Се чини дека политичките страсти пред најавениот референдум се во фаза на секојдневно зовривање. Општеството е политички длабоко поделено токму во моменти кога во државата треба да се формираат предусловите за да може да се спроведе референдумот. На ваква констатација нѐ наведуваат последните соопштенија на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во кои тие меѓусебно се обвинуваа за сторени криминали и најавуваа црни периоди.
Така, ВМРО-ДПМНЕ прво истакна дека за нецели две недели СДСМ се обидела од државата да украде 45 милиони евра.
– Македонија е заложник на криминалниот картел што го предводи Зоран Заев. Правната држава стана мисловна именка, а за само една година СДСМ и Заев успеаја да го урнисаат целосно поредокот во државата. Обвинителството и судството, наместо да го гонат криминалот, станаа негови заштитници, работејќи како партиски испостави што служат единствено да го амнестираат криминалот на СДСМ – стои во дописот на опозициската партија.
Од друга страна, СДСМ реагираше речиси симултано и исто така во соопштение информира дека во земјава расте бројот на црните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, а кои, според партијата на власт, сега биле најмалку 30.
– ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски упорно одбиваат да го поддржат успехот на Македонија и упорно се обидуваат да ја закочат македонската иднина. ВМРО-ДПМНЕ не само што не сака државата да оди напред туку има и најмалку 30 црни сценарија преку кои сака Македонија да ја направи свој заложник – стои во документот од СДСМ.
Во меѓувреме, следејќи ги актуелните политички релации, политичките експерти во земјава тврдат дека за да може да се спроведе коректен референдум, покрај референдумското прашање и самата спогодба со Грција, повеќе фактори ќе влијаат врз одлуката на граѓаните.
Добро упатените оценуваат дека меѓу клучните фактори за спроведување на планираното е ангажирањето на политичките субјекти за фер и коректно политичко дејствување, кое, пак, потоа ќе формира солидна клима во земјава, во која би требало исправно и демократски да се финишираат државните цели.
Според аналитичарот Петар Арсовски, ние, оставени сами на себе, очигледно не можеме да направиме уредено општество, во кое ќе има владеење на правото, еднакви можности за сите, меритократија наместо клиентелизам, економски напредок.
– По ѓаволите, ние не успеваме нашите сонародници (истите оние што во џеб ги чуваат догорчињата до првата канта додека се на посета во Европа) да ги навикнеме во Македонија да не фрлаат ѓубре од тераса врз нивните соседи долу, а за друго да не зборуваме. Некако станува повеќе од очигледно дека ние можеме да го уредиме ова општество на нормален начин само доколку станеме дел од некаков поширок систем, од каде што би ги позајмиле правилата и менталниот склоп за нивно почитување – смета Арсовски.
Политикологот Милан Стефаноски смета дека политичкиот дискурс во земјава треба да биде на високо ниво доколку сакаме граѓаните правилно да одлучат за сите прашања поврзани за можниот референдум и за тоа во кој правец треба да се движи земјата во иднина.
Стефаноски подвлекува дека иако, за жал, Македонија од независноста досега традиционално негувала лоши политички релации меѓу двата најголеми играчи на сцената ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, сега тоа би требало да биде променето за доброто на сите граѓани на Македонија и за доброто на националниот интерес на земјата.