори на нивната политика на замена на тези, со што само би влегле во нивната замка. Ние, и како држава и како малцинство во Бугарија, сме жртви и евентуални контрапротести не се никакво решение. Нашата власт треба да инсистира на реципроцитетот во смисла на заемно признавање на малцинствата. Не мора да се одговори со барањата за откажување или за промена на договорот. Ние, во наша полза, ги имаме европските конвенции и само треба да инсистираме на нивното доследно почитување – објаснува професорката Билјана Ванковска.
Д.М.М.