Успешните резултати од активизмот на средношколците и граѓанските здруженија за решавање на локалните општествени проблеми преку користење на медиумските алатки, беа претставени вчера на онлајн дебатата „Медиумската писменост во акција“, во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Македонското еколошко друштво (МЕД). Настанот се одржа во рамките на иницијативата „Денови на медиумската писменост“ на Мрежата на медиумската писменост, што Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја организираат веќе трета година. Учесниците на дебатата ги споделија своите искуства во споредувањето на повеќе активности и акции во Демир Капија, Битола, Преспа, Струга и во други места низ државата, кои придонесоа за почиста животна средина, како и за издигање на свесноста на младите за општествените проблеми и за користењето на медиумите за нивно решавање.
– Сѐ што треба е да препознаете проблем, да имате идеја и да бидете креативни, со цел вашиот проблем да стане дел од поголема група луѓе и заедно да барате решенија – беше истакнато за време на дискусијата.
Беа посочени примери за вклученост на младите во акции за чистење, за развивање култура за препознавање на проблемите, за паметно користење на медиумските алатки, како и за поголема транспарентност на институциите. С.Н.М.