Зад вчерашната експлозија од реакции и цунами од емоции, подобрите познавачи на состојбите и оние со малку постудени глави се согласни дека со прексиноќешната „изведба“ на државната химна во Амбасадата на САД, независно дали таквата верзија била нарачана или, пак, била гаф од небрежност, се еднодушни во констатацијата дека од колективната меморија не можат да се избришат македонските херои или кое било друго национално или државно обележје. Многу поопасно, нагласуваат соговорниците, ќе биде ако тоа го направат оние што застапувајќи ги „државните интереси во меѓународните и во билатералните преговори и договори“ ги забораваат или допуштаат да бидат изоставени македонскиот народ и неговата засебност и белези
Голем број реакции со жестоки осуди и различни толкувања во јавноста, како и извинувања од речиси сите инволвирани страни, следуваа вчера по нецелосната изведба на македонската химна на прексиноќешниот прием по повод 4 Јули, Денот на независноста на САД, во американската амбасада во Скопје. Имено, годинашната евровизиска претставничка, пејачката Тамара Тодевска испеа своја верзија на македонската химна, при што додаде четири стиха од старата верзија, а испушти да испее четири стиха од официјалната државна химна. Тодевска го испушти делот со „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“, по „одново сега знамето се вее, на Крушевската Република“, а во нејзината изведба го немаше ниту делот „горите македонски шумно пеат, нови песни, нови весници“, пред „Македонија слободна, слободно живее“. Наместо тоа, таа испеа „старо младо машко и женско, на нозе се кренало“ и „не плачи, Македонијо мајко мила, крени глава гордо високо“, кои се стихови од стари верзии на химната. Истото тоа Тодевска го стори и на Градскиот стадион пред шест години.
По прексиноќешната изведба, многумина оценија дека станува збор за намерна, па дури и нарачана измена на текстот, пред сѐ поради актуелното меѓудржавно спорење со Бугарија за тоа кој полага право на ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев.
Но и без тоа, политичките процеси што се одвиваат во последниве две години во Македонија, голем дел од јавноста ги доживува како коренито редефинирање на карактерот на македонската држава, што создава амбиент на висок степен на сензибилност и реакции и за настани што порано се доживувале како стандардна процедура. Или можеби токму нарушувањето на стандардната процедура е причина за некоја постапка да се толкува како провокација, па дури и како вовед во нов општествено-политички вител?
Прексиноќешната изведба на селектираната верзија на стиховите од македонската химна, која не се совпаѓа со ниту една од трите верзии што биле во употреба откако песната на Владо Малевски (текст) и Тодор Скаловски (музичка композиција) е прогласена за официјална химна на Македонија, се случува во миг кога за хероите што се испуштени во изведбата (пред сѐ Гоце Делчев) се води интензивна меѓудржавна дебата со Бугарија за нивната националност. Покрај тоа, иако химната не беше опфатена во промените што македонската држава прифати да ги спроведе за да ги испочитува одредбите од Преспанскиот договор со Грција, од прифаќањето на новото име на државата со географска одредница, јавноста постојано е на штрек дека и националната химна ќе биде на удар на промените. Затоа, и поради уште некои други прашања што се тема на општествена дебата, редуцирањето на стиховите од химната во изведба на Тамара Тодевска во Амбасадата на САД беше доживеано како провокација и пробен балон за евентуална понатамошна интервенција и по тоа прашање.
Но зад вчерашната експлозија од реакции и поплава од емоции, подобрите познавачи на состојбите и оние со малку постудени глави се согласни дека со прексиноќешната изведба, независно дали таа била нарачана или гаф, од колективната меморија не можат да се избришат македонските херои или кое било друго негово обележје. Многу поопасно, нагласуваат соговорниците, ќе биде ако тоа го направат оние што застапувајќи ги „државните интереси во меѓународните и во билатералните преговори и договори“ ги забораваат или допуштаат да бидат изоставени македонскиот народ и неговата засебност и белези.
Во меѓувреме, од американската амбасада во Скопје се огласија на социјалните мрежи со извинување за случајот, кој го објаснија како ненамерна емотивна грешка.
