Во старословенски буквар од 1597 година, меѓу другото, јасно е означена и буквата Ѕ. За лингвистите гласот Ѕ е една од основните посебности на современиот македонски јазик, но и на континуитетот на посебноста на неговиот историски развој. Кажано со современ маркетиншки речник – гласот Ѕ е бренд на македонскиот јазик
НОВИ СВЕДОШТВА И АРТЕФАКТИ ЗА ПОСЕБНОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Само во македонскиот јазик од сите словенски јазици сѐ уште најѕвонливо одѕвонува гласот Ѕ кога се изговара: ѕвоно, ѕвезда, ѕвекот, ѕвер, ѕид, ѕирне, ѕуница, ѕевгар…, па дури и детскиот поздрав со честичката „ѕе“. Токму фактот дека гласот Ѕ е и една од најсилните карактеристики за историската и современа посебност на македонскиот јазик, бил несоборлив аргумент за негов „опстанок“ и при современата кодификација на јазикот.
Денес, Ѕ (глаголица: ) е десеттата буква во македонската азбука; меѓутоа овој глас е многу постар и е означен и во старословенското писмо, односно уште во глаголицата на Кирил и Методиј, каде што бил означен со графемата („ꙃѣло“). Во глаголицата секој глас имал свое „име“, а буквата што денес се изговара како Ѕ, се нарекувала „ѕјало“ со значење на „сѐ“. Буквата го означува гласот фонетски означен како ʣ и фонетски е опишана како звучна венечна слеана согласка. И покрај идентичниот изглед, оваа буква е несродна со латиничната буква Ѕ (С), која дошла од грчката буква сигма.
Иако историската и современа посебност на македонскиот јазик лингвистички е докажана и признаена во науката, неговото политизирање како еден од елементите на националната историска автохтоност на македонскиот народ предизвикува нова потрага по стари и веќе познати научни аргументи.
Контроверзната и жестока дебата меѓу македонската и бугарската јавност, предизвикана од (гео)политичко-историски мотиви и аспирации на Бугарија, „накалемени“ на евроинтегративните заложби на Македонија, исфрла на површината на социјалните мрежи (кои во денешно време се најактивниот канал на комуникација) интересни факти и докази од минатото, кои до неодамна биле привилегирано познати и интересни можеби само за научните кругови. Во таков контекст, на социјалните мрежи веќе извесно време се афирмира постоењето на старословенски буквар од 1597 година, во кој јасно е означена буквата Ѕ. Оваа стара книга е зачувана во манастирот „Високи Дечани“ кај Пеќ, на Косово, а печатена е на крајот од 16 век во Венеција. Во наметнатиот политички амбиент на македонско-бугарските односи, во кој се импутираат компромитирачки тези од страна на Бугарија дека македонскиот јазик е вештачки создаден (измислен) по 1944 година, ваквите артефакти во кои се покажува континуитетот на посебноста во историскиот развој на македонскиот јазик се истакнуваат како доказ за неоснованоста на оспорувањата и присвојувачките намери на бугарската политика.
– Гласот Ѕ е една од основните посебности на современиот македонски јазик, но и на континуитетот на посебноста на неговиот историски развој. Корените на овој глас се во старословенскиот јазик, кој е обележан и во глаголското писмо. Сепак, активното постоење на овој глас во современиот македонски јазик се одржало под влијание на соседните балкански јазици, односно преку нивниот контакт со романските јазици. Контактот со јужните италијански дијалекти, односно тенденцијата на одредени дијалекти во романските јазици гласот што кај нас се изговара како Ѓ да преминува во Ѕ, се прелева и на балканските јазици, како грчкиот, албанскиот, влашкиот, а преку нив и на македонскиот јазик. Како посебна фонема во современите словенски јазици, освен во македонскиот јазик, Ѕ го има и во украинскиот јазик. Но и во украинскиот, ова Ѕ е опстанато исто преку контактот со романскиот јазик – вели Људмил Спасов, професор лингвист од Филолошкиот факултет при УКИМ.
Објаснувајќи го контекстот на влијанието на јужноиталијанските дијалекти во зачувувањето на гласот Ѕ кај балканските јазици од различни јазични групи, секако и во македонските говори (а подоцна и во стандардизираниот јазик), професорот Спасов потсетува дека економските врски на Македонија со западниот свет во минатото оделе претежно од просторите на западна Македонија, преку областите Епир, јужна Италија, но и преку брегот на Јадранско Море од страната на Црна Гора, Дубровник, Далмација до Венеција. Венеција била економски, политички и културен центар на западниот свет сѐ до укинувањето на Венецијанската Република. Токму затоа и книгите од овие балкански простори, во тоа време (како онаа зачувана во манастирот „Високи Дечани“ од 1597 година) биле печатени во Венеција.
– Гласот Ѕ останува континуирано да се користи во македонските говори низ целиот историски развој на македонскиот јазик, до ден-денес. Иако се сретнува и во дијалектите на други словенски јазици (црногорскиот, хрватскиот – во истарските говори, словенечкиот – во делот кај Алпите, се сретнува и во полскиот јазик…), сепак во македонскиот јазик овој глас е зачуван и обележан со посебна графема и во современата азбука. Иако некои лингвисти сметале дека ефективно може да се замени со гласот З, сепак активноста на неговата употреба во македонските дијалекти го истакнува Ѕ како специфична посебност на современиот македонски јазик, но и на посебноста на неговиот историски развој. Кажано со современ маркетиншки речник, гласот Ѕ е бренд на македонскиот јазик и тоа треба да се истакнува – вели професорот Људмил Спасов.