„Нова Македонија“ успеа да го пронајде пишувањето на „Словенски свет“ во Дигиталната библиотека на Словенија (Digitalna knjiznica Slovenije), каде што може да се пронајдат и прочитаат повеќе исклучителни сведоштва за далечното минато на Македонците. Споменатиот текст на словенечкиот весник за првпат се објавува како факсимил на страниците на „Нова Македонија“. Текстот на „Словенски свет“ е објавен на 10 август 1894 година, под насловот „Балкански сојуз“, како унгарска кореспонденција од Париз. Конкретно, во статијата се вели дека во јуни 1894 година се одржал „собир на кој биле претставени сите балкански племиња: Бугари, Срби, Романци, Грци, Македонци, Албанци и Ерменци“
Словенечки весник во 1894 година јасно говори за Македонците како одделен етнички супстрат
Во европските архиви постојат стотици документи што недвосмислено говорат за Македонците како одделен етнички супстрат, притоа честопати во нив се разграничуваат поимите етникум и географска одредница. Во минатото, истражувањето на архивската грполаѓа беше комплексна дејност, но денес, благодарение на дигитализацијата, овие сведоштва се достапни за пошироката јавност.
Меѓу многубројните веродостојни историски податоци, кои како факти сведочат за егзистирањето на македонскиот народ како одделен етникум кон крајот на 19 век, треба да се спомене и пишувањето на словенечкиот весник „Словенски свет“ („Slovanski Svet“) од 1894 година.
„Нова Македонија“ успеа да го пронајде пишувањето на „Словенски свет“ во Дигиталната библиотека на Словенија (Digitalna knjiznica Slovenije), каде што може да се пронајдат и прочитаат повеќе исклучителни сведоштва за далечното минато на Македонците. Споменатиот текст на словенечкиот весник за првпат се објавува како факсимил на страниците на „Нова Македонија“.
Текстот на „Словенски свет“ е објавен на 10 август 1894 година, под насловот „Балкански сојуз“, како унгарска кореспонденција од Париз. Конкретно, во статијата се вели дека во јуни 1894 година се одржал „собир на кој биле претставени сите балкански племиња: Бугари, Срби, Романци, Грци, Македонци, Албанци и Ерменци.“
Според „Словенски свет“, собирот имал цел да подготви поширок план според кој би се ширела идејата за сојуз на балканските и малоазиските племиња. Во понатамошниот дел можеме да прочитаме дека Гркот Аргиријадес информирал дека била основана Лига за балканска конфедерација (Ligue pour la confederation balcanigue) и дека идејата за балкански сојуз треба да се пропагира во весниците и во брошурите. Според кореспонденцијата на „Словенски свет“, во споменатиот сојуз требало да „пристапат Грција, Романија, Бугарија, Србија, Тракија, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Ерменија и некои други области покрај Црно Море.“
Во контекст на надлежностите во балканскиот сојуз, „Словенски свет“ вели дека сојузните држави односно покраините секоја година би требало да испраќаат свои претставници во Цариград (Истанбул), кои би ја разгледувале надворешната политика на сојузот, од друга страна, за внатрешната политика одлучувала секоја членка на сојузот сосема „независно“.
Од денешен аспект, пишувањето на „Словенски свет“ има извонредно политичко и историско значење, доколку се земат предвид неоснованите негирања на Македонците и нивните национални белези. Во овој правец е и бугарската декларација изгласана од бугарското собрание, во која можеме да прочитаме за наводно „препишување на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година, како еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам.“ Статијата што е објавена во „Словенски свет“, уште во далечната 1894 година, јасно ги побива искажувања за препишување на историјата. Имено, доколку внимателно се проследи пишувањето на словенечкиот весник, неизбежен е фактот дека Македонците се определуваат како одделен етнички супстрат, притоа се разграничуваат поимите помеѓу етникум и географска одредница.