Фото: Игор Бансколиев

Длабоката поделеност во Европа повторно дојде до израз и при пристапот кон вакцините и вакцинирањето против ковид-19. Од една страна, ЕУ јасно им стави до знаење на земјите-кандидати дека не се на приоритетната листа за достава на вакцини, упатувајќи ги да се снаоѓаат како знаат и умеат, а од друга страна, сега крева рамка за нивните граѓани ако немаат ковид-пасош, во кој ќе биде наведено дека примиле некоја од западните вакцини. Оние што се вакцинирале со вакцини од Русија или од Кина, или таканаречени источни вакцини, не се добредојдени во Европа, што, според аналитичарите, е груба дискриминација и прекршување на правото на движење

ДАЛИ ЕУ ПАК ЌЕ ГИ ПРЕКРШИ ОСНОВНИТЕ НАЧЕЛА НА КОИ СЕ ТЕМЕЛИ

Граѓаните од земјите-кандидатки за влез во Европската Унија, вклучувајќи ги и македонските, повторно се соочуваат со блокада за влез во Унијата, по најавите од Брисел дека се размислува да не се дозволат патувања за лицата што нема да бидат вакцинирани со вакцините против ковид-19 што не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), што е директна порака до оние што ја примиле руската или кинеската вакцина дека не се добредојдени во Унијата.
Засега одобрение од ЕМА имаат вакцините на „Фајзер“, „Астра Зенека“, „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, поточно сите од западни компании.
Да биде парадоксот уште поголем, ЕУ претходно јасно им стави до знаење на земјите-кандидати дека не се на приоритетната листа за достава на вакцини, упатувајќи ги да се снаоѓаат како знаат и умеат, а сега дополнително им го ускратува правото на движење на нивните граѓани ако немаат ковид-пасош, во кој ќе биде наведено дека примиле некоја од одобрените вакцини од ЕМА.
Комесарот за правда на ЕУ, Дидие Рејндерс, изјави дека земјите-членки можат слободно да ги вакцинираат своите граѓани со други вакцини, но дека нема да добијат лиценциран ковид-пасош ако вакцината не е од одобрена компанија, што значи дека македонските граѓани нема да можат да патуваат во земјите од Унијата со ковид-пасош ако немаат примено западна вакцина.

Со оглед на фактот дека земјава очекува поголема набавка токму на кинеските и руските вакцини, се наметнува дилемата дали македонски граѓани што би се вакцинирале со овие вакцини би добиле функционален ковид-пасош доколку се воведе.
Европската комисија денеска (17 март) треба да го презентира планот на ЕУ за „зелена дозвола“ што беше изработен под притисок на дел од земјите-членки на Унијата, кои се особено зависни од туризмот и кои бараат отворање на границите. Според првичните најави, ковид-пасошите ќе бидат достапни во дигитален и хартиен формат, ќе ги содржат името и презимето на лицето, употребената вакцина, датумот на вакцинација и серискиот број на вакцината, а треба да важат до крајот на пандемијата.
Прв на ваквите најави реагираше српскиот претседател Александар Вучиќ, кој евентуалното носење на ваква одлука го оцени како скандалозно и дека со тоа се испраќа лоша порака кон земјите од регионот.
– Убеден сум дека никој од ЕУ нема да размисли да донесе ваква одлука, но ако тоа навистина се случи, можам само да кажам – благодарам. Тогаш ни е јасно каква политика има Унијата кон Србија и земјите во нашето соседство – порача Вучиќ.
Македонските официјални претставници засега не се изјаснија околу ваквите најави на Брисел, но според некои од аналитичарите со кои се консултиравме евентуалната одлука да се воведат ковид-пасоши не само што е дискриминирачка туку и ќе внесе само дополнителни проблеми од повеќе аспекти.

– Мислам дека многу држави од ЕУ нема да се придржуваат или ќе се откажат од ваквата идеја, особено туристичките земји поради тоа што ова е спротивно на интересите на тие држави. Второ, дефинитивно ова е спротивно на Европската конвенција за човекови права, не толку поради дискриминацијата туку многу повеќе поради забраната на слобода на движење. Слободата на движење може да биде забранета од причини поврзани со здравјето и слично, меѓутоа во случајов ќе биде многу тешко да докажат дека луѓето што се вакцинирани со вакцини што не се препознаени од страна на ЕУ не создаваат таков вид здравствена состојба што ја овозможува таа мобилност. Трето, дефинитивно мислам дека ќе има голема расправа во однос на она што значи светско реагирање во услови на пандемија и на кој начин тоа ќе се поврзе со мобилноста на работната сила, на академскиот кадар, на студентите – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.
Според неа, станува збор за различни видови мобилност што ќе бидат загрозени.
– Станува збор за многу различни видови мобилност што на овој начин ќе бидат загрозени, а кои се регулирани со други акти, со други договори, со други конвенции било на меѓународно било на билатерално ниво, што ќе создаде големи проблеми во остварувањето на една ваква намера – појаснува Најчевска.
Таа смета дека ваквата идеја за воведување ковид-пасоши нема да се реализира, иако не ја исклучува можноста тоа на крајот и да се случи.

– Мислам дека ова нема да помине, но никогаш човек не може да знае. Не е само туризмот засегнат, има земји што се зависни од повремена сезонска работна сила, која обично е ангажирана на плантажите. За два-три месеца и ова ќе се појави како проблем. Во секој случај, целата работа е многу посложена отколку што навидум изгледа – заклучува професорката Најчевска.
Социологот Илија Ацевски смета дека целата ситуација со пандемијата како да му оди во прилог на Западот, кој преку ковид-пасошите како да сака да го редуцира влезот на граѓаните од земјите што се надвор од Унијата.
– Западот ќе ја користи понатаму секоја промена што има глобални размери за своите цели, за својот развој, за својата економија, со единствена цел да ги заштити сопствените интереси. Најверојатно со овие ковид-пасоши тие ќе го редуцираат приливот на работна сила, а пандемијата во таа смисла им дојде како кец на десетка – вели Ацевски.
Според него, ковид-пасошот е еден вид селекција кој сè ќе може да патува кај нив и на некој начин претставува дискриминација на другите граѓани што се вакцинирани со руска или кинеска вакцина.
– Со ковид-пасошите, ако се воведат се разбира, почнува уште подрастична селекција на оние што сакаат да живеат и да работат на Запад – истакнува Ацевски.