Истражувањата за сѐ поголемиот број граѓани на ЕУ што се против проширување на Унијата во следните години, по принципот „не ме сакаш, не те сакам“, резултираат со константен пад на желбата за зачленување кај граѓаните во земјите-аспиранти за членството
Каков е навистина односот на македонските граѓани кон интеграцијата на Македонија во Европската Унија е дилемата што се наметна по објавувањето на резултатите од последната анкета спроведена минатиот месец од страна на реномираната организација „Евробарометар“. Имено, завчера во објавените резултати од анкетата беше констатирано дека поголемиот број граѓани на ЕУ се против проширување на Унијата во следните години со нови земји. Се претпоставува дека ваквиот развој и порастот на евроскептицизмот кај граѓаните во ЕУ околу идното проширување на Унијата директно влијаат врз расположението на населението од земјите-аспиранти, меѓу кои се и Македонците.
Истражувањето во кое, покрај земјите-членки на ЕУ, беа вклучени и граѓаните на петте земји-кандидати за членство во Унијата, покажа дека во Македонија поддршката за влез во ЕУ е 58 отсто, а кај Турците овој процент изнесува само 35 проценти. Според „Евробарометар“, четириесет и пет отсто од граѓаните на Црна Гора сметаат дека членството во ЕУ е добро за нивната земја, додека во Србија овој процент изнесува 42. Додека во самата ЕУ, проширувањето со нови членки во следните години го поддржуваат само 43 отсто од граѓаните, а 45 проценти се против, во соседна Албанија дури 93 отсто од испитаниците изјавиле дека членство би било добро, а само еден отсто биле со негативен став.
Доколку, пак, се земе предвид поддршката на македонските граѓани за влегување во ЕУ, почнувајќи од 1990 година, кога земјава почна да ја вообличува својата државност и да ги дефинира приоритетите, меѓу кои беше и членството во Унијата, а таа тогаш според многу анкети изнесуваше над 90 отсто наспроти сегашните 56 проценти, заклучокот на познавачите на состојбите би бил дека тоа е резултат на долгогодишното тапкање во место во процесот на евроинтеграцијата. Коментирајќи ја најновата анкета на „Евробарометар“, поранешниот амбасадор и познавач на состојбите во ЕУ Нано Ружин вели дека постојат три фактори што во континуитет низ годините влијаат врз расположението на македонските граѓани во однос на интеграцијата во ЕУ и на довербата кон Брисел.
– Првенствено сакам да истакнам дека евроскептицизмот што владее кај европските граѓани околу идното проширување на Унијата има директно влијание и врз расположението на домашното население во однос на симпатиите кон ЕУ, по принципот „не ме сакаш, не те сакам“. Понатаму, многу луѓе влегувањето во ЕУ го споија со договорот од Преспа, што исто така се должи на антиевропските расположенија што доаѓаат од опозицијата во смисла дека ќе ги изгубиме идентитетот, јазикот, државата итн. И третиот елемент што треба да се напомене е дека постојат граѓани што не се задоволни општо и сметаат дека ниту со влегување на Македонија во ЕУ нема да има промени на нивниот социјален статус. Сепак, и покрај овие фактори што ги напоменав, мислам дека мнозинството граѓани ги поддржуваат евроинтеграцијата на нашата земја и политиките на ЕУ што се применуваат кон нас, без оглед на сѐ, а тоа е доволен показател дека треба да продолжиме да го чекориме тој пат, трасиран уште во 1990-тите години. Во Хрватска, пред да влезе во ЕУ, поддршката кај населението исто така беше 58 отсто, слично на нашата сегашна, што е доволно висок процент и убеден сум дека во периодот што следува тој ќе се зголемува како што ние ќе напредуваме кон вратите на Унијата – оценува Ружин.
Професорот Лазар Лазаров, пак, не мисли дека во ЕУ расте евроскептицизмот во однос на ново проширување на Унијата. Лазаров е убеден дека Унијата е една од најтранспарентните институции и својата посветеност кон земјите-аспиранти ја покажала преку давање финансиски поддршки за развој и преку постојани ангажмани, кои говорат дека таа сепак сака да го види регионот во границите на Унијата.
– Поддршката од ЕУ е голема и константна во минатото и сега, и покрај променливото расположение кај нашиот народ во однос на нејзината политика кон земјава. Брисел помага, советува, дава техничка поддршка, како од ЕУ така и од поединечните земји-членки, што говори дека има силна посветеност без оглед на некои земји-членки на ЕУ што се противат за ново проширување. Суштинска важност за Македонија е да постигне успех во својата цел – да се приклучи во ЕУ, а тоа може да се стори единствено преку спроведување на реформите и отстранување на забелешките што секојдневно пристигнуваат на наша адреса од Брисел. Секои други фактори што се наметнуваат патем треба да се воочат, но не и да им се даде некакво значење како ова последното, дека опаѓала поддршката на населението во однос на проширувањето на Унијата кон Балканот – завршува Лазаров.
Инаку, анкетата на „Евробарометар“ е спроведена од 8 до 22 ноември, при што се испитани 32.600 луѓе во ЕУ и во земјите-кандидатки – Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција, како и во непризнаената Турска Република Северен Кипар. Најголема поддршка за проширувањето на ЕУ има во Шпанија (71 отсто), Полска и во Литванија (66), Романија (65), Унгарија (62) и Хрватска (61). Најголем процент противници на проширувањето има во Финска (64), потоа следуваат Франција (62), Германија (61) и Австрија (58 проценти).