– Имаме длабока почит кон традициите, историјата, хероите и иднината на нашиот пријател, партнер и сојузник Северна Македонија. Разбираме дека во емотивни моменти ненамерно може да се случат грешки, но им се заблагодаруваме на нашите пејачи за нивните прекрасни изведби – објавија од амбасадата на Твитер.
Со слично извинување се обрати и пејачката Тамара Тодевска, која на Фејсбук напиша: „Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната“.
Сепак, таквите извинувања не ги намалија реакциите во македонската јавност, па меѓу другото се цитира и членот 178 од Кривичниот законик, според кој „тој што со исмејување намерно ќе ја изложи на подбив Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“. Свесното пропуштање на првиот стих од химната во кој се споменуваат Гоце Делчев и Даме Груев, за дел од експертите може да се третира како обид за исмејување и непочитување на националниот симбол.
– Македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“ е напишана од Владо Малески во 1941 година и досега има претрпено три мали измени во текстот за да се приспособи на периодот во кој се изведува. Колку што ми е познато, најновата верзија на текстот е во употреба од 1991 година. Верзијата што Тамара Тодевска, наводно, ја испеала сношти, е некоја комбинација на текст од оригиналната верзија, верзијата од 1989 и новата, од 1991 година. Националната химна на секоја држава е неприкосновена свечена песна, која не смее да претрпи импровизации, моделирања, сквернавења. Очекувам надлежните да утврдат дали интонирањето на видоизменетиот текст на химната сношти навистина се случил, зошто се случил, дали бил со намера и политичка заднина или, едноставно, превид без зла намера. Со оглед дека американскиот протокол ми е во тесна специјалност, знам многу добро колкаво значење има американската химна за американскиот народ и колку се вреднува традицијата на нејзиното интонирање. Но знам колкава важност има и мојата химна за мојот народ! Оттаму, очекувам објаснување за овој случај, доколку навистина се случил. А патем, прекршочните одредби за погрешното изведување на македонската химна се дадени во законот, од член 30 па натаму! – пишува на фејсбук-страницата на Академијата за протокол.
Овој инцидент со македонската химна во американската амбасада, иако од актерите на настанот објаснет како „ненамерна грешка“, во македонската јавност не се доживува толку наивно. Некои го доживуваат како вовед во дебата за текстот на химната.
– Приврзаник сум на ставот дека треба да им се верува на луѓето кога се извинуваат.
Но разбирам дека и целиот политички амбиент во земјава по промената на името на државата, па историската дебатата, која е актуелна, за личности од македонската историја, предизвикува нервозна реакција во јавноста и секоја грешка се доживува како заговор. Инаку, песната со текстот „Денес над Македонија се раѓа“ првпат татко ми, Владо Малевски, ја испеал во Струга, на Нова година, меѓу 1941 и 1942 година, и оттогаш имало многу мали измени во лириката. Сепак, тој имаше интересен однос кон своите авторски песни. Тој сметаше дека кога народот ќе ги прифати и ги изведува, тие се веќе обнародени и му припаѓаат нему – на народот. Секако, тоа го доживуваше како најголем комплимент за еден автор. Е, сега, колку химната соодветствува на денешниот историски миг, колку во неа се пронаоѓаат и идентификуваат другите етнички заедници во Македонија е тема на една друга посложена дебата. Таква дебата постои и во Франција, за Марсељезата, во која има зборови што повикуваат на „чиста крв“. Политичкиот миг во Македонија е таков што настани како овој, со ненамерната грешка при изведбата на македонската химна, може да се толкуваат и како отворање дебата за текстот на химната – вели професорот Денко Малевски, син на авторот на стиховите на македонската химна Владо Малевски.
Државните, односно националните белези на македонскиот народ и држава имаат и форма и содржина на светост и реликвија. Меѓу другото, затоа тие се и стипулирани во првите членови на највисокиот правен акт, како највисок облик на обележје на еден државен и етнички ентитет, на што почиваат и традицијата и историјата, и сегашноста и иднината. И со тоа не може да има ниту импровизација, ниту играње, ниту саботажа. Бидејќи ѓаволот ќе ја однесе шегата или грешката…